• 15.04.2021 09:22

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Изложба „Голема мајка“ на Љубе Алексовски во Кичево

Во уметничката галерија на Центарот за култура во Кичево денеска ќе биде отворена изложбата со работен наслов „Голема мајка“ на ликовниот уметник од Скопје, Љубе Алексовски, кој одбележува четири децени работа.

На изложбата ќе бидат претставени стотина дела и таа ќе биде спој со изложбата што на 18 март ќе биде отворена во Куманово.

– Првпат ќе се претставам пред кичевските љубители на уметноста, со изложбата со работен наслов „Големата мајка“. Таа се состои од колажирани фотографии, алтернативни, кои ги работам полни 40 години, вели авторот Љубе Алесоски, потсетувајќи дека оваа изложба првпат во земјава ќе биде претставена денеска во Кичево, а на 18 март во Куманово.

Во Кичево изложбата ќе биде насловена „Големата мајка“, додека во Куманово ќе има работен наслов „Татко“, со што, според авторот, меѓу овие изложби ќе има поврзување како помеѓу Земјата и Сонцето.

Алексовски најави дека по примерот на спојување на два града во земјава, ќе продолжи и понатаму.

– По примерот на овие две изложби во Кичево и Куманово, ќе продолжам да спојувам два града со нови циклуси на изложби и со нови работни наслови, додаде авторот на „Голема мајка“.

Тој досега има организирано 14 самостојни изложби, а бил дел и од 112 групни изложби на разни локации во земјава. За годинава има планирано и нови изложби во повеќе градови во земјава.