• 03.08.2021 21:33

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Ирена Ќириќ – „Што беше гордост?“

Bysrs-editor

Jun 28, 2021

Размислувам многу на оваа тема, поттикната од случувања од минатиот викенд. Размислувам за нашиот народ, историја, традиции, за нас како индивидуални лица, за нашите деца, иднината. Размислувам за менталитетот на нашиот народ, за Македонија, за нашите предци, нивните борби за идентитет, интегритет и слобода.

Денес сме тука каде што сме, во демократско општество во кое секој поединец има подеднакво право на глас, право на мислење, став и своја определба, нели? Па доколку секој има подеднакви права, зошто тогаш ни е потребна промоција на т.н. „ГОРДОСТ“? Зарем за секоја „различност“ треба да се „парадира“ јавно низ улиците?

Да не бидам погрешно сфатена, немам ништо против нечија определба и начин на живот, но сметам дека ваквиот вид на промоција и комерцијализација на „различностите“ има негативен ефект во нашето конзервативно општество, за сите па дури и за „различните“. Зад затворени врати секој има право да биде што сака, да биде со кого сака, но јавното наметнување и истакнување не е соодветно, особено кога се коси со нашите вкоренети традиционални и семејни вредности.

Зарем немаме доволно нешта на кои можеме да бидеме горди? Зарем треба да ги присвојуваме туѓите традиции за да се истакнеме. Се согласувам дека уникатноста на една нација ја сочинуваат различностите, но не оние поради кои треба да се „парадира“. Уникатноста на една држава и општество пред се ја сочинуваат историјата и традицијата, обичаите и корените. Ние сме богат народ, богата нација, можеби не од материјален и финансиски аспект, но од аспект на традиции  и духовни богатства дефинитивно се разликуваме, се истакнуваме. Македонија и гордост во една реченица, убаво звучи.

Би можеле да се насочиме кон промоција на историјата, религијата, традициите и да бидеме горди на нив. Да ги модернизираме старите белези кои не истакнувале како народ. Да ги промовираме нашите природни богатства, реките, езерата, планините, црквите и манастирите. Традиционалната кујна можеби. Уникатните носии, уметноста низ вековите, македонското писмо и јазик, бројните литературни и уметнички дела.

Би можеле многу, но некогаш е полесно да се стави превез на очите кога треба да се погледне во минатото, да се биде глув кога не довикуваат корените, а устата да ни остане нема за да можат да се чујат гласовите на туѓите. Затоа што, пред се, некогаш, а можеби и премногу често, преовладува интересот.