• 25.06.2021 15:00

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Ирена Ќириќ – „Реформи во образованието- дигитализација или дискриминација?“

Bysrs-editor

May 19, 2021

Зборот „реформа“ подразбира менување или подобрување, усовршување на нештата кои што во досегашна употреба и пракса се покажале како незадоволителни. Едно општество, како нашето, кое што се стреми кон развој, следење на европските и светските трендови неминовно е во својот глобализациски процес да минува низ голем број на реформи во сите сегменти од општествениот живот. Но, дали сите реформи, задолжително значат унапредување и усовршување? Веќе неколку седмици, актуелна тема во нашата држава се токму „реформите во образованието“, чија основна цел пред се би била воведување на целосна дигитализација на учебниците во образовниот процес.

Денес, кога техниката е неизоставен дел од секојдневието, логично е и образовните процеси да се прилагодуваат кон модерните мултимедијални трендови, Но, дали тоа значи дека треба целосно отфрлање на досегашниот начин на образование? Дали тоа значи дека учебниците, книгите и бројната печатена литература треба да заминат во заборав? Дали при планирање на овој сеуште предлог закон е земена во предвид реалната слика и состојба на нашето општество и нашето образование? Дали доколку се спроведе овој закон министерството за образование ќе стане уште една дисфункционална институција во нашиот правен систем? Дали можеби дигитализацијата претставува само една алатка за реализација на дополнителни скриени цели како што се менувањето на наставните предмети и наставните содржини, воведување на сензитивно родово образование, менување на термините „мајка и татко“ со „родител 1 и родител 2“?

Многу прашања, а малку одговори. Образложенијата на предлог законот се насочуваат исклучиво кон неговата реализација и само и единствено на придобивките и позитивните страни на истиот (доколку воопшто ги има), а притоа истите се целосно нереални и неспроведливи во пракса, бидејќи нашето општество сеуште не е спремно за превземање на вакви драстични промени. Целосно се занемарени сите негативни влијанија и последици од воведувањето на ваков тип реформи, кои во едно мало и неразвиено општество како што е нашето ќе бидат големи и долгорочни. Нашето општество пред се не е финансиски подготвено да ја поддржи и реализира оваа реформа, која покрај тоа што е долгорочна и комплексна со себе повлекува уште цела низа проблеми како што се обезбедување на дигитални уреди во сите образовни институции, и секако за сите деца, одлична интернет конекција која би овозможила непрекинато одвивање на образовните процеси во училиштата и секако стручни лица кои би биле задолжени и секогаш на располагање доколку се појават пречки и проблеми, дополнителна обврска се долгите и задолжителните обуки на наставните кадри кои дел од своето време и внимание ќе треба да го посветат на дигитализацијата и тековните проблеми наместо да се фокусираат на самиот образовен процес. Во изминатат година имавме убава можност да ги проследиме ефектите од т.н. онлајн настава, која според спроведени анализи се покажа како поразителна, потенцијалите и концентрацијата кај децата што следеле онлине настава се покажале значително пониски во споредба со наставата со физичко присуство. Дополнителен проблем кој би се јавил со целосната дигитализација и отфрлањето на печатените учебници е продлабочувањето на дискриминацијата помеѓу населението и дополнително скрнавење и уништување на бројни белези на нашиот идентитет и традиции кои до сега се пренесувале генерациски токму преку традиционалните образовни процеси. Секое општество токму низ образованието и образовните процеси ги негува своите традиции, со целосно менување и имплементација на целосно нов систем на образование тенденциозно и намерно се уништуваат корените, традицијата и историјата. Не е залудно кажано дека доколку сакате да уништите едно општество, народ и историја тоа најлесно ќе го направите преку уништувањето на образовниот систем.

Постојат толку многу решенија, кои веќе се применуваат ширум светот и се покажале како успешни, за напредок во образовните процеси, а притоа не го отфрлаат во целост традиционално образование. Ако веќе се воведуваат реформи, логично е да се тргне од основните потреби и слабости на веќе постоечкиот образовен систем, а не да се создаваат нови проблеми. Со целосна дигитализација само би се продлабочила дискриминацијата во општеството, едни би учеле од дигитални уреди, други од печатени скрипти, кои притоа би морале самите да си ги обезбедат. Децата би биле заробени зад дигиталните уреди што дополнително на долгорочен план би создало низа општествени и здравствени проблеми. Покрај укинувањето на основното детско право – „правото на образование“, децата дополнително ќе бидат десоцијализирани со зголемени ризици за појава на голем број заболувања поврзани со видот, рбетот, зависноста од дигитални уреди, нарушување на бројни моторички функции, намален психофизички развој и сл. Во иднина наместо едуцирани кадри би имале генерации зависни од технологија кои во еден експериментален процес на образование се стекнале со оскудни и основни познавања од определени области. Од оваа ситуација единствено извесно е тоа дека полека но сигурно се движиме по еден пат кој води кон менување на нашата историја, менување на нашите традиции преку непроверени концепти донесени во краток временски период. Полека но сигурно се уништува нашиот идентитет и историја.

Образованието е долгорочен процес кој треба да биде темелно изграден и планиран, а сите промени и реформи поврзани со него треба да бидат промислени, логични, добро испланирани и поддржани. Последните случувања се повеќе укажуваат на непромисленост и импулсивност. Исклучувањето на клучните фактори при планирање на овие промени, наставниците, родителите, наставничките факултети како и целосното игнорирање на бројните реакции од стручната фела дополнително ставаат негативен акцент на овој најавен процес и укажуваат дека токму сега е потребна сплотеност со цел зачувување на идентитетот, традициите и белезите. Реформите се потребни, секако дека се, и дигитализацијата исто така, но само и еднинствено како надополнување на печатените содржини, без непотребни експерименти кои единствено би го уназадиле нашиот општествен систем. Знаењето е сила, знаењето е моќ, а книгата  треба да остане нашиот најдобар пријател!