• 27.07.2021 08:37

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Годишнина од убиството на Чаулев: ‘Ние треба да се ослободиме од сите бугарски партии, да работиме само за Македонија и со Македонци, инаку сите ќе не осудуваат’

BySarissa Editor

Dec 23, 2020


Два месеци по Тиквешкото востание од 1913 година кое со себе однесе 1.200 жртв и во западна Македонија се крена Охридското востание под водтсвото на охриѓанецот Петар Чаулев и стружанецот Милан Матов, брат на членот на ЦК на ВМРО, Христо Матов. Ослободени се Охрид, Струга, Дебар и Кичево, во содејство со албански востаници и со помош во оружје, луѓе и пари од штотуку создадената албанска држава. Создадени се и револуционерни тела во мешан состав.

Пишува Дарко Јаневски

„Во Дебар востанието веќе беше кренато. Ноќта на 11 септември, окружниот управител Кирковиќ се извлече од градот заедно со митрополитот Варнава и со другите чиновници се упати кон Охрид. Глетката беше колку пријатна, толку и страшна, кога гледа човек како разјарениот народ од сите села, вооружен кој со што имал, трча кон градот и оттаму кон селото Горенци каде очајно се бореа српските војници. Секој беше уверен дека победата е на страна на народот, не само зашто беше поброен од војската, туку затоа што беше мотивиран и зашто беше готов да се фрли в оган макар и со празни раце. Дебар ликуваше. Македонско знаме се вееше од секој прозорец. Двеста-триста заробени српски војници, тивко, без никој да ги закача ги водеа низ градот. Други ги прибираа убиените и ранетите меѓу кои видов и еден офицер, кој според сведочењето, беше погоден од седум куршуми. Народот весело и гордо се двиежеше по улиците и секој се загледуваше по ќошињата со цел да најде некој убиен војник и да му го земе оружјето“.

Тајна помош од Албанија Вака Шетар Чаулев еден од редицата македонски војводи, го опишува почетокот на Охридско-дебарскто востание, еден месец по потпишувањето на Букуречкиот договор во 1913 со кој Македонија е поделена. Идејата на ВМРО била со ова востание да се обиде да го сврти вниманието на Европа и да посочи дека договорот од Букурешт е грешка. Планот бил востанието да се подготви сериозно и со помош на албанската држава да се

крене во октомври. Братот на Христо Матов (член на ЦК на ВМРО од 1898 до 1901 година), Милан Матов, кој бил и еден од водачите на востанието, во тоа време се наоѓал во Албанија. Користејќи го престојот таму, се обидувал да создаде поцврсти основи за соработка меѓу ВМРО и албанската држава, а целта на сојузот била борба против Србите во Вардарска Македонија. „Така минуваше мојот престој во Елбасан – во постојана грижаза создавање на организација со довчерашните непријатели и во подготовка на еден метеж чии рамки не се гледаа. Тоа траеше до ноќта меѓу 12 и 13 септември, кога ме разбудија силни викотници: „Станувајте веднаш, во Македонија се крена востание. Дури не можев да поверувам дека подготвителните мерки толку бргу дадоа резултат’, напишал Матов во своите спомени.
Всушност, востанието започнало порано поради еден случаен инцидент, по кој работите почнале сами да се одвиваат. Група вооружени Албанци кај селото Епискупија налетале на српска воена единица и се судриле со нејзе. Гласот за битката бргу се проширил по што населението едноставно се кренало на оружје. Српските сили се повлекле од Дебар и тоа е веста што дошла до Матов во Елбасан. На прашањето на албанскиот министер Лев Носи (христијанин) и Сакиф паша, што да се прави, Матов кој тие денови бил во нивно друштво, одговорил:
‘Нема потреба од многу мислење. Веднаш треба да се поткрепи започнатото востание со оружје и луѓе, а политички со јасна позиција на албанската држава’.
Сите се согласиле околу тоа, па веднаш била испратена и телеграма до ‘претседателот на албанските министри’ премиер Исмаил Кемал бег. Но, тој не бил согласен со идејата од територијата на Албанија да се вооружуваат и испраќаат во соседните држави албански борци, затоа што сметал дека со тоа албанската држава ризикува војна со Србија, но и дипломатски напади на меѓународно поле. Проценката на Кемал бег била дека во тој момент, Албанија како држава не е во состојба да се справи со таквите сложени ситуации. Но, истовремено порачал дела Милан Матов ќе ја има секоја тајна поддршка на албанската држава во неговите напори да обезбеди луѓе, пари и оружје за борбата против Србија во Македонија, со што е ставен неформален печат на веројатно првиот историски воен сојуз меѓу ВМРО и Албанија, кои во тоа време сметале дека имаат еден заеднички непријател – Србија.

