• 21.04.2021 09:08

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Илјадници Израелци протестираа со барање Нетанјаху да поднесе оставка

ByJane Jancheski

Jan 10, 2021

Илјадници Израелци излегоа на улиците во Ерусалим синоќа, продолжувајќи со протестите со барање премиерот Бенјамин Нетанјаху да поднесе оставка во врска со обвинувањата за корупција и лошиот одговор на владата на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Демонстрантите протестираа на плоштадот „Ерусалим“ во близина на резиденцијата на израелскиот премиер во време кога на сила е третото по ред „заклучување“ на Израел поради зголемениот број заразени со Ковид-19.

Во Израел моментално се спроведува масовна вакцинација против коронавирус, во која повеќе од 20 проценти од населението во земјата ја добиле првата доза, а Нетанјаху во четвртокот рече дека државата обезбедила доволно вакцини за да се имунизира целата возрасна популација до крајот на март.

На крајот на 2019та година, обвинителството во Израел поднесе обвинение со кое Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на доверба и мито во три случаи. Израелскиот премиер претходно ги негираше сите обвинувања и рече дека е „ жртва на лов на вештерки“ од страна на непријателските медиуми, органите на прогонот и судството.

По професија економист, Нетанјаху долги години бил член на специјалните воени единици на Израел и учествувал во повеќе воени операции. За лидер на Ликуд е избран во 1993 година, по што победува на изборите во 1996 година и станува најмладиот премиер во историјата на земјата. По поразот на изборите во 1999 година привремено се повлекува од политиката, но се враќа во 2002 година, најпрво како министер за надворешни работи, а потоа и за финансии до 2005 година во владата на Ариел Шарон. Повторно е избран за премиер по изборите во 2009 година. Победува и на изборите во 2013, 2015 и 2020 година.