• 15.04.2021 08:58

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Александар Богатинов – „Пријателствување, а не другарување во политиката“

BySarissa Editor

Jan 20, 2021
Александар Богатинов

За пишувањето на оваа колумна бев предизвикан од однесување на еден премиер и една влада на една држава и прекршувањето на еден од нај-по-себе разбирливите поставки во однесување во политиката, а тоа е пријателствувањето. Со други зборови, современата светска политика, на сите нивоа се засновува на пријателствувањето, а не на другарувањето. И оваа колумна претставува една основна школска лекција за секој оној којшто сака да се занимава со оваа дејност.

Иако ние најчесто во секојдневната употреба не правиме разлика помеѓу овие два поими, и најчесто ги употребуваме како синоними, јас ќе се обидам преку една етичко-психолошка анализа да ја расветлам таа разлика во значењето која би требало да постои.

И двата поими си имаат свое позитивно значење. И двата поими се чувствуваат во етиката за-потребни во општествувањето. Но се поставува прашањето како правилно да се разберат овие поими? Или уште подиректно, дали постојат области и доби од животот кога едниот поим му го отстапува местото на другиот?

Следејќи ја психологијата и развојот на личноста, терминот другарство е поим кој настапува и е исклучително важен за детскиот и младешкиот период на личноста. Односно неговата важност се огледува во целиот период на развој на личноста. Во својата идеализиранa форма, под овој поим се подразбира надминување на љубовта од семејните односи и пренесување на таа љубов во општествувањето, каде што личноста врз основа на неа, создава еден свет на општествување во кој основни етички вредности треба да бидат еднаквоста, сеопштото делење, заедничкото. Другарувањето, како важна карактеристика на личноста во развој, се засновува на идеалот дека сите делиме еден ист поглед на свет, со исти вредности, сеопшто прифаќање на еден со друг, каде што алтруистичкиот принцип на заедничко, го надминува егоистичкиот принцип на засебност. Ваквиот идеален свет кој произлегува од другарувањето е особено карактеристичен за детската доба од животот. Децата поради доминацијата на фантазијата во однесувањето и слободното време најмногу можат да го соживеат овој идеален свет. Но, и во тој другарски детски свет многу често се рушат овие идеали, во моментот кога под влијание на некој во другарувањето, другарите заведени од желбата за споделување и жртвување полека влегуваат во погрешниот правец и го искусуваат лошото. Она што ја карактеризира оваа детска доба е недоволната развиеност на логичко-расудувачката моќ на личноста. Па поради тоа, таа лесно дозволува себе си да се занесе, да поверува, да идеализира, но и да погреши. Поради недоволната развиеност на логичко-расудувачката моќ и недоволната самосвест на децата, за нив велиме дека нивниот свет е невин, и за жал тие поседуваат една наивност.

Со развојот на личноста низ детскиот период, полека се развиваат и логичко-расудувачките моќи на неа, но и нејзините специфики, различности, интереси, односно таа се повеќе се опосебува, станува засебна, и при тоа во општеството претставува граѓанин. Тоа значи зрела личност со свој индивидуален поглед на светот, свои вредности, лична судбина и единствен животен пат. Зрелата доба од животот претставува самосвест на личноста за својата исклучителност и единственост. Таа засебност, истовремено подразбира свест дека не можеме сите да бидеме еднакви, не можеме сѐ да споделуваме исто и да поседуваме ист поглед на светот. Тука настанува добата на пријателствувањето. Зрела доба на човекот каде што тој продолжува да гради односи, но врз основа на разликите кои ги поседуваат луѓето меѓу себе. Заедништвото продолжува на еден инаков начин, преку соработка и помагање, но истовремена уваженост и почит кон она што е различно во однос на другите. Со други зборови, пријателствувањето е другарување на една изградена и зрела личност. Во зрелиот период од животот, една личност преку другарувањето може да се навраќа на своето детство, да ја негува својата инфантилност, но со самото тоа таа се откажува од реалистичниот поглед на светот. Ако во другарувањето ние влегуваме во еден имагинарен свет, преку пријателствувањето се држиме до реалноста.

Таа реалност ни е потребна, за да се поштедиме себе си од лажните верувања, измамите и лошите намери од непријателот, разочарувањата од лошо поставените идеали. Затоа зрелата личност се држи себе си за пријателствувањата. Тоа значи таа се држи себе си до реалноста. Свесен си ја чува својата засебност, своето достоинство низ пријателствувањето. Пријателствувањето е одраз на вистинската самосвесна личност, бидејќи таа знае дека не може сѐ да биде идеално и води сметка за разликите кои постојат помеѓу неа и другиот. Зрелата личност со помош на разумот ги проценува случувањата, карактеристиките на другите, а со тоа успева да го зачува својата засебност и своето достоинство.

Во историјата првите создадени комуни (егалитарни заедници) во зародишот на христијанството, негувале една силна верба во еднаквоста заснована на љубов, солидарност, и сеопшто делење. Тие луѓе коишто ги граделе овие заедници негувале другарство кое се засновувало на сеопштото заедништво, без никаква меѓусебна надреденост, и верба дека се спремни за откажување од своето себство во корист на заедницата. Но, уште на почетокот, таа лажна  верба ја разоткрива во еден момент Исус Христос, кога апостолот Петар му вели на Учителот: „Господару, готов сум со тебе да одам и во затвор и во смрт!“ А овој му одговара: „Ти велам, Петре, денес петел нема да запее додека трипати не одречеш дека ме познаваш.“ И вистина, Петар ја осведочил својата нецелосна верба до утрото.

Околу другарувањето, и неговата невиност и наивност во однос на реалноста, добар пример за наведување е обидот за изградба на комунистички општества. Комунизмот на голема врата ги отвораше идеалите на христијанството: еднаквоста, заедништвото, солидарноста, итн. Тој обид се најмногу препознаваше преку меѓусебното условување на граѓаните во заедницата како другари. Ова условување на сите меѓусебе како другари имаше за цел да ја истакне таа еднаквост и тоа заедништво. Но сето тоа заврши во еден суров крај од  поделби кои што сеуште траат.

Другарувањето како свој препознатлив елемент во надворешната политика кон соседите ја презеде и еден премиер на една земја. Тој, впрочем си стави маска за да глуми братство со своите соседи, да гради „доверба“ на еден понизен начин и да верува во искрените и добри намери на своите соседи.  Но, во својата глума на братска љубов изворедно беше препознаен од нив. Па истите преку своите безкорпулозни барања му покажаа како тие знаат да се однесуваат кон ваквите глумци кои воопшто немаат во однесувањето никакво достоинство и не се разбираат од пријателствување. А оние пак, коишто на почетокот го поддржуваа и од кои тој најмногу очекуваше солидарност, на крајот го оставија да се „дави“ во своето другарување. „Грција ќе го чува нашето небо“, „Братска Бугарија ќе ни отстапи вакцини“, „Бугарска администрација имало во втората светска војна на овие простори“, „Нато ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, се мал број на примери каде еден човек ги заборава своите логичко-расудувачки моќи и се става себе си во една детска доба барајќи другарство. Овој премиер дури ги загуби и вистинските пријатели на својата земја, за сметка на неговата глума на другарување.