• 03.08.2021 21:43

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Ирена Ќириќ – „Улогата и значењето на иновациите“

Bysrs-editor

Jun 18, 2021

Денешните брзи промени на светскиот пазар стануваат предизвикувачки и динамични за компаниите. Современите компании работат во средина која често се дефинира како бурна и неизвесна, што има силно влијание врз успехот и опстанокот на самата компанија. Следењето на глобалните трендови им наметнува на компаниите брзо да реагираат и да се прилагодат кон промените доколку сакаат да ја следат можноста за напредок и развој.

 Улогата на квалитетно образование и знаење станува се посилна, особено кога станува збор за стекнување конкурентска предност на пазарот. Преку детална анализа на трендовите и креативност, се создаваат процеси на иновации, кои се основа за воспоставување конкурентност. Со мотивирање и поттикнување на претприемништво и иновациите, секоја земја се грижи за својот економски раст и развој (зголемен извоз, создавање нови работни места). Притоа, важно е да се создаде и развие свест за важноста на иновациите и нивната примена во економијата, особено во земјите во развој кои сеуште немаат доволно моќен образовен систем од оваа областа.

Зборот „иновација“ често се користи како опис за создавање вредност во компаниите, преку развој на нови знаења и идеи, како и користење и усовршување на веќе постоечки знаења и искуства на нови начини. Прва помисла, кога ќе се употреби овој термин, секогаш, се нови производи. Сепак, покрај производите, иновацијата може да се однесува и на производствени или услужни процеси, а ваквите иновации ја имаат истата стратешка улога како и иновациите на производите.

Иновациите, се истакнуваат како еден од најважните двигатели на секоја национална економија. Затоа, не постои една унифицирана дефиниција за иновации, бидејќи тие претставуваат широк и комплексен концепт. Заедничко за сите концепти е дека иновацијата задолжително означува новитет, без разлика дали е присутна во компанијата, на пазарот или во светот. Со квалитетна и добра идеја се постигнуваат успешни иновации, а колку повеќе тие добиваат на важност, толку повеќе расте и бројот на луѓе кои се занимаваат со нив и се насочуваат кон  иновативност и креативност. Сепак, секогаш е потребна дополнителна мотивација и едукација за развој на определена замисла или идеја, особено во нискоразвиените држави, во кои спаѓаме и ние.

Нашето oпштество, пазар и менталитет сеуште се во развојна фаза кога станува збор за оваа комплексна тема. Реализацијата на иновациите од идеја до финален производ или услуга претставува долгорочен и комплексен процес. Сепак, постојат институции и програми во нашата држава (јавни, приватни и странски организации) кои ја мотивираат креативноста и иновативноста, а притоа обезбедуваат иопределена поддршка (финансиска и едукативна) за развој и имплементација на иновациите.

Позитивно е тоа што според спроведени анализи во Македонија и земјите од регионот во споредба со високоразвиените земји, ние имаме висока стапка на креативни млади лица кои покажале амбиции и желби за спроведување и реализација на иновативни проекти, особено во областа на екологијата и енергетската ефикасност кои што се топ тема на светско ниво. Покрај нив, голем број на иноватори во Македонија се насочуваат кон технолошкиот развој и унапредување на технолошките процеси во определени индустрии со застарени модели на производство, како и кон пронаоѓање на нови софтверски решенија од разни области.

Иновативноста како континуиран процес, треба да биде составен дел од секоја бизнис активност и претприемништво во Светот. Глобалниот економски систем е обележан со постојани промени и оние кои не се прилагодуваат немаат можност за опстанок и развој. Иновациите го стимулираат економскиот раст, вработеноста и растот на приходите, воедно го подобруваат квалитетот на животот и ја зголемуваат конкурентноста на земјата. Сите овие причини укажуваат на исклучителната важност на иновациите.

Новите производи овозможуваат зачувување на позициите на пазарот, но исто така ја зголемуваат и профитабилноста. Конкурентската предност на компанијата подразбира дека таа има способност да произведува и пласира производ или услуга што ниту една друга компанија нема. Дури и кога иновациите се веќе пласирани на пазарот, компанијата мора да пронајде креативен начин да ја одржува конкурентноста преку дополнителни методи како што се подобар квалитет, амбалажа, маркетинг во споредба со конкурентите.

Како резултат на глобалните процеси, технолошкиот напредок, екологијата и комплексните побарувања на потрошувачите, иновациите стануваат клучни во создавањето на конкурентни организации. Еден од главните начини за опстанок на компаниите на светскиот пазарот е внимателното и аналитично следење на глобалните трендови, како и постојано вложување во иновативните процеси. Единствено на таков начин може да се обезбеди конкурентност, раст и развој на определен пазар, индустрија и економија.