• 04.08.2021 11:10

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колку е силен или слаб човечкиот збор?

Byurednik

Jan 12, 2021

Во светот премногу е тешко да се најде нешто толку убаво и значајно, како што е човечкиот збор. Човечката способност преку говорот да ги искажува своите мисли претставува скапоцен Божји дар. Благодарение на човечкиот збор сочувано е и Божјото Откровение. Со помош на напишаните зборови ние можеме да го користиме духовното богатство од многу свети луѓе, кои живееле многу векови пред нас. Нивните молитвени подвизи, совети и поуки ни стојат на располагање за да можеме да ги користиме во сопствениот живот.

Бог со Својот семоќен збор го создал светот, говорејќи: „Нека биде“. Светиот Дух преку пророците им говорел на луѓето. Ангелите со помош на зборовите на луѓето им ја објавувале Божјата волја.

Ако некој се обиде да го објасни нашиот земен живот и човечката култура, а притоа да не употребува зборови, би се нашол пред огромни и ненадминливи тешкотии. Говорот на човекот му е потребен исто онолку, колку што му се потребни и водата и воздухот.

Бидејќи зборовите ни се дадени за со нив да се служиме во различни прилики во животот, потребно е да не ги злоупотребуваме: со нив да не нанесуваме болка, навреда, хула, соблазна… Бог предупредува на будност и самокритичност во говорот кога вели: „Ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговарат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден“ (Матеј 12: 36-37).

Човечките зборови во себе кријат моќ која може да подигне, но и да собори; да воскресне и убие; да спаси и уништи. Сè зависи од човечкото срце, бидејќи од срцето излегува и добро и зло. Свети апостол Јаков говори: „Јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благословот и клетвата…“ (Јаков 3: 8-10).

Убавиот, благопријатен и пријателски збор врз секој човек делува како мелем на рана, како опоен цветен мирис, како утринска роса и како пролетно ветре кое нè освежува и нè прави среќни. Премудриот Соломон говори: „Пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“ (Изрек. 16: 24).

Напротив, грубите, грди, навредливите и богохулни зборови, пцуењата се во состојба да нè ранат и повредат како остар меч, отровни стрели или удар од гром: „Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој што сведочи лажно против ближниот свој“ (Изрек. 25: 18). Раната во човечката душа која е предизвикана од лошите зборови долго време нè измачува и бавно се лекува. И во нашево современо време има многу понижени и навредени, зашто никој не е имун и целосно заштитен од повредите, кои се предизвикани од лошите постапки и зборови.

За уништувачката моќ на зборовите Библијата говори: „Многумина паднале од остар меч, но повеќе се оние кои паднале од јазик“ (Сир. 28: 21).

Лошиот збор негативно може да влијае и на добрите луѓе, а добриот збор и лошите луѓе може да ги поправи. Овде треба да се потсетиме и на една наша народна поговорка: „Убавиот збор и железни врати отвора“. Преку убавиот збор стекнуваме пријатели, а непријателите ги скротуваме и победуваме.

Само неразумниот и крајно неодговорен човек може да си дозволи лесномислено да се однесува кон своите зборови. Оној, кој ја говори невистината, измислува лаги, ги напаѓа и оговара своите ближни, осудува, нагрдува, пцуе – создава немир и раскол најпрво во самиот себе, а потоа и во својата околина. Општеството мора да се штити и брани од таквите „зборливи“ луѓе, да бега од нив, да ги избегнува и да бара заштита. „Лошите јазици“ разнишале многу стабилни луѓе, предизвикале кавги во семејствата, непријатности на работните места, кавги и расправии, притоа оставајќи пустош во многу души.

За да не дојде до сето тоа, неопходно е да ги контролираме своите зборови и добро да размислиме пред да ги употребиме. Нашиот народ убаво вели: „Трипати мери – еднаш сечи!“.

Уште пред неколку илјади години светиот апостол Петар рекол: „Кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги“ (1. Петр. 3: 10)

Нашиот народ отсекогаш го ценел серизониот, стабилен и разумен човек, кој малку и разумно говори, и тоа само тогаш кога е тоа потребно и колку што е потребно: „Кратко, но слатко“.

За воздржување на јазикот од лошите, некорисни и богохулни зборови неопходна е морална зрелост, моќна волја и самокритичност. Таквите луѓе, кои успешно ги контролираат и господарат со своите зборови, светиот апостол Јаков ги нарекува „совршени“: „Оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело“ (Јаков 3: 2-3).

На крајот да се запрашаме: Какви сме ние во однос на зборот и говорот? Каков е нашиот човечки збор? Дали секогаш внимаваме што ќе кажеме или дозволуваме јазикот да ни биде побрз од мислите, па отпосле да се каеме? Дали сме господари или робови на јазикот?

Одвреме навреме секој треба да се преиспита себеси во однос на своите зборови. Да провери: Дали е добро сè што рекол или нешто требало да се каже поинаку; или нешто воопшто не требало да се каже! Колкупати „некој нè повлекува за јазик“, па ќе го речеме и она, кое инаку не би го рекле, а за истото потоа се срамиме. Лекот тука се состои единствено во обуздување на јазикот, зашто само така можеме да го направиме да биде помалку опасен.

Да ја искористиме својата способност за говорење, така што ќе упатиме убав, човечки и пријателски збор кон своите ближни, без разлика дали тие ни се наклонети или не. Само со добри зборови и пријателски однос може да се победи злото во меѓусебните односи, во семејството и во општеството.