• 20.04.2021 18:24

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Дали се потребни образовни реформи и зошто се брза со спојување предмети?

BySarissa Editor

Dec 25, 2020

Најавените реформи во образованието предизвикаа бура од реакции и критики во јавноста, и се отвори голема дебата за потребата од вакви големи образовни реформи, како и негодување по најавата за спојување предмети.

„За да може реформата да ја постигне потребната цел, неопходно е стручни луѓе од сите области да бидат вклучени во изработка на конечната форма на концептот“ – велат од друштвото на физичарите, сојузот на хемичари и технолози и биолошкото друштво.

„Имајќи ја предвид нацрт концепцијата за основното образование даваме поддршка на предложениот континуитет на изучување на природни науки согласно светските стандарди, но сметаме дека предложената интеграција на наставните содржини во еден предмет – Природни науки е корисна и соодветна за возраста на учениците до VI одделение, додека во погорните одделенија треба изучувањето на трите природни науки да се реализира во одделни научни дисциплини.“ – велат од Друштвото на физичари, сојузот на хемичари и технолози и биолошкото друштво.

Од Институтот за филозофија сметаат дека реформи се неопходни, но е потребно повеќе време да се согледаат сите можни импликации од брзото усвојување и примена на новиот концепт.

„Сметаме дека брзањето со примената на предложените решенија и не земањето предвид на сериозните стручни забелешки искажани досега во однос на оваа Нацрт-концепција, можат да доведат до дополнителна поларизација на веќе и така (од политиката и од партиите) поделеното национално ткиво на државата.“ – велат од Институтот за филозофија.

Институтот за педагогија со мнозинство гласови се донесе заклучок да не се прифати понудената концепција за основното образование, сепак раководителката на тој институт, проф д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ, објави дека цврсто стои зад овој Концепт.

„Ве извесувам дека како раководител на Институтот за педагогија, заедно со мојата колешка проф. д-р Лена Дамовска сме дел од работната група за изработка на предлог концепцијата зад која во целост стоиме и дека не̓ сите професори од Институтот имаат идентичен став во однос на предлог Концепцијата“.

Со реакција се јави и Иницијативниот одбор на ликовни педагози на РМ и Детски ликовен центар-Скопје, кои реагирааа на идејата на МОН за спојување на ликовно и музичко во еден предмет оти, како што велат, ќе се изгуби суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Тие сметаат дека е потребна поголема застапеност на часовите по ликовно, но и промена на моделот и програмата. Тие нагласуваат дека единствениот предмет со кој се развива креативноста е ликовното образование, кој со новата концепција за основното образование е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна, како што велат ликовните педагози, целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците.

И студентите од Филозофскиот факултет преку герила-акција пред Владата се изјаснија против реформите во образованието. Учесниците во акцијата носеа транспаренти со пораките „Историјата е мајка на знаењето“, „Но пасаран“ и „Јас не ја разбирам Мила“.