• 31.07.2021 15:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Анализа на Тамара Митковска – „Пораст на криминалното однесување кај децата“

Bysrs-editor

Mar 26, 2021
Тамара Митковска

Кога пред себе имате сторител на кривично дело со старост од 14 до 18 години, пред себе воедно имате и примарна жртва. Жртва која системот, родителите им нанеле нешто лошо, а вие не сте реагирале на време.

Согласно категориите деца што подлежат на кривична одговорност, дете во судир со законот од 14 до 16 години е секое дете кое во времето на извршување на дејствието со закон предвидено како кривично дело за кое е утврдена казна затвор над три години наполнило 14, а не наполнило 16 години. Дете во судир со закон над 16 години е секое дете кое во времето на извршување на дејствието со закон предвидено како кривично дело за кое е утврдена казна затвор над три години наполнило 16 години, а не наполнило 18 години.

Во оваа група спаѓаат всушност двете старосни категории деца кои со поранешната терминологија беа означувани како „помлади малолетници“ и како „постари малолетници“. Суштината на кривичната одговорност останува иста, а само е прифатена нова терминологија, со една важна разлика во однос на кривична одговорност само за потешки кривични дела казниви со затвор над три години, бидејќи за полесните се применува начелото на целесообразност и истите се третираат како деца во ризик.

Во Македонија, кривичните дела сторени од малолетници, најчесто се вперени против имотот, прецизно речено, најчести се кражбите. Една од домашните статистики, според Министерството за внатрешни работи, укажува на тоа дека бројот на извршени тешки кражби, иако најзастапени, веќе од минатата година незначително почнува да се намалува. Во вкупниот број на сторители на тешки кражби во 2019 година, од регистрирани 3050 сторители 512 се деца од 14 до 18 години, односно 56 се деца до 14 години. Иако бројката на сторители-деца од 14 до 18 години значително е намалена во 2020 година и изнесува 110, бележиме зголемување на бројот на деца до 14 години – сторители на тешки кражби, односно нивниот број изнесува 71. Зголемување на бројот на сторени кривични дела каде како сторители се јавуваат деца до 14 години имаме и кај разбојничките кражби, каде во однос на 2019 година кога имало само 6 такви случаи, во 2020 година тој број е зголемен за 55%.  Вредно е да се напомене дека децата до 14 години не се јавуваат како сторители на кривични дела против животот и телото.

За разлика од нив, се бележи раст во извршените кривични дела каде сторители се деца од 14 до 18 години, особено кај кривичните дела учество во тепачка, силување и полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, каде зголемувањето бележи раст од околу 50% во 2020 во однос на 2019 година.    

Во оваа група кривични дела, кои најчесто се завршуваат со телесна повреда или тешка телесна повреда, карактеристично е и групното делување кога се во прашање малолетниците како сторители. Малолетниците, за разлика од возрасните или полнолетните сторители, поголемиот број од овие кривични дела ги сторуваат како соучесници, во пар или во група, верувајќи дека се така најсигурни. Дури во своите изјави пред полиција, кога ќе бидат раздвоени од групата, би се видело кои се тие навистина – деца. Деца, кои можеби порано созреале, но се емоционално потполни незрели. Всушност тука се наоѓа полето на кое треба повеќе да им се помогне, бидејќи не може да бидат емоционално зрели со оглед на тоа дека се растени во време на вооружени конфликти и разни транзициски периоди.

Во оваа прилика вреди да се потенцираат и кривичните дела поврзани со наркотичните дроги, па би истакнале дека иако неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори бележи незначителен пад, овозможувањето на употреба на наркотични дроги од страна на деца од 14 до 18 години бележи раст за околу 2%, што ни укажува на тоа дека оваа група на малолетници влегува со посериозна бројка во делот на уживатели на наркотични дроги, односно на сторители кои тоа го овозможуваат.

Во последно време, во Македонија сме сведоци на ужасни глетки на социјалните мрежи каде без никаква цензура се објавуваат видеа во кои се врши мачење животни и нивна злоупотреба за борби. Во 2020 година, согласно податоците на Министерството за внатрешни работи, ваквата појава бележи раст во однос на 2019 година и изненадува фактот што во вкупниот број на сторители на кривичното дело мачење животни, децата од 14 до 18 години партиципираат со 90% во вкупниот број сторители во 2019 година, односно 30 % од вкупниот број сторители на овие дела сторени во 2020 година.

