• 15.04.2021 09:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес католиците го слават Христовото раѓање – Божиќ

Byurednik

Dec 25, 2020

Денес католиците го слават Божиќ  или Рождество Христово, денот на Христовото раѓање. Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и некои православни цркви, Божиќ го прославуваат на 25 декември.

Црквите кои го користат јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари.

На овој ден католичките верници одат на миса, а потоа си го честитаат празникот, но само со најблиското семејство. На овој ден според традицијата тие не  работат ништо, па затоа големото генерално чистење на домовите се завршува пред Бадник.

Вечерта пред Божиќ, католиците го слават Бадник. Со вечерата на Бадник завршуваат предбожиќните пости. На овој ден, во некои дамнешни времиња се носел исечен трупец во домот. Немало елка за китење, туку таткото и синот оделе во шума и сечеле млад бор. Жените дома свечено ги пречекувале, го премачкувале со темјан и миродии, па го замотувале во чаршаф. Според народните верувања, тоа стебло, како древни скали, требало да му помогне на малиот Исус да се симне на земјата. Во текот на бадниковата ноќ, исечениот трупец се фрлал во оган во каминот и ја греел куќата до следното утро. Но, денес тоа е многу поинаку. Во овие краеви, едноставно, се  кити елка/бор.

Во различни земји овој Божиќ се слави на различни начини.

Британците во текот на божикното славење посетуваат т.н. „пантомими“, луди изведби на бајки или историски настани, а сценографијата е дополнително потенцирана со многу светлечки украси на улиците и плоштадите.

Во Франција на пример, во изведба на јасли и светци кои стојат околу Исус всушност се веселат богаташи, селани, рибари.. сите облечени во облека од 19 век. Тие донесуваат поздрави на Светото Семејство. Врвот на божиќното славење кај нив претставува божиќниот оброк „La Buche de Noel“, чоколаден бисквит ролат во облик на стебло, сместено пред накитената елка, кое го симболизира стеблото од дамнешни времиња.

Италијанците пак кога посакуваат среќни празници, велат „Buon Natale“, што буквално значи добар роденден. Во Италија во самиот центар на свеченоста не е елката, туку јаслите. Секој се труди да направи што поубави јасли, поубави од тие на соседите, а по можност и најубави во местото. Според католичкиот обичај 24 часа пред бадниковата вечер треба строго да се пости. По заоѓање на сонцето пукањето од топот на Castel S. Angelo во Рим, го означува почетокот на празникот.

Христовата светлост нека ги осветли и стопли сите срца и домови!

ЧЕСТИТ БОЖИЌ!