• 31.07.2021 16:34

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Витлеемската ѕвезда – символ на Христовото раѓање

Byurednik

Jan 6, 2021

Евангелскиот расказ за необичната ѕвезда, која се појавила над Витлеем пред скоро повеќе од 2000 години се уште го бранува човештвото.

Во древните времиња појавувањето или исчезнувањето на ѕвезда се поврзувало со раѓањето или смртта на голем човек. Старите народи: Грците, Римјаните, Персијците и другите, верувале дека човековиот живот зависи од небесните тела. Меѓутоа може да се покаже чудно дека мудреците од исток-астролози, здогледувајќи ја необичната ѕвезда, веднаш тргнале да го бараат Царот токму во Ерусалим.

Работата е во тоа што по целиот Исток било раширено убедување дека во најскоро време, токму во Јудеја треба да се роди Спасителот на светот, на Кого ќе му се поклонат сите народи. За ова напрегнато очекување на Јудејскиот Цар сведочат во своите дела историчарите Корнилиј Тацит (“Историја”), Светониј Транквил (“Животот на Визпазијан”) и Јосиф Флавиј (“Јудејска војна”).

Виргилиј во својата поема “Буколики” 40 години пред Раѓањето на Исус Христос напишал: “доаѓа ново време, доаѓа настан, кон кого одамна се стреми историјата од космички, вселенски размер, кој на времето ќе му даде ново одбројување.

Се смета дека за раѓањето на Спасителот и за ѕвездата која ќе Му претходи, се зборува и во книгата Броеви (глава 24, стих 17) од Стариот Завет: “Изгрева ѕвезда од Јаков и ќе се дигне жезел од Израилот”. Евангелието од Матеј сведочи, дека мудреците од исток, дошле во Ерусалим и уверено прашуваат: “Каде е родениот Цар Јудејски?” “А кога се родил Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: каде е новородениот Цар Јудејски? Оти ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме ….. Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над месстото, каде што беше младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна” (Мт. 2, 1 – 2, 9 – 11).

Евангелието зборува дека мудреците во Витлеем ги довела ѕвезда, која одела пред нив. Каква ѕвезда била таа? Христијанските писатели од првите векови (Игнатиј Богоносец, Ориген и Евсевиј) мислеле дека тоа била посебна, создадена за таквиот случај ѕвезда. Свети Јован Златоуст (IV век) и Блажени Теофилакт Охридски (XI век) сметале дека таа е божествена разумна сила која се јавила во лик на ѕвезда. Еве што пишува по тој повод блажениот Теофилакт Охридски во своето толкување на 2-та глава од Евангелието од Матеј: Слушајќи за ѕвездата, не мисли дека таа била една од видливите за нас: не, тоа била божествена и ангелска сила, која се јавила во лик на ѕвезда. Бидејќи мудреците се занимавале со наука за ѕвездите, затоа Господ, со за нив познат знак и ги привел, слично како рибарот Петар што го вчудовиди со мноштвото риби и го привлече при Христа. А дека ѕвездата била ангелска сила се гледа од тоа што таа дење силно светела, одела, кога оделе мудреците, блескала, кога тие не оделе: а особено од тоа што таа одела од север, каде што е Персија, на југ, каде што е Ерусалим: но ѕвездите никогаш не одат од север кон југ”.

Знаменитиот астроном Јохан Кеплер понудил природно објаснување за необичната појава. Тој докажувал дека видената ѕвезда од мудреците се појавила како резултат на реткото совпаѓање во една точка на најсјајните планети Јупитер, Сатурн и Марс. Набљудувајќи го ваквото соединување на планетите во 1603 година, Кеплер пресметал дека исто “соединување на планетите” требало да се случи во 747-748 год. од основањето на Рим. Интересно е дека во Лондонската опсерваторија во 60-те години од нашиот век посетителите можеле да ја видат реконструираната слика од англиските астрономи на ѕвезденото небо во годината на раѓањето на Исус Христос со сјајна ѕвезда.

Која верзија и да е точна (а Црквата не ја одрекува можноста за постоење на различни објаснувања на овој необичен факт), не треба да се заборави дека Библијата – не е учебник по астрономија, а Евангелската историја на Рождеството не претставува атлас на ѕвезденото небо над Витлеем и Ерусалим. Евангелието во крајна фаза е хронологија на настаните, кои се случиле пред 2000 години. Евангелието е радосна Вест (токму вака се преведува од грчки зборот евангелие) за целото човештво за неговото спасение од вечната смрт од Господа Исуса Христа.

Мудреците, кои оделе по ѕвездата за да му се поклонат на родениот Исус Христос, ги символизираат сите народи, кои одат по Изворот на Вечниот живот. Но во овој символ може да се прочита и обраќањето кон нас, кои живееме по овие 2000 години, -кои сме ние? Дали ќе појдеме по Витлеемската ѕвезда?