• 15.04.2021 09:57

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Годишнина од смртта на последниот гемиџија, големиот Павел Шатев

BySarissa Editor

Jan 30, 2021

Павел Шатев е роден во Кратово, на 15 јуни 1882 година.

Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.

Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата грандиозна акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Да слушне цела Европа, тоа е голема работа, да дознае стариот континент дека Македонија е сѐ уште поробена, но и тоа дека има луѓе кои крваво ќе се жртвуваат за својот народ, зашто и тој има право да живее – со оваа парола Гемиџиите го затресуваат Солун.
Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.

Од Гемиџиите преживува само Шатев. Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.

Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.

Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател. Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година е професионален разузнавач за СССР. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Oбединета).

Во 1931 година се враќа во Бугарија.

Во ноември 1941 година е упасен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

Избран е за делегат на Првото заседание на АСНОМ и по капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран за потпреседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година потоа станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.

Шатев се спротивува на насилното србизирање на Македонија од страна на комунистите.

По судирот со СССР околу Резолуцијата на Инфорбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како потенцијален непријател на државата“. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан во неможни услови.

Она што не им успеа на Султан Хамид и на цар Борис III, му појде од рака на Ј.Б.Тито и Л.Колишевски.

Истоштен од животот, а најмногу од доживеаниот очај, за кусо време се разболува и бидејќи не му било дозволено да се лекува, Шатев на 30ти јануари 1951 година починува беспомошно. Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Во неговиот осврт за подвигот на Солунските атентатори, Павел Шатев ќе каже:

„ Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни.

Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција… Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и зашто на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам, и оној – на Левски, кој по принцип дејствуваше низ бавна револуциона подготовка на народните маси.

Првата група е олицетворена во солунските атентати, а втората – во Илинденското востание. И тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија било позначајно, кој од тие два система бил повеличенствен – дали примерот на личната бестрашност, или пак систематската подготовка на масите за револуцијата. И ако последното донесе едно самосознание на македонските маси, коешто веќе ја твори и втората песна на македонската епопеја, првото е оној стимул, којшто го создава македонскиот идол на револуцијата, на когошто веќе му се восхитуваат вековите… Така, солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните поколенија.

А делото коешто дошло веќе до таа кулминациона точка не може да умре… Зашто, затрупано во рушевините на Банк отоман; тоа воскресна од саможртвата на Орцето во темната солунска ноќ на 29 април 1903 година; тоа светна со неугасливиот оган на Македонија; набиено во месото на Мечето, тоа го надмина и го носи својот одек во духот на поколенијата. По 500-годишни понижувања и скрб, на 28, 29 и 30 април 1903 г., кога Орцето го палеше верижниот фитиљ против европските интереси, кога Кирков и Трчков ја гаснеја светлината на градот Солун, за да блесне факелот на идејата, кога пред Карабурун гореше параходот „Гвадалкивир”, којшто ја изнасуваше ограбената пот на поробениот македонски селанец, кога одекнуваа бомбите на македонските безумници, за избезумување на европските умници – за прв пат македонската пробудена свест го играше својот кошмарен танц над безумниот деспотизам и неговите поддржувачи.

Тоа беше делото на 12-те, коешто денес по 20 години, нè тера восхитено да се обѕрнеме назад. Не звучи ли таа смелост на подвигот, таа моќност на индивидуалитетот, како легенда, којашто е неверојатна, но примамлива, волшебна? “