• 22.04.2021 00:50

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес е Свето Благовештение – Благовец

Byurednik

Apr 7, 2021

Празникот Благовештение на Пресвета Богородица е посветен на споменувањето и прославувањето на настанот, опишан во Евангелието според Лука (I, 26-38). Во раното Христијанство овој празник имал различни имиња: Зачнувањето на Христа, Благовештение за Христа, Почеток на откупувањето, Благовештение од Ангелот на Марија и дури во VII век на Исток и на Запад бил наречен Благовештение на Пресвета Богородица. Ова е еден од двата празника за време на Велигденскиот пост кога е разрешено да се јаде риба.

Овој празник е востановен уште во длабоката древност. За негово празнување се спомнува веќе во III век. Во периодот V-VIII в., наспроти ересите што ја омаловажувале Личноста на Богомајката, празникот бил особено возвеличен во Црквата. Во VIII век св. Јован Дамаскин и Теофан митрополит Никејски, ги составиле празничните канони, кои и денес се пеат во Црквата.

Православните верници денес го празнуваат празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл., кој се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден“. Овој празник се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, или на 25 март според стариот календар. 

Благовештeнието е ден на добрата вест за тоа, дека во целиот човечки свет се нашла девојка која толку му верувала на Бога, која била толку длабоко способна за послушност и за доверба, што од неа ќе може да се роди Божјиот Син. Човековиот род ја родил, ја принел како дар на Бога, девојката што во својата царствена човечка слобода била способна да стане Мајка на Божјиот Син, кој слободно се предаде Себеси за спасение на светот.

Воплотувањето на Божјиот Син, од една страна, е дело на божјата љубов; на крстната, љубовната и спасителна љубов и на Божјата сила. Но, истовремено, воплотувањето на Божјиот Син е дело на човековата слобода.

Поради тоа што Благовец е благ ден, се верува дека тогаш и раната не боли, па на малите деца им ги дупнуваат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. 

Благовец е празник на радосната вест и на пролетната убавина. Искористете го за да честитате именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, Баже, Блага, итн.