• 30.07.2021 15:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес е Рождество Христово – Божик

Byurednik

Jan 7, 2021

Божик е најрадосен христијански празник. На овој ден се роди Божјиот Син, Исус Христос – Спасителот на светот. Божик е празник на раѓањето нов живот, празник на децата и на детството, родителството и создавањето. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Црквите кои го користат Јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божик на 7 јануари.

Во овогодинешното Послание по повод Рождество Христово – Божик, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, истакнувајќи го празничното значение вели: „…на овој спасоносен ден, ликуваат ангелите и светиите на небесата, а ние верните се радуваме на земјата. Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето: слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците. Во спомен на тој спасоносен настан, еве, по милоста Божја, и ние чествуваме молитвено и серадосно, славословејќи со благодарни служби и со несекојдневно духовно расположение.“

На Божик, рано наутро почнува Богослужба во Црквите. Пред причесната, која следува по службата, сите меѓусебно огрешени треба да се помират и да си простат. Во таа насока, понатаму во своето послание Архиепископот г.г. Стефан вели:

„Во светот секојдневно има сè повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а  љубовта сè повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! А тоа е така зашто сè помалку Го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту, пак, можеме да го најдеме патот на спасението – зашто се оддалечивме од Бога, но и едни од други.“

Празнувањето на Божик е поврзано со низа обичаи, а поговорката е јасна: „Пред Божик, зад Божик дома да си“, што има значење дека за време на големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.

Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Господ Исус Христос бил крстен.

Христос се роди, Навистина се роди! За многу години!