• 25.06.2021 14:38

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Годишнина од раѓањето на Христо Татарчев, еден од апостолите на македонската револуционерна борба

BySarissa Editor

Dec 16, 2020

Христо Татарчев е роден на 16 декември 1869 година во Ресен. Учи во Ресен, Брацигово и Пловдив. Студирал медицина во Цирих и Берлин. Дипломира како лекар во јули 1892 година. Потоа е поставен за школски лекар во Солунската машка гимназија „Св.Кирил и Методиј”.

Еден е од учесниците при формирањето на ВМОРО на 23 октомври 1893 год. во Солун и е избран за прв претседател на ЦК.

Во почетокот на 1901 година е осуден на 5 години затвор и е пратен на заточение во Подрум-кале. Амнестиран е на 19 август 1902 год.ина При крајот на 1902 година е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.

За време на Првата светска војна д-р Татарчев учествувал во неа како лекар. Во периодот меѓу двете светски војни се оддава на публицистика. Извесно време по војната живее во Италија. Во времето на окупацијата живее во Ресен.

По војната заминува за Бугарија од каде 1949 година оди во Италија каде и умира на 2 јануари 1952 година.

Основањето на ВМРО

Широкото ослободително движење што ја зафатило Македонија во 90-тите години од XIX век довело до формирање на тајна револуционерна организација. Иницијативата за тоа и припаднала на интелегенцијата. Македонските студенти во странство започнале да создаваат разни друштва во чија основа влегле револуционерните цели.

Од своја страна, тешките социјално-политички услови во земјата исто така придонесувале за спонтано создавање на групи, чија основна задача била самоодбрана од разните злосторници. Во 90-тите години од XIX век скоро во сите делови на Македонија егзистирале организирани групи од селани за самоодбрана. Само во непосредната околина на Битолско имало неколку такви групи.

Постоењето на разните групи и кружоци и разните концепции за тоа каков облик и цел треба да й се даде на идната револуционерна организација поттикнувале кон иницијативата за поставување основите на организација што ќе ги собере, ќе ги обедини расфрлените, распокинати сили, ќе ги потчини на една определена цел – ослободувањето на Македонија. Останувало само да се направи последниот чекор – обединувањето на националната сила на македонскиот народ во една општа револуционерна организација.

Во есента на 1893 година бил направен и тој чекор. На 23 октомври 1893 година (стар стил) во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, кое што ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – професор, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Aрсов – професор, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – професор, родум од с.Гуменџе, Ениџе Вардарско, основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.

Основната тема на состанокот била идната политичка работа во Македонија и неопходноста од организирана општествена дејност во неа. По долгата дискусија, групата се конституирала како друштво со задача сите присутни да работат за неговото ширење меѓу своите познати. Ползувајќи се од условите што ги давал Солун како централно место во Македонија, во кој се собирале учители, еснафи, трговци, свештеници, за кратко време бил привлечен голем број на луѓе во новото друштво. И што е уште поважно, се дошло до сознанието дека во Македонија постојат услови за развивање на усилена револуционерна дејност. Охрабрени од тоа, во почетокот на 1894 година, пред Богојавление, организаторите по вторпат се сретнале во Солун за да ги определат целта, името и статутот на Организацијата.

По обемната дискусија во која дошле до израз погледите на секој поединец, најпосле, според тврдењето на И.Х.Николов, се поставиле следниве цели пред новата организација: да биде тајна и револуционерна; нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна; во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Политичката цел на организираните Македонци била: автономија на Македонија, да се чува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.
На состанокот се решило еден од присутните, Петар Поп Арсов, да изработи проект на устав. Подоцна, кога овој Устав бил прифатен, се извршило и конституирање на новата организација. За претседател бил избран Христо Татарчев, а за секретар-касиер Даме Груев.