• 30.07.2021 07:54

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Женски водици, македонска традиција која трае со векови

BySarissa Editor

Jan 20, 2021

Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Селото Битуше од западниот предел во Македонија изобулува со традиција по повод празникот Водици каде жените и девојките се главни во одбележување на овој празник.

Порано во Битуше имало само еден крст, но бидејќи се случувало некој цел живот да не ја доживее честа да биде кум и во неговата куќа да влезе крстот, било решено крстот да го имаат две куќи што го земаат и две куќи што го испраќаат според строго утврден ред и обичај.

Првите адети околу прославата почнуваат уште на Св. Атанасиј, на 31 јануари, кога новите кумови во селската црква „Св. архангел Михаил“ свечено даваат збор дека тие ќе бидат носители на новото селско кумство, а за подготовка за големиот празник имаат на располагање цела година.

Во тој период, секој од новите кумови се труди да собере што поголем број жени и девојки, кои ќе бидат кумстарки, па се прават списоци на жените што по роднинска и по пријателска основа би требало да се дел од нивното оро и со месеци однапред ги канат и таксаат.

Сепак, откако сите ќе го даруваат и ќе се поздрават со крстот, заедно со него и со парите од дарувањето во торба, старите кумови се качуваат до Бигорскиот манастир. Тука преку целата вечер и во текот на ноќта крстовите, кои се ставаат во големиот манастирски котел полн со вода, се опеваат од страна на свештено лице. Другиот ден, рано наутро кумовите заедно со крстовите и со осветената вода, ајазмо, тргнуваат назад во селото. Ги посетуваат старите кумови, па новите, па потоа по ред секоја куќа во селото. Таму ги пречекуваат со посна софра, а тие, пак, ја прскаат секоја одаја во куќите со светата вода и ги бркаат нечистите сили од таму.

Вечерта, кога старите кумови со крстовите ја поминале секоја куќа, тие се оставаат да преноќат во селската црква „Св. архангел Михаил“. Во куќите на новите кумови, пак , таа вечер одат гости по костени, а носат кошници за кревање на кумството. Токму тогаш и се распоредуваат кошниците и се утврдува точниот ред на секоја кумстарка во колоната.

Јованово оро

На Водици целото село се буди рано. Кумстарките ги облекуваат своите свечени носии и се главни на овој ден. Тие се тие што одат по крстот и со своите песни ги опејуваат мажите во фамилијата. Откако целото село ќе се собере на литургија во црквата, сите тргнуваат накај реката. На чело на колоната, која минува по строго одредена патека низ селските сокаци, се црковните бајраци и реликвии, а по нив свештеното лице што го носи бакарното котле со крстот, босилекот и светената вода , а по него целото село.

Крстот се фрла во селската река , а по него скокаат неколку млади момчиња од селото. Тоа момче што ќе успее да го фати го бакнува крстот, а потоа го носи да го бакнат и сите други. Тоа добива подароци, но најголем дар е тоа што се верува дека тој ќе ја има господовата молитва секогаш со него и со што и да се зафати успешно ќе го заврши.

По завршување на овој чин, светиот крст се носи во селската црква, а младите невести и девојки одат во куќите на кумовите и се подготвуваат за „кревање кумство“. Секоја си зема своја табла во која има леб и застанува во редот така како што се наредени кошниците на масите. Интересно е да се спомене дека на овој ден ретко ќе најдете девојка што не е облечена во носија, па дури и тие што дошле како гости во селото. По крстот прво тргнуваат кумстарките од едната куќа, а по нив од другиот крст. Колоната од по една жена ја предводи домаќинката, со таблата на глава, а по неа се редат и другите кумстарки, исто така, со кошниците на глава, построени според возраста и сродството.

Напред одат секогаш мажени жени, а по ист редослед се редат и девојките на крајот на колоната. Тие одат по одредената патека, од домот до црквата, каде што кумстарките пеат песни за свети Јован. Потоа го формираат Јовановото оро и низ игра пеат. Тие вртат онолку круга оро околу црквата колку што имаат машки глави во куќата. Откако ќе го изиграат Јовановото оро, кумстарките одат во селскиот Културен дом каде што лебовите се сечат и се разделуваат и се служи и мезе и ракија.

Домаќинките од двете куќи на новите кумови, пак, на тазе кумовите, во придружба на блиски роднини, одат во црквата за да го земат крстот. Откако попот ќе им го даде крстот во бела шамија, тие со крстот на чело одат накај дома. Кога крстот ќе биде донесен дома се поставува пред иконата каде што ќе стои преку целата година. Домаќините со свечен ручек ги гостат кумстарките, а откако ќе јадат жените, на софрата ќе седнат и мажите.

Преубава македонска традиција која останува да ја бележат идните генерации вредна за зачувување и повторно заживување секоја наредна година, постои со векови и е вистински приказ како се чествува Бог и неговото дело за човеково спасение.