• 25.06.2021 14:57

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Ирена Ќириќ – „Книгите како најголема инспирација“

Bysrs-editor

Jun 5, 2021

Книгата е единствена магија на овој свет што се пренесува, а читањето претставува сонување со отворени очи. Добрата книга овозможува патување низ времето и просторот додека вие останувате удобно сместени во сегашноста.

Бенефитите од читањето се многубројни, особено во денешното време кога динамиката странува наша секојдневна рутина, а читањето често се сведува единствено на кратките статуси од социјалните мрежи. Но и покрај тоа едно е сигурно, книгите секогаш ќе останат во мода.

Преку книгите најлесно можете да го збогатите својот живот, да истражувате други култури, да спознавате нови идеи, да пронајдете инспирација и да се пронајдете себеси. Мирисот на книгата (независно од тоа дали е нова или стара) секогаш е извонреден, не мотивира и насочува кон креативност и патување во нови светови.

Според бројни истражувања докажано е дека читањето позитивно влијае врз менталното здравје, поточно со ментална стимулација на вашиот мозок ја зачувувате неговата моќ. Намалување на стресот, исто така претставува една од придобивките на добрата книга. Со читањето постојано ги надополнувате своето знаење и вокабулар, а сите претходно посочени бенефити влијаат и врз зголемување на меморијата и создавањето на една од најдобрите човечки особини- емпатијата.

Книгите, како и пријателите треба да бидат внимателно одбрани според вашиот карактер. Добрата книга секогаш ќе го стимулира вашиот ум, вашите аналитички способности и ќе ја подобри вашата комуникација. Затоа, никогаш не судете за книгата според нејзините корици, прво прочитајте ја и запомнете, луѓето кои читаат имаат поквалитетен, поисполнет и подолг живот.

Книгите се најголема инспирација и најголемо духовно богатство, затоа, Ве мотивираме да читате. Иако тоа делува тешко поради секојдневните обврски, во прилог следуваат неколку совети како книгата да ја вклучите во распоредот:

  • Направете список на книги кои сакате да ги прочитате;
  • Започнете со 15-30 минути на ден;
  • Носете ја книгата со Вас;
  • Одберете книги по Ваш вкус;
  • Откажете се од книги кои не ви се допаѓаат;
  • Разговарајте со пријателите и разменете искуства.