• 03.08.2021 22:18

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на д-р Александар Нацев – „Пропаганда- или битка за срцата и умот на граѓаните“

Bysrs-editor

Jun 29, 2021

Последниве неколку месеци, како последица на политичките случувања во Република Македонија, многу често се користат термините пропаганда и пропагандна кампања во секојдневните говори на политичарите, во новинарски текстови, во големиот број дебатни емисии, но и во меѓусебните разговори помеѓу обичните граѓани. Ако се погледнат различните контексти во кои се споменува пропагандата во нашето општество, ќе се забележи дека најчесто таа се доживува како негативна појава и како алатка за да се убедат луѓето да постапат во одредена ситуација и да изберат како ќе рационализираат, постапат или го дадат својот глас на одредено гласање. Во друг контекст, пропагандата се гледа како помошна алатка во одредени информативни кампањи кои треба да ја информираат јавноста за одредени аспекти или гледишта.

Во основа, пропагандата претставува организиран метод и систем на ширење на идеи и наративи. Пропаганда е планираната употреба на било која форма на јавна или масовно-произведена комуникација која е дизајнирана со цел да оствари влијание врз разумот и емоциите на дадена група заради специфична цел, било таа цел да е воена, економска или политичка. Па така, секоја активност која има намера ширење на ставови и принципи преку пишан, печатен или сликовит медиум, директно или преку импликација и која е дизајнирана со цел да влијае врз луѓето да поверуваат во она што пропагаторот го пропагира претставува пропагандна активност.

            Бидејќи пропагандата е намерен и систематски обид да се обликуваат перцепциите, да се манипулира расудувањето и да се насочи однесувањето, постојат различи типови на пропаганда според нивото на нејзината транспарентност. Имено, се разликуваат два типа на пропаганда според транспарентноста, а тоа се отворена и затворена пропаганда. Отворена пропаганда се врши во услови при кои идентитетот и интересите на пропагаторот им се познати на целната група, кога на пример пропагаторот е одредена политичка партија или невладина организација (за заштита на животна средина и слично), а целната група се граѓаните од кои се бара одредена поддршка. Затворена пропаганда има во услови кога пропагаторот е непознат или прикриен, како на пример во преноси од тајни радио станици под тајно име или преку конспиративни групи.

            Исто така, пропагандата може да се подели и според изворот. Бидејќи пропагандата е  систематска форма на намерно убедување кое се обидува да оствари влијание врз емоциите, ставовите, размислувањата и активностите на специфични целни групи, многу е важно како ќе се одреди изворот на таа пропаганда. Па така, постојат три вида на пропаганда според изворот: бела пропаганда која потекнува од познат извор, сива пропаганда во која изворот не е јасно идентификуван и црна пропаганда, која пробува да го сокрие изворот на тој начин што ја насочува целната група дека оној извор кој го гледаат е вистинскиот (а всушност не е, туку е само параван за вистинскиот).

            За крај, збор два и за главните карактеристики на пропагандата, за да може граѓаните полесно да ги идентификуваат типовите на пропаганда кои погоре беа споменати. Пропагандата и пропагандните кампањи се одликуваат со користење на делумни или селектирани информации, кои се насочени да влијаат повеќе на емоциите, отколку да интелектот (разумот). Во зависност од потребата, може да се користи за маркетинг, односи со јавност, политички маркетинг, кампања за информации од јавен карактер, и исто така, во зависност од потребата, може да биде позитивна или негативна.