• 03.08.2021 22:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Европската комисија одобри помош за авиокомпаниите погодени од КОВИД-19

Европската комисија одобри помош од 73,02 милиони евра за Алиталија, една од главните авиокомпании што оперираат во Италија, тврдејќи дека поддршката е во согласност со правилата на ЕУ за државна помош. Според соопштението за печат издадено од Европската комисија, помошта има намера да ја надомести авиокомпанијата за штетите што ги претрпе како последица од КОВИД-19 во 2020 година.

Поддршката ќе биде во форма на непосреден грант од 73,02 милиони евра, што одговара на проценетата штета директно предизвикана на авиокомпанијата во тој период согласно анализата. Мерката ќе и овозможи на Италија да понуди поголема компензација за финансиските штети што ги претрпе авиокомпанијата во текот на 2020 година, особено меѓу јуни и октомври.

Операциите на „Алиталија“, особено во врска со меѓународните и интерконтиненталните летови, се сериозно погодени од ограничувањата на патувањето во Италија и во други земји во обид да се спречи ширењето на вирусот, предизвикувајќи авиокомпанијата да се соочи со огромни оперативни загуби барем до 31 октомври 2020 година .

Комисијата ја процени мерката според членот 107 од Договорот за функционирање на Европската унија, што и овозможува на Комисијата да усвои мерки за државна помош предвидени од земјите-членки како олеснување за одредени компании или индустрии за штетите предизвикани од исклучителни појави. КОВИД-19 се смета како исклучителна појава.

Во септември, Комисијата на ЕУ ја одобри поддршката на Италија за Алиталија за 199,45 милиони евра за да и помогне на авиокомпанијата за штетите претрпени од 1 март до 15 јуни 2020 година поради епидемијата на КОВИД-19.

Во последно време, Европската комисија одобри помош на Полска од 650 милиони евра за полските авиокомпании како ЛОТ и вкупно 106,7 милиони евра помош за преструктуирање на француската авиокомпанија Корсар.