• 03.08.2021 22:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Зоран Бошковски – „Асоцијации“

Bysrs-editor

Jul 15, 2021
Зоран Бошковски

За правото, од нас кон останатите: Regnum regno non praescribit leges (Кралство на кралство не му пропишува закони) е стара латинска изрека, која, ја изрекол грофот и хрватски бан, Иван Ердеди, шеф на хрватската парламентарна група, на заседанието на заедничкиот (Унгарско-Хрватски) Сабор (парламент) во Будим во 1790 година. Со оваа изрека, преставниците на Хрватскиот сабор (парламент) јасно дале до знаење дека Хрватска е самостојна држава со сопствени закони и дека во својата земја нема да дозволи наметнати закони и владеење на туѓ парламент, (во случајов, унгарскиот). Иван Ердеди и оваа реченица ќе станат дел од сржта во заложбите за Хрватското државно право. Иван Ердеди, е еден од петте бана што ќе ги даде оваа хрватско-унгарска благородничка фамилија.

Ова за правото, од нас кон останатите, мислев да посочам на еден пример, од минатото на еден нам близок народ, за да се замислиме (не дека до сега не сме се замислиле), или поточно да размислиме, за да останеме со исправена кичма, зашто: Regnum regno non praescribit leges.За правото од нас кон нас самите: Велат, војниците на Александар Македонски еднаш заробиле еден пират кој со својот брод, крстосувал по Средоземното Море, ограбувајќи бродови и крајбрежни градови и места. Зошто си пират, зошто го правиш тоа?- го прашал Александар Македонски, кога го донеле пред него. Зашто имам само еден брод, а немам триста како вас. Да имав триста немаше да ме викаат пират, туку крал, зашто и двајцата го правиме истото. Ова за правото од нас кон нас самите, мислам на човекот кој украде десет ќебапи и заработи години робија, а и на оние со торбите, скапите…, Па нели рековте, дека додека нема правда нема да има мир.

За здравството: (КАПА ДОЛУ НА ЦЕЛИОТ МЕДИЦИНСКИ ПЕРСОНАЛ, ОД ТЕХНИЧКИОТ ДО ОНИЕ ВО ОПЕРАЦИОНИТЕ САЛИ) Пред неколку месеци син ми си ја скрши ногата. Матичната лекарка не упати во една од болниците во КЦ Мајка Тереза (Државна). Отидовме таму, не снимија, ни ставија гипс и се беше во ред додека, на заминување не ги замолив да ми дадат количка за да можам син ми да го однесам до автомобилот. Во моментов немаме, ми рекоа. А дали ќе имате после овој момент- ги прашав. Не знаеме- ми одговорија. Моментот стана многу моменти и јас, видов, невидов, го земав син ми на ќукш. Кога бевме деца, кога си игравме, ќукш му велеше детето, на детето на чиј грб беше качено, а кое мораше да го носи на грб, поради тоа што изгубил во претходната игра. Инаку, ќукш е извик, што го упатува сопственикот на магаре, кога тоа ќе почне по малку да заостанува при одењето или да не ги исполнува зададените задачи од стопанот. Мислам дека магарето тоа не го прави намерно, туку поради тежината на грбот што ја носи. Ако магарето продолжи и понатаму да забошотува, тогаш најчесто стопанот почнува да го губи трпението и то ќукш понува да станува ќукш со многу у, на пример: ќуууууууууукш. И така, јас си го земав син ми на ќукш (со едно у) и се упатив кон автомобилот. Автомобилот беше прилично далеку паркиран од болницата, не затоа што јас така сакав, туку затоа што по добри триесетина минути тражење паркинг место едвај успеав да најдам едно, кое да беше десетина метри погоре сигурно ќе беше длабоко на територијата на општина Сопиште.

Одејќи така кон автомобилот некаде на половина пат до него тоа ќукш почна да добива уште у во него, за на крајот, ми се чини стана ќукш со многу у.Ова за здравството, за тие што беа надлежни и рекоа, ветија, со раката на градите, таму до срцето, последниве три години, дека ќе ги подобрат условите за паркирање во Клиничкиот центар и… дека ќе изградат нов Клинички центар и…

За образованието:Станислав Јиржи Лец (1909-1966), полски поет, философ, писател на сатирични дела и на афоризми. Пред неколку години, читајќи една негова книга со афоризми, за кои мислам дека се на самиот врв во светската афористика, прочитав еден афоризам, толку едноставен, а толку суптилен. Ќе се обидам да го парафразирам: Еднаш на една табла покрај една река прочитав: Научете да пливате. Веднаш со креда го пречкртав напишаното и под него допишав: Зошто, па нели Панта реи?Ова за образованието, гледајќи ги рангирањата што ги прават за образованието на државите, што владини што невладини организации по Европа и светов, и нашето место на нив, ми се чини дека овој афоризам, последниве три години, многу сериозно е сфатен. Како сме тргнале, се се плашам дали на следниве рангирања воопшто ќе не земат во предвид, мислам да не рангираат. Тоа дека треба да се учи е сосема јасно, да треба, но да се учи за потребите и барањата на дваесет и првиот век, нели. Само кога ќе се сетам која хајка се креваше, години наназад, за поставувањето на компјутерите по училиштата, за интернетот, за обуките на наставниците, за програмата по име на еден град и универзитетски центар од западна Европа, за бесплатните учебници и за што ли уште не. Денес истите тие ветуваат дека следниве години ќе го прават истото, само тоа го кажуваат со свои зборови. Како и да е, максимата: Знаењето е сила, знаењето е моќ, останува вечна вистина.

За политиката или политичарот: Во политиката последниве години длабоко навлезе етимологијата. Не дека од неа видовме некаков аир, ама си фаќавме добар сеир. Вокабуларот на еден политичар беше, а мислам и дека се уште е, толку богат што после многу негови јавни настапи, деновите што следеа беа денови на етимологијата. Инаку етимологијата е наука за потеклото на зборовите. Тој политичар станува(ше) етимолог и се разбира го објаснуваше потеклото на зборот кој во претходниот ден, на некој јавен настап го кажал, а за кој тоа самиот сметал дека има потреба да се дообјасни, односно неговата вистинска смисла . А кажуваше зборови, за кои навистина требаше помош од етмологијата и се разбира етимолог, а тој политичар. Ова за политиката или политичарот: Еден ден можеби навистина ќе го разбереме значењето на зборовите на тој политичар, а што имаа потреба за објаснување од етимолог. Се се плашам да не ги рабереме предоцна, или да и ги оставиме на историјата…,а со етимологијата од сега, па натаму нека се занимаваат само етимолозите, а со политиката, политичарите.На крај, како крај сакав да завршам со еден афоризам на Лец, но сепак, изгледа ќе завршам со два:,,Повеќе ги сакам народите кои се збир на ,,јас” отколку поединците од народот кои се дел од ,,ние” и ,,Времето го прави своето. А ти, човеку?”.

Па, памет во глава народе, изборот е твој!