Излезот од ваквото зголемување на бројот на малолетници – сторители на кривични дела е секако превентивното делување и сведувањето на минимум на изречените казни, односно нивна примена откако ќе се исцрпат сите методи кои не се дел од репресивните можности за таа намена.

Со употребата на превентивните мерки, кои во голем дел претставуваат воспитни и алтернативни мерки со доза на прекршочни санкции, би се дала заштита и помош на децата, нивно стручно оспособување и развој на нивната одговорност, а со тоа и нивно воспитување, превоспитување и вистински правилен развој. Во овој случај, изрекувањето на казна која се состои од лишување од слобода, надлежниот суд би ја одредил само доколку не е постигната целта со одредување на горенаведените превентивни мерки.

Системот на санкции спрема децата што ги предвидуваат одделни држави се резултат од влијанието и на меѓународните инструменти на ООН и Советот на Европа, кои имаат за цел да ги постават основните стандарди и начела во однос на санкциите спрема децата и да придонесат кон компатибилност на санкциите во националните системи на правда за децата. Во тој контекст на санкции спрема децата внимание заслужуваат: Препораката на Советот на Европа Р(97)12 за кадрите задолжени за спроведување на санкции и мерки; Препораката на Советот на Европа ЦМ/РЕЦ(2008)11 за Европските правила за малолетни престапници субјекти на казнени санкции или мерки; Препораката на Советот на Европа Рец (2000)22 за унапредување на примената на Европските правила за санкциите и мерките кои се применуваат во заедницата; Препораката на Советот на Европа Рец (2003)22 за условниот отпуст; Препораката на Советот на Европа ЦМ/РЕЦ(2010)1 за пробациските правила.

Сето ова укажува на тоа дека нема недостаток во уредувањето на правната рамка која ја регулира оваа област, туку недостатокот се јавува во делот на нејзиното ефикасно спроведување.

Согласно направената возрасна поделба на малолетниците, деца до 14 години и оние од 14 до 18 години, превентивните мерки од социолошки аспект се и треба да се поприменливи врз децата до 14 години, додека оние од воспитен и алтернативен карактер во корелација со прекршочните санкции се и треба да се поприменливи кај децата од 14 до 16 години. Оној филтер кој би се воспоставил како превентивна мерка кај децата до 14 години, позитивно би се рефлектирал и би довел до намалување на бројот на сторители на кривични дела кај децата од 14 до 18 години.

Во преземањето на сите овие мерки секако се истакнува улогата на родителите и на семејството. Доколку во домот е присутно психичко, физичко или сексуално насилство, криминално однесување, се зголемува веројатноста и самото дете да се однесува на тој начин. Ако детето израсне во стабилен дом и свеста за последиците од алкохолот, цигарите и дрогата е на високо ниво, тогаш децата нема да имаат воопшто потреба да се акумулираат во такво општество.

Во таа насока улогата на државата исто така не смее да биде запоставена. Таа треба да обезбеди добар и стабилен живот за родителите подоцна да овозможат подобар живот за своите деца. Државите кои се со висока стапка на корупција, непотизам, мито, непочитување на законите, ниски плати, доведуваат до незадоволни родители, а со тоа и незадоволни деца Онаму каде квалитетот на живот е на ниско ниво и децата како идни генерации се осврнуваат на криминалот како начин за стекнување на “финансиска помош“ и девијантното однесување, како начин за справување со проблемите.

Понатаму, институциите во самата држава треба да делуваат превентивно, да имаат јасна стратегија и со тоа да се залагаат доволно за идните генерации, да преземаат мерки за новите генерации и што помалку да практикуваат казнени методи. Во овој контекст, училиштата како  воспитни и образовни институции треба да бидат присутни за секој пропуст кој го имале родителите при воспитувањето на детето, што согласно статистиките не се потврдува како активност од нивна страна, особено поради високото ниво на корумпираност во образованието.

Децата кои растат во таков образовен систем во кој подоцна ќе ги одгледаат своите деца исто како што и тие биле одгледани, голема е веројатноста да не научат да станат „луѓе“, а согласно растот на бројот на малолетници сторители на кривични дела, неспроведувањето на превентивните мерки уште во нивната најрана возраст ќе доведе кон нивно прераснување во сериозни криминалци.