• 21.04.2021 00:30

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Анализа на Сашо Петковски – „Партиски избори на ЦДУ 2021“

BySarissa Editor

Jan 15, 2021
Сашо Петковски

После долго одолговлекување заради кризата од корона, на 15ти јануари 2021 година конечно ќе се одржат внатрепартиските избори во Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Кризите во партијата започнаа околу оставката на германската канцеларка Ангела Меркел, која беше на чело цели 18 години. Таа поднесе оставка на 7ми декември 2018 година, при што беа организирани избори на кои учествуваа нејзината миленичка – сегашната претседателка на партијата, Анагрет Каренбауер (најнеуспешната претседателка на ЦДУ), Фридрих Мерц (вечниот ривал на Меркел и противник на нејзините политики) и Јенс Шпан (актуелен министер за здравство и поборник за геј заедницата).

На тие избори победи Каренбауер со разлика од само 3 проценти од гласачите. По неуспешното управување со партијата како и неколкуте катастрофални изборни циклуси во неколку сојузни држави каде заради своите либерални ставови огромен број десно ориентирани гасачи гласаа за Алтернатива за Германија, таа одлучи дека треба да си замине од позицијата.

На почетокот, изборите беа закажани за 25ти април 2020 година во Берлин, но поради ковид 19 тие беа одложени. Следеа повеќе одложувања кои беа остро критикувани од кандидатот Фридрих Мерц, кој уживаше огромна предност во моментот.

Прв кој ја поднесе својата кандидатура по оставката на Каренбауер беше Норберт Рутген, потоа една недела подоцна се пријавија и Армин Лашет и Јенс Шпан. Шпан подоцна се повлече и ја поддржа кандидатурата на Лашет и стана негов заменик. Истиот ден се кандидираше и големиот Фридрих Мерц.

Кои се овие луѓе, кои ужива најголема популарност и што може да се очекува од нивното преземање на партијата?

Армин Лашет е сегашниот претседател на сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија од 2017 година, заедно со поддршката на Јенс Шпан очекува да ја реши кризата во партијата со неговата кампања со која пробува да угоди на центристите и на десничарите. Тој е и еден од замениците претседатели на христијанско-демократската унија, како и претседател на партијата во Северна Рајна Вестфалија. Деклариран десничар кој е католик и е познат по тоа што лобираше за забрана на носење бурки во Германија за девојчиња под 14 години и голем противник на истополови бракови. Сепак како човек од доверба на Меркел која е ултра либерална и ја однесе партијата во погрешен смер, не може да се очекува дека би направил некои промени во досегашните политики на партијата. Тој за свој заменик го назначи Шпан кој е деклариран и венчан геј и страствен поборник за права на мигранти (воедно и министер за здравство). Честопати е обвинуван дека е штетен за надворешната политика како близок пријател на Русија и Кина. Неговата победа не би имала некое значење за иднината на партијата туку во глобала би останала како досега со тенденции да изгуби сѐ повеќе десничарски гласови.

Фридрих Мерц е вечниот ривал на Меркел. Тој ја изгуби битката со Меркел во 2000та година со што го изгуби и влијанието во партијата. Тој остана пратеник во собранието до 2009 година, по што се повлече од политиката и продолжи во приватниот сектор. По оставката на Меркел, тој реши повторно да се врати на сцената каде на внатрепартиските избори загуби за минорни 3 проценти. Тој не се откажа, остана голем противник на сегашните политики на партијата, на Меркел и на сегашната претседателка Каренбауер. Неговите критики допринесоа за притисокот таа да поднесе оставка. На овие избори повторно како кандидат со солидна поддршка очекува да победи како алка која фали за да се вратат десничарските загубени гласови. Мерц е голем конзервативец со цврста конзервативна идеологија. Тој е застапник на слободниот пазар, остар кон криминалот, противник на нелегална емиграција и се залага за зачувување т.е. конзервирање на германската култура и на времето промовираше Лајткултур (leitkultur), задолжително изучување и имплементирање на германската култура за сите новодојденци кои сакаат да живеат во Германија. Доколку победи Мерц, партијата ќе се врати на нозе. Ќе ги придобие загубените десничарски гласови, ќе ги заостри законите за доселеници и ќе ги врати вистинските вредности.

Норберт Рутген е последниот кандидат. Тој е член на партијата со децении и пратеник во парламентот уште од 1994 година. Познат центрист кој воопшто не поседува конзервативни идеали, тој се залага за принципите на старата германска република, трансатлантицизам како и цврста позиција на Германија во рамките на Европската Унија. Доста е критикуван дека нема способност да ја одведе партијата во правиот смер особено по неговиот пораз во сојузната држава Северна Рајна Вестфалија. Иако не се очекува да победи, но сепак доколку тоа се случи нема да има некои промени во самата партија.

Мерц ужива најголема популарност според анкетите. Тој уште во ноември според Infratest Dimap, имал 27% од 1000 испитаници (39% од испитаници членови на ЦДУ), додека Рутген имал 16%, а Лашет имал 15% (15% и од ЦДУ испитаниците). Истиот месец според Civey од 5000 испитаници, Мерц водел со 33.5% (43% помеѓу ЦДУ испитаници), а Лашет само 12% кај општите и ЦДУ испитаниците. Рутген пак според Civey за месец ноември добил високи 28%. За месец декември според анкетата на Civey од 7000 испитаници, Мерц имал 29% (38% меѓу ЦДУ испитаници), Лашет само 12%, додека пак Рутген за прв пат зазема водство со 30%. Јануари, според Infratest Dimap, водството повторно го зазема Мерц со средно 28%, додека Лашет и Рутген имаат по 23%. Според анкетата на Civey за месец јануари (воедно и последна анкета пред изборите) направена од 5000 испитаници, Мерц ужива 30% ( кај ЦДУ испитаниците има огромни 41%), Рутген има 32% (но 31% кај ЦДУ испитаниците), а Лашет има само 12%.

Според делегатите на партијата на еден ден пред изборите 410 кажале дека го поддржуваат Фридрих Мерц, 310 го поддржуваат Лашет, додека 180 го поддржуваат Рутген. Останати се уште 100 делегати кои се уште се неопределени и доколку го одржат ветеното доволно е само уште еден делегат да го поддржи Мерц за тој да биде победник.

Овие избори не се само партиски избори, тие на некој начин се и избори за Германија бидејќки од нив зависи кој ќе владее со најсилната земја во Европската унија. Институтот за конзервативни политики – САРИСА ја дава својата поддршка на Фридрих Мерц, како единствен кандидат со конзервативни вредности, а воедно според своите анализи верува во негова победа и конечно партијата ЦДУ да се врати на своите вредности кои би ги вратиле своите гласачи со кои на идните парламентарни избори здружени со своите партнери ЦСУ кои сѐ уште ги држат конзервативните вредности ќе остварат огромна победа на чело со Фридрих Мерц.

Фридрих Мерц е името кое ќе остане запаметено.