• 21.04.2021 19:21

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Инфлацијата се контролира: Засега нема драстични поскапувања на храната

BySarissa Editor

Dec 15, 2020

Податокот дека октомвриската инфлација бележи зголемување од 2,1 отсто, а индексот на цените на мало се зголемил за 1 отсто, значи дека се одржува контролираната инфлација, а тоа нема големо влијание врз економијата.

Во третиот квартал од оваа година годишната стапка на инфлација изнесува 1,5 отсто (наспроти 0,5 отсто во претходниот квартал), што претставува забрзување на растот. Економските експерти и натаму се на ставот дека во одредени моменти, инфлацијата дури може и да биде повисока, бидејќи преку зголемувањето на побарувачката, таа позитивно влијае врз економскиот развој. Науката одамна сугерира дека на државава и е потребна инфлациона стапка повисока и од пет отсто. Иако повисоката стапка на инфлација делува стимулирачки врз економијата, намалениот животен стандард и потрошувачка придонесуваат во малопродажната мрежа засега да нема некои драстични поместувања кај цените. Последните месеци, освен поскапувањата на маслото за јадење и на дел од средствата за хигиена, сите трговци, го одржуваат ценовното ниво, па дури и редовно прават акциски намалувања на цените.

– Цените на храната во третиот квартал на 2020 година остварија годишен раст од 3,3 отсто (2,9 отсто во претходниот квартал). Малото забрзувањето на растот на цените на храната се објаснува со повисоките цени на зеленчукот (годишен пад во претходниот квартал), а во помала мера и со забрзувањето на растот на цените на другите прехранбени производи. Од аспект на структурата, годишниот раст кај цените на храната главно произлегува од цените на овошјето, лебот и житата, месото, млекото, сирењето и јајцата, а помал позитивен придонес имаат и маслото и маснотиите. Во третиот квартал, раст бележат и продажните цени на домашните производители на храна и странските ефективни цени. Кај цените на енергијата во овој квартал се забележува мал годишен пад, како одраз на поместувањата кај домашните цени на нафтени деривати и цените на централното греење – пресмета Народната банка во последниот извештај.

Инфлацијата и во првите десет месеци од 2020 година е умерена и стабилна и во просек на годишна основа изнесува 1 отсто. Структурно гледано, цените на храната имаат најголем придонес во вкупната инфлација, а позитивен е придонесот и на базичната инфлација. Енергетската компонента и натаму се намалува во согласност со поместувањата на светските цени на енергенсите. Остварената инфлација е над проекцијата за 2020 година од 0 отсто во 2020 година. Во услови на намалување на економската активност и пад на увозните цени, ваквите отстапувања укажуваат на влијание на специфични фактори поврзани со пандемијата врз понудата и побарувачката врз цените на одредени производи. Во следниот период и понатаму има ризик од променливост на увозните цени, особено во услови на пандемија. Според анкетата на Народната банка, економските аналитичари очекуваат дека инфлацијата ќе изнесува 0,6 отсто во 2020 година и умерено ќе забрза достигнувајќи 1,3 отсто во 2021 година и 1,6 отсто во 2022 година.

Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) предупреди дека цените на храната растат, шести месец по ред, што укажува на постепено закрепнување од шокот предизвикан од пандемијата.

– Цените на житните култури во октомври скокнаа за 7,2 отсто во споредба со септември и 16,5 отсто во споредба со октомври минатата година. Извозната цена на пченицата се зголеми поради намалената понуда, а цените на пченката го достигнаа највисокото ниво во повеќе од шест години. Цените на шеќерот во октомври се зголемија за 7,6 отсто во споредба со септември, што се должи на очекуваниот пад на производството во Бразил и во Индија. Цените на растителните масла се зголемија за 1,8 отсто. Во октомври паднаа само цените на месото и тоа за 0,5 отсто во споредба со септември – објави ФАО.