• 25.06.2021 08:43

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Со Нејскиот договор, Бугарија и Грција „доброволно“ иселуваат над 86 000 Македонци

BySarissa Editor

Nov 27, 2020

На денешен датум, во 1919 година е потпишан Нејскиот договор во Франција. Договорот е потпишан меѓу сојузничките и Здружените сили, од една, и Бугарија, од друга страна. Со него била потврдена поделбата на Македонија меѓу Грција, Бугарија и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Бугарија била присилена да се откаже од Струмичкиот крај и од дел од бугарската национална територија (Царибродско и Босилеградско) доделени на Србија, односно на Кралството на СХС. Со Договорот било утврдено репатрирање на воените заробеници и на интернираните лица, според тоа и тие од Вардарскиот и од Егејскиот дел од Македонија.

По барање од Грција, Бугарија прифатила во Мировниот договор да се внесе обврзувачка одредба за „доброволно“ иселување на етничките малцинства. Договорот помеѓу двете држави се вика: “Конвенција меѓу Бугарија и Грција за замена и доброволна емиграција на малцинствата“. Конвенцијата содржи 16 члена и е потпишана од премиерот на Грција Елефтериос Венизелос и министерот за надворешни работи на Грција Николаос Политис од една страна и премиерот на Бугарија и министер за надворешни работи , Александар Стамболиски од друга страна.

Како резултат на потпишаното, 86.571 македонци од Егејска Македонија биле присилно раселени и пратени за Бугарија. Бугарија, пак за возврат, присилно раселила илјадници Грци кои до тогаш го населувале целиот црноморски брег, но и дел од словенските, но патријаршиски фамилии кои живееле во градовите по јужната граница на Бугарија (Пловдив, Неврокоп, Мелник). Овие македонци биле принудени да се иселат затоа што се нашле во многу тешки и неподносливи услови, постојано тероризирани, провоцирани од грчките власти и од вооружените групи. Било природно единствениот излез за спас на нивните семејства да го бараат во бегство, со иселување, мислејќи дека на тој начин ќе се спасат од бесилка, од физичките и психичките малтретирања и дека ќе се ослободат од кошмарот во кои биле ставени, барајќи релативен мир во емиграцијата.