• 15.04.2021 10:02

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес требаше да го прослави 40тиот роденден: Македонија се сеќава на Тоше Проески

BySarissa Editor

Jan 25, 2021

Денеска изминуваат 40 години од раѓањето на најголемата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Пејачот кој никогаш нема да биде заборавен беше роден на 25 јануари 1981-та година во Прилеп.

Кариерата ја започна многу млад, а со мега популарност се стекна за само неколку години. Во краткиот период на слава тој ги полнеше сите регионални концертни сали, а во Македонија ќе биде единствениот кој неколку пати го наполни градскиот стадион во Скопје.

Тоше замина без да му се исполнат неговите најголеми желби според многумина тоа се, да стане светска ѕвезда и да оствари семејство. Тој загина во сообраќајна несреќа на пат кон Хрватска на 16 октомври 2007 година на само 26 годишна возраст.

Со спомени, сеќавање, тага и незаборав во Крушево и на Гумење денеска беше одбележан 40-иот роденден на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, за хуманиот човек со големо срце, на еден од најголемите амбасадори на земјава – Тоше Проески, чиј живот предвреме згасна во сообраќајна несреќа пред повеќе од една деценија.

Поради пандемијата изостанаа музичките настани, крводарителската акција, но неговите фанови и поддржувачи, неговото Крушево, не заборавија да му оддадат почит на Тоше. Оти, велат, Тоше има само ден на раѓање и, иако го нема, тој е присутен во мислата на сите.

Почитувачите од Крушево, од земјава, маратонците кои трчаат секоја година во чест на Тоше, од Хрватска му оддадоа почит на неговото гробно место на Гумење. Не изостана ниту роденденската торта.

Роденденот на Тоше денеска беше одбележан и со голема крводарителска акција во Скопје.

Според Александра Валкановска, претставникот од Црвен крст, Тоше му остави аманет на својот народ, а тоа е да биде хуман.

– Станува збор за една традиционална крводарителска акција која што веќе еве седумнаесети пат по ред се организира тука во Домот на АРМ, секако дека се малку изменети условите под кои се организира акцијата односно согласно со протоколите за заштита од Ковид вирусот, тука се волонтерите на Црвен крст кои мерат температура, јас навистина сум среќна што веќе имаме дарители и очекуваме успешна крводарителска акција како и изминатите години – изјави Валкановска.

Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ – Битола, организатор и домаќин на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ продолжи со традицијата на одбележување на роденденот на Тоше Проески. И оваа година велиме – Тоше има само ден на раѓање!, посочија од „Мал битолски Монмартр“.

– Според востановената традиција, токму на 25 јануари доделуваме награди за членови на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“, кои на наша адреса пристигнуваат од сите страни на светот, но, овој настан го одложивме, превентивно заради пандемијата. Затоа, пак, пред националната галерија ги слушаме и пееме песните на Тоше, и жалиме за големата загуба, кусо информираа од „Мал битолски Монмартр“.