• 20.04.2021 18:18

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес е Бадник, ден пред Рождество Христово – Божик

Byurednik

Jan 6, 2021

Бадник се нарекува денот пред роденденот на Господ Исус Христос (Божик), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, денес е Бадник, ден пред Христовото раѓање, а утре  7. јануари е Рождество Христово – Божик, кој во својата суштина на празнување ја има радоста на христијаните. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божикните пости.

Зборот Бадник доаѓа од зборот да бидеш буден. Таа ноќ според обичаите луѓето не заспиваат туку преноќеваат будни, по што се гледа дека таа ноќ е наречена: „бадник – будник“.

Значителен дел од богатиот комплекс на црковни и народни обичаи за Бадник и за Божик, потекнува од најдалечното минато на македонскиот народ. Тие го отсликуваат неговиот народен и културен идентитет.

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, зелник, овошје и друго, а според одредените пости од страна на Црквата при оваа вечера не се служи риба. 

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става паричка. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат паричката и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

По Бадниковата вечера храната од трпезата не се крева и се остава да стои цела вечер, при што според народните верувања, „ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе вечера“. Ширум Македонија по вечерата не се мете, согласно со верувањето дека „ќе се изгуби, ќе се измете среќата“. Пред вечерата домаќинот во домот пали оган од бадниково дрво – бадник. Се внимавало бадникот да не изгори во целост и од него се чувало мало недогорено парче.

Македонските народни празници, обичаи и верувања укажуваат на специфичните обичаи при празнувањето и на Божик. Вечерта по Бадник, на 7.јануари се празнува Божик, на кој се слави Христовото раѓање. Кај македонскиот народ Божик се празнува со посебни обредни дејства. Карактеристично за овој ден е одењето в црква и омрсувањето на богатата трпеза за време на божиќниот семеен ручек. За време на овие денови се одбегнува секаков вид работа.