• 20.04.2021 13:29

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Балканската рута и транспортот на наркотици во западна Европа

BySarissa Editor

Dec 15, 2020
м-р Оливер Ристески

Балканскиот полуостров претставува раскрсница за нелегалната трговија со наркотици. Неговата местоположба претставува „мост” за копнената рута која ја поврзува западна Европа со источна Азија, како најголем светски производител на наркотичната дрога хероин. Тука се вкрстуваат сите патишта за транспорт по копно на хероин од Авганистан до западна Европа. Преку пристаништата во Албанија (Драч) и Црна Гора (Бар) се врши транспортот по вода на кокаинот кој што доаѓа од Латинска Америка и преку земјите од балканскиот полуостров се дистрибуира до западна Европа, а дел останува тука и во регионот.

Според извештајот на ЕУ за проценка на закани за сериозен и организиран криминал, (Serious And Organised Crime Threat Assessment – SOCTA), Албанија претставува најголем производител на марихуана во Европа, а Мароко е најголем производител на хашиш, кој енаменет за Европа. Поголемиот дел од албанската марихуана се дистрибуира преку балканската рута по копно во западна Европа, а помал дел од оваа дрога е наменет за земјите од регионот. Според овој извештај вредноста од бизнисот со дрога изнесува најмалку 24 милијарди евра на годишно ниво.

Евидентно е, од досегашните успешни операции на полициските сили во неколку држави, дека криминалците континуирано бараат нови методи за транспорт на наркотичната дрога и користат информатички технологии за да го направат својот бизнис потежок за откривање и докажување. Користењето на darknet – мрежата и разни видови на програмски плаформи за продажба на наркотици преку Интернет и употребата на криптовалутите ги намалуваат ризиците од откривање од страна на безбедносните служби. Производството на синтетички дроги (екстази, амфетамини и метамфетамини) до пред десетина години беше претежно во Холандија и Белгија, но во последните неколку години се бележи раст на производството на синтетички дроги и на Балканот, а за тоа говори и фактот што беа откриени неколку т.н. лабаратории за производство на синтетички дроги во регионот.

Според извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал, балканските земји Турција, Бугарија, Грција, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, низ кои поминува т.н. балканска рута претставува најголем извор за хероин во западна Европа. Според овој извештај се проценува дека годишно транзитираат 80 тони хероин низ западен Балкан кон западна Европа. Балканот и во минатото, но и денес претставува „мост“ меѓу истокот и западот и голем дел од наркотиците транзитираат низ регионот. Извршителите на нелегалниот транспорт на наркотици се воглавно меѓународни организирани криминални групи. Нивните босови го планираат и организираат нелегалниот транспорт на наркотици, вклучувајќи специјализирани криминалци-транспортери за транспорт на наркотиците од една локација до друга, притоа користејќи специјализирани бункери во моторни возила за криење на наркотичните дроги.

Меѓународната полициска соработка во оваа област е дел од секојдневната пракса на криминалистичките полиции во регионот, нејзините специјализирани тела и други институционални тела за борба против организираниот криминал. Примената на посебни истражни мерки, посебно во делот на контролиран транспорт за овој вид на криминалитет е неопходна, бидејќи станува збор за меѓународна истрага заради обезбедување на докази за „врвот“ на криминалната организација, кој што го планирал и организирал нелегалниот транспорт на наркотични дроги. Есенцијално е ваквата практика да продолжи и во иднина, со цел да се постигнат уште поголеми резултати во борбата со овој појавен облик на организираниот криминал.