• 20.04.2021 14:36

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Александар Богатинов – „За можноста и важноста на практикување на директна демократија“

BySarissa Editor

Mar 2, 2021
м-р Александар Богатинов

Оваa моја колумна претставува вовед во истакнувањето на практикување на директна демократија во малите и средните градови во Македонија. Со други зборови, сите општини во Македонија треба да имаат една настроеност кон практикување на директна демократија, ако сакаат да го одржуваат во себе демократскиот дух.

Во правото разбирање на поимот демократија, не се огледуваат дотолку слободата и правата на граѓанинот, туку важноста за учество во владеењето на сите граѓани во едно општество.  Всушност, слободата и правата треба да бидат само резултат од тоа владеење на демосот (народот). Затоа живоста на демократските процеси во една држава исклучиво зависи од можноста на учество во носењето на одлуки на сите граѓани. Но, поради недостигот на ваква можност, во современото разбирање на поимот демократија, најчесто нагласокот се става на слободата и правата на поединецот.

            Конкретизирајќи се на начинот на којшто граѓаните на една држава учествуваат во власта, во современото разбирање, демократијата, најчесто, се дели на директна и претставничка   демократија. На кратко, директната демократија претставува начин на владеење во заедницата каде што им е овозможено на сите на непосреден начин (преку предлози, заземање на ставови, уважување на мислења. гласања) да учествуваат во донесувањето на одлуки кои се однесуваат на јавното добро во самата заедница. Поради масовноста на современите држави ваквиот модел на управување е надминат и воглавно демократијата функционира на посреден начин, преку избор на претставници кои ќе носат одлуки на одреден временски период место народот. Ваквиот модел на демократија се нарекува претставничка демократија и таа е најчест вид кој што функционира во современоста.

            Се поставува прашањето: „дали претставничката демократија го одразува вистинското значење на поимот демократија, онака како што е тој формулиран?“ Во најоптимистичката варијанта би рекле, само делумно да! Но, голем број на критичари на современиот капитализам претставничката демократија ја нарекуваат „политички циркус“. Или да пообјасниме, изборот на претставници (политички партии, независни претставници со свои програми) на одреден временски период секогаш ја ограничува можноста на граѓанинот да учествува во носењето на одлуки кои се однесуваат за доброто на заедницата. Тие одлуки граѓанинот ги има оставено на доверениот претставник кој што  го избрал за ограничениот временски рок. Со самиот избор граѓанинот ја препушта политичка моќ на претставниците да го  владеат и носат одлуки место него. Но, со ова доверување се коси основниот постулат на демократијата ( владеењето на сите граѓани). Како најмало зло од ваквата поставеност во владеењето би било носењето на одлуки на преставниците на власта за кои не се конслутирани граѓаните.  Друга негативна појава е носењето на одлуки кои се во спротивност на волјата на оние кои што ги избрале. Но, поголемите зла се оние кои што  се однесуваат на злоупотреба на политичката моќ на претставниците за свои лични цели. Затоа, современата претставничка демократија за да ја одразува демократичноста постојано бара начини преку кои ќе се легитимира себе си т.е. ќе ја одржува довербата кај граѓаните во неа. Најдобар начин тоа да се направи е да се следи волјата на граѓаните преку постојано сослушување на мислењата на граѓаните. Или успешноста во функционирањето на претставничката власт е во постојаното навраќање кон ставот на обичниот граѓанин. Затоа претставничката демократија преку различни модели на децентрализација се обидува колку што е можно повеќе овластувањата да ги пренасочува на локално ниво и во рамките на демократските политики во помалите заедници да овозможи да ја оживува демократијата т.е да овозможи сите да одлучуваат во власта.   Само така, таа може да го етаблира вистински демократскиот дух. Државите кои што имаат голема традиција на демократски дух го знаат оваа и го практикуваат.

            Проблемот околу претставничката демократија, изворедно го има објаснето уште Аристотел, еден од најуспешните теоретичари на државните уредувања. Впрочем, за него било апсурдно да се разбере поимот  демократија во државите или градовите со голема популација. Секогаш големата бројност на популацијата во еден град-држава му штети на самото разбирање на поимот демократија. Да го поставиме едноставно прашањето: „како една власт ќе овозможи сите да си ги изразат своите мислење и ставови во рамките на неколку милионски град.“ За него демократијата (владеењето на сите граѓани) може да постои само во  градо-државите во кои граѓаните  меѓусебно се знаат и можат да си разменат мислења сите едни меѓу други. Или да го парафразирам: „градо-државите треба да бидат дотолку големи така што ќе може гласникот во еден ден да ја пренесе пораката којашто се однесува на сите.“ Или најточно кажано, најважниот услов којшто треба да се исполни за да едно уредување биде демократско е сите граѓани во општеството да имаат можност да си го изразат своето мислење за заедничкото добро. Тоа значи демократијата треба да биде говор, а не глас на граѓанинот.   Демократијата треба да биде израз на размислувања, ставови, дијалог, говор, во никој случај избор на претставници. Ваквиот вид на демократија каде што сите може да учествуваат во одлуките кои се однесуваат на заедничкото добро се нарекува во современоста директна демократија. И овој вид на демократија го одразува вистинското значење на поимот демократија. Таа не е идеал, таа е остварлива и денеска постои во кантоните во Швајцарија, но и во многу мали градови низ Англија, Норвешка, Шведска, итн. Воглавно, се смета дека директната демократија е остварлива во градови со околу 10000 жители. И овој модел на управување треба да биде единствен модел на управување кој ќе се прилагодува во повеќето градови во Македонија.  

Директната демократија треба да биде пракса на управување на секој избраник на локални избори во малите и средни градови во Македонија. Под тоа се подразбира, отвореност на градоначалникот, советниците и другите носители на функции кон своите граѓани. Избраниците треба постојано (секојдневно) да бидат присутни меѓу граѓанството и да ги слушаат нивните размислувања, ставови и идеи. Секој говор кој се однесува на јавното добро треба да биде сослушан. Тоа е критериумот за демократичност, говорот кој се однесува на јавното добро. Граѓаните треба да бидат сослушувани за елементарни проблеми кои се однесуваат на секојдневното живеење до визионерски ставови. И оние размисли кои се најоправдани и за нив постои постои најголема согласност да бидат уважувани.   Од друга страна пак, граѓаните треба да се охрабруваат да се  организираат во различни групи на интереси (месни заедници, НВО, професии, здруженија на граѓани, итн) преку кои на форуми ќе се дискутираа за нивните барања и преку дијалог ќе се носат најобмислени одлуки.