• 15.04.2021 09:48

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Вархеји со порака: Македонија и Бугарија брзо да го решат спорот, Албанија е спремна за преговори

Bysrs-editor

Mar 12, 2021

Македонија го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатераните прашања со Бугарија, порача еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји од Економскиот форум што се одржува во Тирана.

Говорејќи за проширувањето, Вархеји рече дека новата методологија во Унијата влијаела на нацрт преговарачките рамки за Албанија и за Македонија, а земјите членки се уште не постигнале согласност и дискусиите продолжуваат. Тој, сепак, се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на Португалското претседателство со Унијата.

„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите.

Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија“, рече во обраќањето Вархеји.

Тој потсети дека ЕУ ветила дека целиот регион на Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но и дека нивните партнери во регионот ветиле дека ќе испорачаат реформи за тоа да стане реалност.

Реформите, како што кажа, некогаш се одвивале бавно, што беше причина некои од земјите членки да го доведуваат во прашање процесот на проширување и да не се согласуваат тој да продолжи.

„Од друга страна, многу често ЕУ не успеваше да одговори позитивно и едногласно кога партнерите од регионот покажаа резултати во реформите“, призна Вархеји.