• 20.04.2021 23:00

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Калоѓера: Секоја земја првенствено ги штити своите интереси, освен Република Македонија

BySarissa Editor

Mar 3, 2021

Хрватскиот македонист Горан Калоѓера со жешка шлаканица за Македонија, чиј почесен конзул беше во Риека.

„Секоја барем малку цивилизирана земја треба првенствено да ги штити сопствените интереси. Тоа го прават сите земји, со исклучок на Република Македонија. На неа судбината ѝ ја кројат ‘пријателски’ настроените соседи, и тоа не само судбината, ѝ ја кројат историјата, ѝ го сотираат идентитетот, се мешаат во средното и во високото образование, сега е на ред и Македонската академија на науките и уметностите, која сака да го сочува своето изворно и единствено име што ѝ припаѓа, како впрочем и на другите институции во Република Македонија.

Нам, кои отстрана ја набљудуваме ситуацијата во Македонија ништо не ни е јасно, освен една работа, а таа е дека се оди на систематско уривање на сите институции што би требало да го бранат идентитетот на Македонија, на Македонките и на Македонците. Тоа што посматрачот отстрана го загрижува е нерешителноста, резигнираноста, па дури и постепеното предавство на самите Македонци и Македонки на сето она што Македонија некогаш беше и значеше.

Ретки интелектуалци го креваат својот глас, аргументирано, со знаење и научно втемелено го бранат идентитетот на својот народ, но никаква корист од тоа. Македонија се урива, пропаѓа, се враќа во султанските времиња, кога сите што можеле ја делеле и искористувале.

Одамна се помирив со фактот дека никогаш повеќе нема да дојдам во Македонија, за што ми е жал. Бидејќи таму ми беше убаво и се чувствував како меѓу свои. Но, времињата се менуваат, нема повеќе македонски величини како Конески, Тодоровски, Матевски, Чашуле, Грозданов, Ристовски, кои можеа да кажат – ДОСТА! Секоја чест на оние интелектуалци што упорно се борат за ВИСТИНАТА, но кому да докажат… На луѓето од власта? Нема шанси!

Целото ова време се надевав дека нешто во Македонија ќе оди на подобро, но вистината е дека се залажував. Реалноста е груба, погубна и се плашам дека за судбината на земјата и на луѓето на чија култура и книжевност посветив четириесетина години од својот живот“, напиша Калоѓера на Фејсбук.