• 16.05.2021 18:38

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

(ВИДЕО) Кина го лансираше првиот модул од својата вселенска станица

Bysrs-editor

Apr 29, 2021

Кина го лансираше клучниот модул на својата нова вселенска станица. Модулот Тианхе, во кој се наоѓаат станбените простории за членовите на екипажот, е лансиран од вселенскиот центар Венчанг, а Кина се надева дека новата станица ќе биде завршена и функционална до 2022 година.Единствената вселенска станица која во моментов се наоѓа во орбитата е Меѓународната вселенска станица (ИСС) во која учествуваат Русија, САД, Канада, Европа и Јапонија. Кина не учествува во тој проект.

ИСС треба да престане со работа по 2024 година, што значи дека во иднина кинеската вселенска станица Тиангонг би можела потенцијално да ја замени ИСС, односно некое време да биде единствениот таков објект во орбитата на Земјата.

Откако Советскиот Сојуз пред 50 години во орбитата ја испрати првата вселенска станица Саљут-1, луѓето своите научни експерименти и набљудувања ги спроведувале на вкупно 11 такви станици.

Кина наскоро во вселената би можела да има свој таков објект – Тиангонг или Небесна палата.

Кинеската вселенска станица (КСС), чија форма личи на буквата Т, ќе тежи по изградбата околу 100 тони, а ќе се состои од три главни модули: централниот модул долг 18 метри, наречен Тианхе (Хармонија на небото), и два модули за експерименти со должина од 14,4 метри, наречени Вентиан (Потрага по небото) и Менгтиан (Сонување за небото). Модулите за експерименти ќе бидат трајно прицврстени од двете страни на централниот модул.

На Тианхе во период од шест месеци ќе може да престојуваат тројца астронаути. Гостувачките астронаути и товарните вселенски бродови ќе се спојуваат на централниот модул на неговите краеви.

Тианхе и Вентиан на надворешниот дел ќе имаат роботски раце, а Менгтиан воздушна комора за одржување и поправање на елементите за експерименти поставени на надворешната страна на станицата.

Кинеската вселенска станица е дизајнирана да работи повеќе од 10 години. Ќе дел за експерименти во внатрешноста, како и повеќе од 50 приклучни места за експерименти на надворешноста на станицата за да се проучи како реагираат материјалите на вселенските услови.

Научниците на КСС ќе ја проучуваат вселенската физиологија, науката за животот, физиката на флуидите, науката за материјалите и ќе се бават со астрономија.