• 03.08.2021 21:02

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Дамјан Петрески – „Историско-правниот континуитет на Охридската Архиепископија возобновена во лицето на Македонската Православна Црква“

BySarissa Editor

Feb 10, 2021

Христијанството на овие предели постои уште од апостолско време. Апостол Павле прв проповедал во Македонија и тука ја основал првата црковна општина во Европа. За постоење на посебна и автокефална Црква во Македонија имаме сведоштва уште од најстари времиња. Како прв епископ на македонската Црква се смета апостолот Урбан. Други познати епископи од тоа време се Силуан во Солун и Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Во наредните векови се споменуваат многу епископи кои стоеле на чело на македонската Црква. Некои од нив учествувале и на Вселенските и Помесните Собори кои се голема важност за цела Православна екумена. На Првиот Вселенски Собор во Никеја учествувале Стобискиот епископ Будиј, Солунскиот
 епископ Александар и Скупскиот епископ Дакиј, па митрополитот Паригориј бил учесник на Помесниот Собор во Сердика, 343/344 година, на Вториот Вселенски Собор учествувал Солунскиот епископ Ахолиј, на Третиот учествувал Филипскиот епископ Ахолиј, на Четвртиот Вселенски Собор учествувале епископите Квинтилиј од Хераклеја, Никола од Стоби, Дарданиј од Баргала, Созон од Филипи, Себастијан од Бер и Евсевиј од Добер ,    епископите Фока од Стоби, Александар од Ампифол и Сабинијаниј од Запара учествувале на Петтиот Вселенски. На Шестиот Вселенски Собор учествувале Јован од Солун и Јован од Стоби, а на Седмиот Вселенски Собор учествувал Теофил од Солун. Значи уште од четвртиот век се поставиле темелите на организирана Црква во Македонија со црковна ерархија. Во шестиот век светиот цар Јустинијан ја основал архиепископијата Јустинијана Прима. Јустинијана Прима била автокефална Црква чие седиште било во Скупи (Скопје), а поглавар бил дотогашниот скупски митрополит Кателијан. Јустинијана Прима била третирана како трета по чест Црква веднаш по Цариградската и Римската. Со доаѓањето на словените и нивното населување на овие предели се појавила потребата за нивно покрстување. Таа задача ја добиле светите браќа Кирил и Методиј кои најпрво составиле словенска азбука, а потоа ги превеле богослужбените книги на словенски јазик. Нивната мисија била успешна, покрај големите прогони кои ги трпеле. Светиот Методиј бил ракоположен за првиот словенски епископ, а неговиот ученик светиот Климент бил ракоположен за прв словенски епископ во Македонија. Светиот Климент ја основал охридската Црква и ја утврдил и затоа тој се смета за основоположник и патрон на нашата Црква. Продолжувајќи ги традициите од времето на свети Климент,  македонскиот цар Самоил ја основал и Преспанската, подоцна Охридска Патријаршија, која после падот на македонското царство и поразот на Самоил, византискиот император Василиј ја симнал на ранг на Архиепископија. Македонскиот народ имал своја посебна Црква низ текот на неколку векови кои следеле, односно се до 1767 година кога нашата света Црква била неканонски укината.