Сол за шест гроша
Подготвувајќи се за пат во Македонија, Матов им порачал на своите домаќини од Елбасан, нарекувајќи ги ‘албански пријатели’, да се подготват самите, а со тоа и градот, за прием на многу бегалци.
‘Албанците се зачудија кога ги изговорив тие зборови, а муфтијата на Дебар (еден умен и праведен човек) изрично ме праша: Зарем верувате дека Србите повторно ќе ги заземат тие територии? Ќе дозволиме ли Србија повторно да влезе во Струга и Дебар?
Му одговорив дека само ако имаме армија од 300.000 луѓе тоа нема да се случи. Другите рекоа дека пред Европа нема да помине таа работа и дека таа ќе ги задржи Србите. Им возвратив со горчлива насмевка“, напишал Матов во своите спомени. Во ослободениот Дебар брг била воспоставена револуционерна власт предводена од еден Македонец и двајца Албанци: Христо Атанасов, Али Пистуна и Риза беј. На 13 септември, востаничките чети влегле и во Охрид. Во записите на Чаулев, пишувани на колено и објавени веќе во октомври 1913 година во софискиот весник Камбана“, тој вака го објаснува почетокот на востанието: „Од пред извесно време се обединивме со Албанците и со македонските Албанци, но тие како народ се многу лесно избувливи, па избрзавме со востанието. За востанието не сме толку виновни ние, колку српските предизвикувачки дејствија кои едноставно беа неиздржливи. На 1 септември народот очекуваше да се отворат училиштата, но видовме дека тие веќе не се наши. Црквите опустеа, бидејќи никој не сака да влезе во нив кога ќе чуе дека внатре има српски поп, а посебно не сакаат да чујат за владиката Варнава. Кога се случи анексијата, Србите ги разурнаа сите џамии. Трговијата сосема опусте. Нашиот селенец порано купуваше ока сол за еден грош, а сега треба да даде шест гроша. За нецела година, народот сосема оголе. Нема работа тука, но никого не пуштаат да оди во странство. Неколкумина србомани во градот се се и сешто. Казните и тепањето станаа сосема вообичаена работа. Честа и животите на луѓето се во рацете на тие луѓе“, велел Чаулев.

Тој самиот не бил за заземање на градовите, но не можел да ја спречи желбата на четниците. Сепак, влегувањето во Охрид не било без ефект:

„Сиот народ ликуваше. Собраните толпи пред прозорците го чекаа појавувањето на Чаулев за да викнат „ура“, било објавено во софискиот весник.

Истовремено, Матов бил тргнат кон Струга. „Четниците се одмораа, а јас напишав еден повик до населението со што го поканив да се крене на оружје и да се присоедини кон нашиот одред. Се собраа повеќе од 200 луѓе, макар лошо вооружени. Благајникот на четата Абдула со извади од ранецот албанското знаме (с црвена боја и црн орел) и го закачи на еден стап на кој имаше и цвеќе. Кога се приближивме до Струга, го посоветував да стави и една полумесечина од жолта тенекија, бидејќи голем дел од народот ја немаше заборавено турската власт и не е навикнат на албанскиот орел. Кога минавме крај селото Враништа кое беше христијанско, кон нас се приклучија многумина од месното население. Луѓето почнаа да ме прашуваат зошто сме ја развиле таа црна кокошка и нели е подобро ако наместо неа го развееме црвениот лав. Јас се свртев и погледнав: Освен старите другари во одредот сите луше беа кои порано ме гонеле во потера, но сега ситуацијата налагаш да се бориме заедно против поробувачот“, напишал Матов.

Бегството на Павел Христов

Струга е неговиот роден град. Кога влегол да ја види старата мајка, во куќата се собрале толку многу луѓе што дрвената градба почнала да крцка. По средбата започнале подготовките за одбрана. Од Струга, Матов заминал за Охрид каде во еден хотел во близина на легендарниот чинар имал средба со градските првенци. Тука тој се сретнал и со членот на Битолскиот револуционерен округ, Павел Христов, кој бил во состав на петчлената охридска револуционерна власт, кому му објаснил дека не треба да се има надеж дека други држави ќе се вмешаат во настаните, дека востаниците сами ќе треба да држат додека можат и дека дотогашните успеси всушност се должат пред се на првичната паника кај Србите.
‘На мое чудење, Павле западна во необјаснива паника и започна да крешти дека требало да се бега за Албанија, а дека народот треба да се крие кој каде ќе стигне. Тоа негово поведение ме извади од такт и му се извикав, вадејќи го оружјето, не само да го заплашам, туку и да го обвинам за создавање паника и за предавство. Работата тука се смири, но за овој скандал бргу се расчу меѓу охриѓани, па вечерта два чуна преполни со луѓе од градот го преминаа езерото, заминаа за Лин, а оттаму за Елбасан. Најбројни меѓу нив беа охридските учени, а место имаше и за Павел Христов“, сведочи Матов.

Всушност, нему му било јасно дека веќе во старт востанието е осудено на пропаст. Тоа успеало да мобилизира не повеќе од 4 000 борци и со таа сила, без оглед на логистиката од народот, не можело да се справи со српската војска.

