• 03.08.2021 20:32

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

ИВАНДЕН: Се празнува раѓањето на св. Јован Крстител

Денеска е раѓање на Свети Јован Крстител (Иванден).

Пророк кој оди пред Спасителот

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.

Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со Сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак, исто така, се остаток од старите словенски верувања.