• 30.07.2021 15:51

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

„Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет“

BySarissa Editor

Dec 18, 2020

Вчера вечер во Гостивар се одржа вториот дел од Конзервативниот караван насловен „Конзервативизам – Народот како клучен столб на државата“, на кој се обрати Александар Богатинов, во свои гледишта за градењето на државата и односот кон признавањето.

Дел од неговото обраќање:

Што значи да се биде признат во својата секојдневно значење како вредност? Да се биде признат значи да се биде вреднуван, уважен, другите да го прифатат мислењето кое ти си го имаш за себе. Нашата неположеност на овој испит се огледува во фактот шти ние 30 – тина години не успеавме да бидеме признати од западната европска демократија, впрочем, онаму и каде што целиме. Објаснувањето за оваа непризнатост, најчесто, Македонецот, веднаш вината ја префрла на соседите и нивните претензии кон оваа територија и асимилирањето на оваа име во рамките на нивната национална историја. Точно е дека соседните наши држави имаат една подобра политичка моќ во овој момент која ја користат на штета на нас. Но, дали ние треба да се погледнеме себе си во овие 30 години? Која е таа грешка која ја повторуваме од нашата независност во разбирањето и примената на политичкото? Што е она што го доживуваме како грешка постојано овие 30 години, а не сакаме да си го признаеме? А, поради таа грешка осетно сѐ омаловажуваме во очите на западните сили, и го ставаме на чекање признанието од овие држави?

„Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Нѝ треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет“

Горан Стефановски, Приказни од дивиот Исток

            Ако ја погледенеме нашата историја, ќе видиме дека таа исполнета со страдање, сиромаштија, неправда, исполнета со крв, обесчествувања, борба, но и сон да се достигне слободата на овој народ. Во овие триесет години ние најпрво како да немаме јасна свест што значи слободата и како да не ја разбираме должноста кој ја имаме кон претходните генерации, а во тој контекст и на самата слобода. Што е она што го имаме како должност, обврска наследено од претходните генерации? Треба ова прашање да го поставиме околу независноста и сувереноста на Македонија  која ја имаме денес.

            Зборовите независност и сувереност не упатуваат само кон слобода, однесување онака како што ние ќе сакаме да живееме и правиме. Независност и суверинитет се зборови кои во своето значење кријат и обврска, должност. Таа независност и сувереност во нас создаваат обврска сами како слободна држава да можеме да се носиме себе си. Сувереноста не значи само дека сега ние сме независни и сами треба да си донесуваме одлуки за нашата иднина, сувереноста нѐ обрзува ние во градењето на државата бидеме успешна приказна. Таа сувереност нѝ е дадена за да ние покажеме дека знаеме да се носиме сами со себе, да се развиваме како држава, да докажеме дека во своето одлучување стварно знаеме да ја создадеме државата на сопствени темели и да отвориме пат за идните генерации. Дури тогаш ние ќе бидеме вистински независни и признати во однос на современите надворешно-политички случувања. Ние последниве 30 години на Европеецот не му го докажавме ова, а со тоа не го положивме испитот на признанието. Не му докажавме дека можеме да создадеме „здраво“ општество со добро управување, а со тоа да покажеме дека вистински сме независни. Нашата постојана „залетаност“ кон Запад, произлегува и создава чувство на немоќ, зависност, а не независност. Ние длабоко во себе како да си признаваме дека не можеме сами да се одржуваме, да бидеме независни. А во таквата „заслепеност“ кон Запад, се „испустивме“, се заборавивме самите себе си. Заборавивме на нашите наследени вредности, богатства, традиција, култура, го затајуваме нашиот идентитет, нашето сопство. Во овој наш триесетгодишен „лет во место“, ние се изгубивме себе си.

            Но да се вратиме на почетокот. Што е она што си го вообразуваме цело време? Што е тоа што мислиме дека го знаеме во однос на политичкото, а сепак го нема во пракса? Која е таа дефиниција и разбирање на политиката која треба (ше) да создаде успешна приказна од Македонија како држава сиве овие триесет години?

            Во нашето секојдневно политичко мнение ние живееме со една дволичност во политиката. Во политичката култура постои една шизофренија во однос на разбирањето на политиката.

 Од една страна, политиката се разбира како јавна дејност каде што целта е остварување на своите лични, себични интереси, стекнување местоположба во општеството, влијание, моќ и материјална имотност. Типично варварско сфаќање на политиката, белег на државите кои немаат искуство од државотворност низ историјата и државите кои се во процес на распаѓање, декадентност.

Од друга страна, е онаа разумно разбирање на политичкото, кое од секаде се признава како здраво за државата и нејзиниот развој. Таа дефиниција е дека политиката претставува јавна сфера на делување каде поединецот си ги жртвува своите лични интереси и својата приватност се со цел да направи некое општествено добро,се става себе си во служба да го подобри и развие животот на граѓанството. Оваа разбирање се потпира најпрво на визионерството во поединецот, но за да се оствари тоа мора да се потпира и на неколку особено битни етички вредности. Најпрво, патриотското чувство на должност кон својата држава произлезено од своите предци. Како што нашите поколенија свесно го жртвувале животот за својата татковина, така моја должност е да ги жртвувам своите малограѓански и себични интереси во замена на една великодушност и алтруизам во своето однесување кон својата татковина. Само на тој начин, преку таа солидарност во однос на добробитот на сите, јас можам себе си да се наречам достоен на ова име и неговото богато минато. Второ, строгото придржување кон чесноста и праведноста како единствен начин да се овозможи искористување на сета креативност и потенцијал на генерацијата која е со нас, која го носи нашето бреме. И како трето, ваквата примереност во политиката ќе овозможи создавање на доверба на целото граѓанство кон својата држава, а со тоа поттик и за исто такво чесно и праведно однесување од страна на сите. Само со ваквото разбирање на политиката ние ќе имавме здраво општество и добро управување со државата. А со тоа ќе претставувавме успешна приказна во очите и свеста на другите. Така ќе бевме далеку поуважени, ќе создававме кај западните демократски држави поголемо чувство на должност да бидеме признати и далеку ќе имавме подобри позиции во преговорите во однос на соседите.   

Наспроти ваквото разумно разбирање на политиката, ние сиве овие триесет години дозволуваме политиката да ја сфаќаме како поле за остварување на некоја своја лична корист. Со тоа само си ја вообразуваме себе си вистинската дефиниција за политиката. Ја занемаруваме, табуизираме, проголтуваме постојано кога ќе паднеме во искушение за остварување на некоја наша лична добивка. Затоа наместо чесност, во општеството нѝ се доминантни митото и корупцијата, наместо праведноста, кронизмот, непотизмот, клиентилизмот, партизмот, наместо доверба во државата ние поттикнуваме разочараност, иселување, чувство на недостоинственост кон она што сме го наследиле.

Дефиницијата за политиката како јавна сфера на делување на индивидуата во која целта е остварување на некое општо, заедничко за сите добро, не нѝ е научена, таа нѝ е вообразена. Само кога ќе покажеме генерациски дека знаеме вистински што е патриотска должност кон државата преку жртвување на своите лични интереси во односот кон заедничкото добро, само тогаш ќе покажеме дека сме мудри во управувањето и  ќе почнеме да создаваме здраво општество. А со тоа ќе создаваме доверба кон својата држава помеѓу нашиот народ и признавање во свеста на запдната демократија. Доколку покажеме преку дела дека ја разбираме оваа дефиниција на политиката, дотолку можеме да кажеме дека дека патриотски сме делувале во овој живот и на некој начин сме се оддолжиле со своето дело на минатите и идните генерации.