Царот Василиј во 1018 година во Струмица потпишал мировен договор со Охридскиот Архиепископ. Во тоа време правниот статус, дијацезата и бројот на епархии на Охридската Архиепископија биле одредувани според повелбите кои ги испратил Василиј на архиепископот Јован. Повелбите не се зачувани во оригинал туку во подоцнежни преписи. Првата повелба била издадена во 1019 година веднаш по паѓањето на македонската држава и воспоставувањето на византиска власт. Втората датира од месец мај 1020 година, а третата е издадена некаде помеѓу 1029-1025 година. Со тие повелби бил регулиран правниот статус на Охридската Архиепископија, нејзината автокефалност. Василиј ја потврдува автокефалноста и ја заштитува не само на надворешен, туку и на внатрешен план. По смртта на Василиј во 1025 година се сменил и добриот однос кон Охридската Архиепископија. Наследниците на Василиј почнале со поинтезивни обиди за елинизација на Охридската Архиепископија, па по смртта на архиепископот Јован во 1037 година за Архиепископ бил востоличен гркот Леон (Лав). Но и покрај многуте архиепископи грци, автокефалноста на Охридската Архиепископија не била укината. Кога крстоносците во 1204 година ја поразиле Византија и ги создале Латинското и Солунското царство и Епирското деспотство, Охридската Архиепископија не ја загубила автокефалноста. Како поглавар на автокефална Црква, Охридскиот Архиепископ крунисал неколку цареви, како Епирскиот цар Теодор, а во времето на српското владеење заедно со Трновскиот патријарх Симеон го востоличиле Никола за патријарх Пеќски, и сите тројца го крунисале царот Душан Урош на Велигден 1346 година во Скопје. Дијацезата на Охридската Архиепископија во зависност од моменталната политичко-воена ситуација се менувала, но територијата на Македонија постојано била во нејзина јурисдикција,а тоа е еден од најголемите аргументи на македонскиот народ да ја смета Охридската Архиепископија за своја Црква. Автокефалноста на Охридската Архиепископија продолжува и во времето на Османлиската Империја. Охридската Архиепископија за разлика од Трновската и Пеќската Патријаршија не ја загубила својата автокефалност и добила многу големи привилегии од султанот. Со укинувањето на Трновската и Пеќската Патријаршија епархиите кои ѝ биле одземени на Охридската Архиепископија сега ѝ биле вратени. Со текот на времето добрите односи се прекинале и османлиите почнале сѐ повеќе и повеќе да ја угнетуваат Охридската Архиепископија и македонскиот народ. Цариградската Патријаршија ги искористила овие прилики за да го исполни својот долго планиран план за да ја укине Охридската Архиепископија и да ги земе нејзините епархии под своја јурисдикција. Ги клеветеле Охридските архиепископи кај султанот дека работат против Османлиската Империја и дека се организатори на бунтови. Па така после многуте обиди тие на 16 јануари 1767 година на нечесен начин, добивајќи султанско ираде, го принудиле архиепископот Арсениј да поднесе оставка и да ја прогласи Охридската Архиепископија за укината, а сите нејзини епархии дека потпаѓаат под Цариградската Патријаршија. Со ова неканонско укинување престанал да постои осум вековниот стожер на македонскиот народ низ историјата, Охридската Архиепископија престанала да постои само по силата на султанската власт. Наместо канонски акт постоела само интрига против нејзината автокефалност од страна на Цариградската Патријаршија. Годините што следеле биле многу тешки за македонскиот народ. Кај македонците никогаш не исчезнал споменот на славната Охридска Архиепископија. Низ вековите нашите предци многупати се труделе да ја возобноват Охридската Архиеископија која била неканонски укината. По втората световна војна на 4 март 1945 година бил одржан првиот црковно-народен собор во Скопје во просториите на Офицерскиот дом. На овој собор била донесена резолуција во која под точка 4 било истакнато ,,Се решава да се возобнови историската Охридска Архиепископија и првиот македонски епископ да ја носи титулата Охридски архиепископ, а нашата православна Црква да се вика Светиклиментова Охридска Архиепископија”. Неколку години подоцна на Вториот црковно-народен собор одржан на 4 октомври 1958 година било одлучено Охридската Архиепископија да се возобнови како Македонска Православна Црква. Големата неправда нанесена на македонскиот народ била исправена на Третиот црковно-народен собор, одржан два века по неканонското укинување на Охридската Архиепископија, тоест на 16/17 јули 1967 година. Ова не било прифатено од српската Црква, и покрај многуте историски докази кои ја потврдуваат автокефалноста на Охридската Архиепископија, и тие ја прогласиле нашата Црква за расколничка и прекинале со служување со нашето свештенство.

Со возобнова на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква била продолжена неколку вековната духовна традиција на македонскиот народ која неканонски била прекината во 1767 година. Таа традиција и многуте историски докази, царски повелби пишани документи писма и слично кои сведочат за постоењето на Охридската Архиепископија и за нејзината автокефалност, говорат дека ние македонците во потполност имаме право на наша Црква, на Охридската Архиепископија, која впрочем е и мајка Црква на многу Православни Цркви. Нашата Црква е жива Црква во која пребива Светиот Дух, ги следи Христовите заповеди и одлуките на Вселенските Собори, на кои учествувале и македонски епископи и  ја следи и традицијата на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Како таква Црква Христова, Македонската Црква е поставена на цврсти основи и „…вратите на пеколот никогаш нема да ја надвладеат“ (Мт. 16.18).