• 03.08.2021 22:59

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Како треба да изгледа еден полициски службеник?

BySarissa Editor

Sep 30, 2020
Филип Павловски

Полицијата претставува јавен сервис кој е неизоставен дел од државната управа. Таа е институција преку која се вршат полициските работи од страна на полициски службеници. Нејзините основни цели се во согласност со принципот на владеењето на правото и се однесуваат на заштитата и почитувањето на основните човекови права и слободи кои се гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, како и заштитата на правниот поредок, спречувањето и откривањето на казнивите дела, преземањето на мерки за гонење на сторителите на казниви дела и една од најосновите цели на секоја полиција во светот е одржувањето на јавниот ред и мир во општеството. Сите овие цели се остваруваат од страна на полициски службеници, како овластени службени лица кои поседуваат полициски овластувања и своите полициски работи ги вршат согласно закон. Но, за остварувањето на сите овие цели, многу е значајно да се постави прашањето: Како треба да изгледа еден полициски службеник?

Општопознато е дека полициските службеници се делат на: униформирани и неуниформирани. Иако, основните карактеристики се идентични за сите полициски службеници, сепак, постојат карактеристики кои се специфични само за неуниформираниот дел од полицијата. Нивната основна грижа е откривањето на казнивите дела и нивните сторители, реализирањето на превенцијата , а во согласност со надлежностите на криминалистичката полиција. Важно е да се напомене дека неуниформираните полициски службеници се помалку забележителни од останатиот дел на полицијата. Но, јас би се задржал пред се на униформираните полициски службеници, односно на нивната личност (police personality).

Униформираниот полицаец претставува државно службено лице, стручно обучено за работа во рамките на јавната безбедност кое како општ критериум треба најосновно на ги поседува професионалните знаења. Од него се очекува при своето постапување, освен строгата професионалност, доследно да ги почитува и законските и етичките прописи. Полицискиот службеник е припадник на еден сложен состав со јасно определни правила, законска регулативна и хиерархиски обележја. Неговите активности потребно е да бидат ослободени од било какви сопствени ставови, чувства и емоции и во склад со етички кодeкс и етичко однесување. Освен тоа, секој полициски службеник треба да се одликува и со здрав разум, внимателност, практичност, чесност и одговорност, интегритет, посветеност, сигурност и задоволително ниво на интелигенција, љубезност, авторитет и почит. Друго што треба да го карактеризира полицискиот службеник е разумноста и рационалното однесување, големо ниво на доверба, храброст, праведност и најважно од се, да ги игнорира сопствените интереси при извршувањето на своите работни функции. Сите овие карактеристики потребно е да ги поседува секој полицаец бидејќи во рамките на неговото работење, тој се сретнува со одреден притисок на две тези кои се спротиставуваат една со друга. Имено, од едната страна притисокот се однесува на повисокиот степен на ефикасност во откривањето и борбата со криминалот и криминалците, а од другата страна, се јавува спротиставен притисок кој може да придонесе до тоа, за да се удоволи оваа побарувачка, за што поголема ефикасност при извршувањето на своите задачи, полициските службеници да претераат со употребата на сила, која би дошла до степен на прекумерност и сето тоа да предизвика критики од страна на јавноста.                 

Она на кое се обрнува особено внимание во изминатиот период е таканаречената полиција во заедницата или “community policing”. Всушност, настојувањето е од страна на речиси сите современи држави, особено кога станува збор за униформираните полициски службеници како “видлив” дел од полицијата, да го постават полицискиот службеник што поблиску до граѓаните. Целта на овој систем е интегрирањето на полицаецот во општествената средина кадешто дејствува, односно заедничко решавање на проблемите со граѓаните во рамките на една локална заедница. Тоа всушност претставува еден вид на повик до полицијата за да го слушне гласот на народот, да овозможи физичко присуство на терен, и заедно, со здружени сили и соработка помеѓу полицискиот службеник и  граѓаните,  да се идентификуваат и  решаваат проблемите што ја загрозуваат таа заедница. Со ова, полицијата повеќе не е единствен чувар на законот и редот, туку сите членови на заедницата стануваат активни сојузници во обидот да се зајакне безбедноста и квалитетот на живот во рамките на една општествена заедница. Сето ова може да се постигне само со конструктивно партнерство, заедничка енергија, разбирање  и трпеливост. Филозофијата на овој пристап вели дека е потребна проактивната превенција на криминалот и останатите загрозувања, а не само репресивно одговарање на повиците од страна на полицијата.