• 21.04.2021 09:27

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Анализа на последните и актуелните изборни циклуси во Романија

BySarissa Editor

Nov 27, 2020
Сашо Петковски

По падот на комунистичкиот систем Романија конечно стана демократска земја. Со големи последици од канџите на тоталитарниот режим, народот успеа да ја земе слободата во свои раце. Позицијата на Романија во пост комунизмот не беше на завидно ниво. Тие лузни и ден денес се чуствуваат во земјата на Карпатите.

На престојните избори главни ривали на романската политичка сцена се PSD или Социјал-Демократската партија и PNL т.е. Либерално-Националната партија. PSD се во врвот уште од самиот почеток. Тие победија и на првите демократски избори во Романија каде ја победија Земјоделската партија. На изборите во 2004 PSD беа поразени од алијансата која ја направија PD Демократската партија (која подоцна се спои со Либерал Демократската партија во 2007 година и стана PDL) и десничарската  PNL или Национал-либералната партија. Битно да се посочи во оваа транзиција е дека PD биле идеолошки социјалисти, но кога се случила фузијата тие својата идеологија ја променија од социјализам во либерален конзервативизам. На наредните избори во 2008 година PNL и PDL настапија одделно. Тука PDL беа поддржани од PSD и тогаш се формира широка влада.

Неприродната коалиција помеѓу PDL и PSD сепак  се распадна пред наредните избори во 2012 година кога социјалистите настапија со нова коалиција, овој пат со PNL . Таа коалиција составена од тотално различни идеологии на изборите се покажа успешна и освои убедливи 60% од гласовите. Тогаш за премиер беше избран Виктор Понта од PSD кој беше обвинет за плагијат и за фалсификување на диплома по магистерски студии во Италија.

Пред наредните избори во 2014 година PDL и PNL, двете најголеми конзервативни партии се соединија и го задржаа името PNL или Национал Либерална партија. Иако се очекуваше оваа коалиција да бележи огромна победа на изборите во 2016 година, сепак тие беа поразени од социјалистите PSD и загубија 20 пратенички места во однос на минатите избори во 2012 година. За премиер беше избран Сорин Гриндеану од PSD  т.е. Социјал-Демократската партија на Романија.

Поради недостатокот за мнозинство тие коалицираа со АЛДЕ (Алијансата на Либералите и демократите). Но кабинетите постојано се менуваа поради нивната нестабилност. Во 2017 година парламентот изгласа недоверба и Гриндеану ја напушти позицијата премиер. Социјалистите го предложија Михаи Тудосе од кого подоцна истата година самите му изгласаа недоверба. Истата 2017 година PSD предложија трет премиер и за прв пат жена, Виорика Данчила. По две години во 2019 таа ја доживеа истата судбина како и предходните двајца, кога и за неа беше изгласана недоверба.

Оваа влада на остана запаметена со креацијата на Специјалното обвинителство . Еден од најнестабилните моменти на политичката сцена во Романија со најмасовни протести после 1989 година. На крајот од денот тие кои го направија овој суд станаа криминалци, вообичаено за политичари од социјал-демократската постава. Лидерот на PSD беше обвинет во 2018 за малверзации и беше осуден на 3 годишна казна затвор, која во 2019 започна да ја отслужува. Претседателот Клаус Јоанис (член на PLN)  во тие турбулентни времиња го назначи за премиер на Романија, Лудовик Орбан од PNL.

Како и сите останати оваа 2020 година во февруари и против него беше изгласана недоверба. Еден месец подоцна Орбан предложи нов кабинет кој веднаш беше прифатен и поддржан дури и од најголемата опозиција, PSD.

Политичката сцена во Романија е крајно турбулента. Во оваа анализа на минатите избори може да се заклучи дека нестабилноста е огромна. Вештачки коалиции од партии со различни идеологии, левичари заедно со десничари, десничари со левичари, честа недоверба, превирање во PSD и борба за превласт помеѓу нивните членови. За разлика од останатите земји во Европа, каде социјал-демократските партии се проевропски, а конзервативните во голем дел евроскептици, во Романија играта е различна. Тука конзервативците и PNL се поревропски а PSD и левичарите се евроскептици. Политичка сцена полна со криминал, недоверба и нестабилност.

На 6ти декември 2020 ќе се одржат парламентарни избори во Романија. Избирачкот систем се состои од 329 членови на парламентот. Од нив 308 се избираат од 42 општини во Романија и Букурешт додека  4 се избираат од државјаните кои живеат во странство. Малцинствата исто така имаат 17 места кои се резервирани за нив. Вкупно 136 членови на Сенатот исто така се избираат порпорционално распределено. Во 41 општина се избираат 121 место, Букурешт избира 13 места додека 2 места се резервирани за граѓаните кои живеат во странство.

Да се навратиме на рејтинзите. По победата во 2016 година PSD уживаа огромна предност во однос на PNL, со дури 50%. Таа огромна предност продолжи и во 2017 и 2018 година. По неуспешниот референдум во октомври 2018 година поддршката за PSD започна да опаѓа. Во 2019 година кога лидерот на PSD Драгнеа беше осуден на казна затвор, PNL конечно доби предност од 8% во однос на PSD. Оваа предност остана стабилна преку целата година. Со реизборот на претседателот Клаус Јоанис предноста се зголеми во поголем размер.

Пред локалните избори годинава, USR и PLUS направија коалиција и се очекува на парламентарните избори да бидат трета партија која би освоила голем број на гласови, доволни за да станат фактор, без чија коалиција идната влада не би можела да се формира. Друг битен, но и нов момент на овие избори се PRO, социјал-либерална партија која е нова и е формирана во 2018. Нејзин лидер е екс социјал-демократот и екс премиер од PSD, контроверзниот Виктор Понта. Во октомври 2020 година ALDE Алијансата на либерал-демократите направи фузија со PRO, но рејтигот им е на незавидно ниво со само 4.6%  што ги прави понепопуларни и од партијата на унгарското малцинство.

Според CURS, IMAS и BCS, Национал-либералната партија во октомври бележи предност со вкупно 32% или во просек 7% повеќе од социјалистите PSD, кои имаат 25%. Анализите и за месец ноември покажуваат сличен рејтинг како за октомври, каде за сигурен победник се предвидува PNL.  Во секој случај анкетите покажуваат дека победникот нема да има апсолутно мнозинство и дека ќе мора да формира коалиција. Во случајов без поддршка од коалицијата на PLUS и USR, како и UDMR (партијата на унгарското малцинство)  нема да биде возможно да се формира следната влада на Романија.

Останува да видиме што ќе се случи на 6ти декември 2020 година и да се надеваме дека во Романија ќе заврши политичката криза. Аналитичкиот тим на Институтот Сариса предвидува победа на Лудовик Орбан и PNL, како и успешно формирање коалиција и нова влада предводена од конзервативците.