• 20.04.2021 13:56

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денковска: Нашиот јазик не е измислена приказна, тој е припадност и родољубие

BySarissa Editor

Jan 23, 2021

На денешниот Конзервативен караван во Битола, се обрати со свои ставови за македонскиот јазик, младата студентка Стефани Денковска, дел од Клубот на млади конзервативци на Институтот Сариса. Таа порача дека македонскиот јазик не е измислена приказна како што некои се обидуваат да го прикажат, туку истиот е припадност и родољубие на генерациите кои се обидуваат во овие тешки времиња и понатаму да го зачуваат, да постои како уникатен дел од македонскиот идентитет.

Дел од ставовите на Стефани Денковска:

Кога ќе ја погледнам и анализирам состојбата во која се наоѓа нашата татковина, како млад и освестен човек, сметам дека сме изгубиле многу од вредностите кои ни се потребни. Покрај многуте изгубени, а вредни нешта, се наоѓа и родољубието, а родољубието е големо поле за работа. Тука влегува љубовта кон земјата своја и сите убавини со кои изобилува, кои ние не научивме да ги вреднуваме, чуваме, ниту промовираме. Влегува почитта кон коренот, а сѐ почесто сме сведоци како луѓето, особено младиот човек, ја губи врската со сопствениот корен.

Јазикот кој ние сѐ помалку правилно го користиме, како во пишана, така и во говорна форма. А сведоци сме дека живееме во време кога не успеваме јазикот наш и засебноста негова да ја одбраниме од соседите и од нивните алчни грабања. Гледајќи го сето ова во реалноста и во моето опкружување, сфаќам само дека конзервативците во Македонија ќе имаат плодно поле за работа, токму на оваа тема, покрај другите,исто така, важни теми.

Традиција е нешто што еден род или група го споделува, нешто што создава и потврдува идентитет. Традицијата е нешто што се пренесува, но тука е и важен процесот и начинот на самото пренесување.

Нашиот јазик не е измислена приказна , како некој што сака да го прикаже, а за тоа, за наша среќа, постојат и многу факти кои служат како доказ.

Тргнувајќи од создавањето на првата словенска азбука глаголица во 863 година или 9тиот век, преку Охридската и Лесновската книжевна школа и записите од тој период, како Зографско Евангелие, Асеманово Евангелие и Мариинско Евангелие, потоа Јоаким Крчовски, Теодосиј Синаитски, Кирил Пејчиновиќ, Миладиновци, уредниците на списанието Лоза, преку „За македонците работи“ на Крсте Петков Мисирков, па се до 2 август 1944 година се создавал и овековечувал македонскиот јазик.

Сакам да напоменам дека постојат неколку особини кои ги има само нашиот, македонскиот јазик и со тоа се разликува од останатите словенски јазици, а тоа се: Немањето падежи, односно деклинација, третосложниот определен и динамичен акцент, удвоениот предмет,глаголските конструкции со ИМА/НЕМА, минато време со помошниот глагол СУМ + глаголска придавка, како и минато идно време.

Како млади луѓе, ние сме должни кон себе, како и пред нашите предци, да ја продолжиме традицијата која тие не дозволиле, дури и во пострашни времиња од нас да згасне и секако, да го чуваме јазикот, за кој нашите предци биле осудувани, затварани, мачени и убивани.