• 25.06.2021 14:46

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Владата бара продолжување на кризната состојба до крајот на годината

Во време кога бројот на заразени граѓани во земјава од ковид 19 значително се намалува, а се празнат и болниците во кои се лекуваат болните од вирусот, Владата бара од Собранието да одобри продолжување на кризната состојба во земјава дури до крајот на годинава, односно до 31 декември 2021 година.

Како што е познато, според последната владина одлука која беше одобрена и од Собранието, во земјава има кризна состојба се до крајот на оој месец, односно 30 јуни 2021 година.

Сега Владата бара ново шестмесечно продолжување на кризната состојба, а како причина го наведува фактот што требало да се обезбеди континуитет во дејствувањето на Армијата и МВР, но и на сите надлжни институции, во спречувањето на ширењето на заразниот коронавирус.

Од Владата информираат дека на неодамнешна седница донеле Одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

Всушност, Владата, на седницата одржана на 1 јуни, врз основа на Записникот од Тринаесеттата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и Записникот од петтата седница на Група за процена, го прифатила предлогот на Управувачкиот комитет и ја утврди потребата да се продолжи кризната состојба до 31 декември 2021 година.

„Со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението во справување со последиците, заклучи да побара од Собранието да ја донесе Одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, во времетраење до 31 декември 2021 година“, се вели во владиното образложение за оваа Одлука за продолжување на крзната состојба..

Зачудувачки е што ова доаѓа во  време кога бројот на новозаразени од вирусот секојдневно се намалува, а се празнат и болниците и ковид центрите.

Од друга страна, од мерките кои постојат, веќе се укина обврската за носење маска на отворено, а полицискиот час важи од 24 часот до 4 часот наутро. Се дозволи и организирање на свадби по строги протоколи. Јавноста очекува, дали до средината или до крајот на месецов, да се укине и полицискиот час, но за тоа треба да одлучат надлежните органи.

Според експертите, кога во земјата постои кризна состојба, на тој начин властите создаваат правна подлога во секое време да ги заострат мерките доколку е потребно, како што е на пример, воведување или продолжување на полицискиот час.

Во тек е и вакцинација на населението, иако таа деновиве е забавена заради недостог од вакцини.

Здравствените експерти во светов и во земјава не ја исклучуваат можноста наесен да се појави нов бран на коронавирусот, особено доколку не се имунизира доволен процент од населението, но сите се согласни дека тој бран не би бил со силина и интензитет како за време на претходните бранови.