На дваесеттина километри источно од Охрид бил формиран одбранбен бедем на височините на Петрово и Буково. Востаниците четири пати успевале да ги натераат на повлекување српските војници кои од 16 септември настапувале од реонот на Ресен, но тоа било се’ што можело да се стори. Според Матов, бедемот кај Петрово бил пробиен кога Србите со измама убиле 27 четници, а потоа уште толку од митралеско гнездо. Кај Буково, тој ја оценил позицијата како слаба и таму востаниците по два часа битка со Србите се повлекле. Една од грешките можеби ја направил токму Чаулев кога ги поделил востаниците на три дела, но не бил без значење и ударот од зад грб што кај Голак Планина на востаниците им бил зададен од грчките војски. Наскоро Охрид, Струга, Кичево и Дебар одново паднале во раце на Србија, што довело до масовен бегалски бран кој само од дебарската околија броел околу 30.000 луѓе кои се растуриле низ улиците на Тирана, Каваја и Елбасан. До темел биле запалени 60-тина села, а, на пример, при влегувањето во Охрид, српските сили обесиле 40 видни граѓани. Наскоро Чаулев издал наредба за расформирање на четите, а тој исчезнал. Милан Матов заминал за Албанија каде дознал дека мајка му во Струга била претепана, а куќата ограбена и срамнета со земја. Оттаму тој отишол во Трст, па со ‘Ориент експрес’ за Бугарија.
Така завршила оваа епизода од македонското минато, која, како и Тиквешкото востание кренато неколку месеци порано, со децении е поттурнувана под тепих. Причините за тоа се различни, но за нив во некоја друга прилика.

Меѓу клучните е таа што се смета дека станува збор за обид за поделба на Вардарска Македонија меѓу Албанија и Бугарија и тоа што водачите на востанието како Чаулев и Матов во своите записи и спомени од тоа време говорат за бугарско население.

Само неколку години подоцна, истиот Чаулев во Манифестот зборува за „Македонци“ и „македонско населние“, што е само уште еден доказ дека ние со денешните мерила не можеме да ги сфатиме определбите на тие луѓе гледно од наш контекст и со денешни очи. Ниту пак тоа можат да го сторат Буагрите кои го присвојуваат и овој дел до македонската историја/

Лутањето на Чаулев
Интересна е проскрибицијата на Чаулев од страна на социјалистичка Македонија, со оглед на тоа што тој човек од 1911 година станал член на раководството на ВМОРО. Со Тодор Александров о Александар Протоѓеров потписник е на Декларацијата на ЦК на ВМРО од 29 април 1924 година во која се вели дека ако ослободувањето на Македонија зависи од меѓународната ситуација, единствена сила на која може да се потпре на СССР: „Македонија смета исклучиво на моралната поддршка ан европските револуционерни и прогресивни струи, а најглавно на целосната морална и политичка поддршка на СССР, која денес е единствена држава која се бори за ослободување на сите угнетени народи, за вистинско самоопределуавње и федерирање и која во своите балканска политика не пројавува никакви империјалистички цели’.
Добрите односи на Чаулев со Александров и Протоѓеров не траеле долго, а како минувало времето тој еволуирал во ставовите кон слободата на Македонија, па, по Првата светска војна сметал таа може да се оствари под заштита на Друштвото на народите или под заштита на некоја од големите сили. Како алтернатива, предлагал „автономна Македонија како одделна единица во федерална Југославија“. Во време кога доживува разочарување во поглед на политиката на Бугарија и тамошните политички партии кон Македонија, Чаулев напишал: ‘Се признава само онаа револуција која се потпира врз своите сили и се стреми да постигне целосна победа’. Од тој период е и писмото до Протоѓеров во кое вели: ‘Ние треба да се ослободиме од сите бугарски партии, да работиме само за Македонија и со Македонци, инаку сите ќе не осудуваат’.
Токму Чаулев е потписник на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО од 6 мај 1924 година, еден извонредно вреден документ чиј почеток гласи: Манифест до македонскиот народ, до организираното револуционерно население во Македонија и до македонските револуционери. Браќа Македонци!…’.
Потписник на овој Манифест, покрај Чаулев е и Протоѓеров, кој се потпишал и во името на Тодор Александров. Последните двајца подоцна се откажале од потписите на Манифестот, но Чаулев останал до крај верен на овој документ, а се сета дека токму тој потпис е причина што во декември 1924 година, Ванчо Михајлов испратил еден од своите терористи во Милано, каде Чаулев на 42 годипна возраст бил ликвидиран. Како што подоцна напишал Димитар Влахов, „Чаулев беше убиен зашто сакаше чесно да му служи на својот народ, затоа што сакаше македонската револуционерна организација да ги продолжи своите традиции.“ Тој народ кому Чаулев чесно сакал да му служи, денес не знае речиси ништо за него. Со оглед на промените што ги најави социологот Царовска во образованието, тој народ ни во иднина нема да знае ништо за него.