• 04.08.2021 10:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Зошто ни е потребна силна Армија?

Професорот Александар Нацев, во пост на својата фејсбук страна појаснува зошто ни е потребна силна армија.

„Една од главните обврски на секоја Влада е да ги заштити или одбрани своите граѓани и својата држава. По пристапувањето во војска или на Воена академија, сите идни војници или питомци даваат свечена заклетва дека ќе ја бранат сувереноста, независноста и територијалниот интегритет на нашата татковина, Република Македонија. Оваа заклетва не смее да се сфати како само зборови напишани и потпишани на бел лист, туку треба да биде доживотна обврска за секој оној кој ја кажал на глас во присуство на своите најблиски и своите идни колеги и старешини. Како заклучок од ова, се наметнува дека главната мисија на нашата армија е да ја одбрани татковината, а со тоа и сите нејзини граѓани. Ваквата одбрана може да значи одвраќање на потенцијалните агресори, кое ако не успее, се преминува кон војување и добивање на војната. Ова е базичниот принцип врз кој треба да се води дебатата за улогата на армијата во целокупниот државен мозаик.

            Меѓутоа, овде сакам да развијам една теза дека и покрај тоа што потребата за силна Армија или силна национална одбрана започнува со добивањето на војни од секаков вид, улогата на силната национална одбрана не завршува овде. Постојат уште неколку улоги, освен кинетичката, која ја позиционира армијата да биде важна алатка во државниот арсенал. На пример, силна и добро обучена армија, која е докажана во борбени дејствија, меѓународни операции и хуманитарни мисии е причина за државата да ужива почит кај своите регионални и глобални партнери. Силната национална одбрана значи и мир и стабилност за државата, што пак од економска перспектива може да ги убеди потенцијалните странски инвеститори дека нивната инвестиција ќе биде безбедна. Сознанието дека системот за национална одбрана е подготвен и соодветно опремен и модернизиран има и двоен ефект врз моралот и на припадниците на армијата, но и врз моралот на обичните граѓани. Доколку обичните граѓани имаат доверба во својата Армија, во нејзината сила и функционалност, ќе имаат повеќе почит кон неа, и полесно ќе се одлучуваат да пристапат кон Армијата во мир, но и во војна. Од друга страна, ако војниците се сигурни, опремени и обучени за својата работа, имаат одличен старешински кадар и поддршка од јавноста, ќе бидат мотивирани при извршувањето на своите задачи во мир, но и во војна. Ова се логични претпоставки, кои многупати, во многу случаи се покажале како точни.

            Да ги погледнеме сега обратните претпоставки. Доколку имаме слаба и необучена армија која потфрлила на меѓународен план, нашата држава ќе служи за потсмев. Доколку имаме слаба национална одбрана, од економски план не сме толку привлечни. Доколку војската е демотивирана и без морал, бидејќи нема основни услови за работа и слаб раководен кадар, нема да се покаже во борба, а гледајќи го сето ова, и обичните граѓани би изгубиле доверба во армијата и би избегнале пристапување кон неа во мир, но и во војна.

            После сето ова, кристално јасно се наметнува заклучок дека системот за одбрана мора да се одржува и да се унапредува постојано, и дека силната национална одбрана треба да биде еден од приоритетите на секоја одговорна Влада која претендира да се грижи за животот и добросостојбата на своите граѓани, но и за иднината на својата татковина.“