• 11.04.2021 10:47

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес е Прочка – простете и побарајте прошка

Byurednik

Mar 14, 2021

Денес, православните верници го празнуваат еден од најголемите христијански празници – празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади.

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна и според неа, на Прочка, помладиот бара прошка од постариот.

Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Оваа реченица ја кажува секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но исто така и постариот треба да ја каже кон помладиот.

Прочка или Велики поклади е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Простувањето е основа и почеток на духовниот живот како и Големиот Пост. Во претходните недели Светата Црква не поучуваше за гордоста и смирението, за покајанието, за судот Божји, а сега и за простувањето. Простувањето е како врата. Ако простиме, ние ја отвараме таа врата и со тоа во своето срце Го примаме Бог и оној на кого сме му простиле. Простувањето е примање на Бога во себе. Но ако некому не простиме, значи дека Христос е надвор од нашето срце и ние немаме ништо со Христос. Така само ќе си носиме тежина и студенило преку целиот живот и тoa ќе ни тежи, а таа тежина и студенило продолжуваат и по смртта во вечни маки.

Не е лесно да се прости. Заради нашата падната природа, заробена, пред се од страста на високото мислење за себе си, гордоста или стравот од погазување на сопственото его, тешко ни е да простиме. Во нас внатре треба да ги бараме и рајот и пеколот.

Најпрво, треба да се воздржиме да не вратиме на злото со зло. Потоа да почнеме да се молиме, за (потоа) Господ да не смири и благодатта Божја да се всели во нас за да имаме сила да простиме.

Утре, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нашето очистување со постот – духовно и телесно.