• 31.07.2021 17:13

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Лејла Рајкова – “Македонската жена – храбра, лојална и непокорна”

BySarissa Editor

Mar 7, 2021

Се започнува од семејството. Семејството е многу важно за здрав раст и развој на нашите деца. Во семејството почнува: градењето на личноста, воспитувањето, поддршката и развојот на секоја една единка во општеството. Семејството претставува централно место во животот на секое дете. Тоа е прва емоционална и социокултурна средина во која што се развива детето. Улогата на жената е голема не само во семејството туку и во општеството, политиката, образованието, уште од минатото па се до ден денеска.

Улогата на жената во општеството е многу голема и значајна уште од античко време. На територијата на Античка Македонија влијанието и моќта на жената може да се воочи преку ликот на Олимпија. Таа била ќерка на епирскиот крал Неоптолем I, сопруга на Филип II и мајка на познатиот Александар III. Олимпија се омажила за Филип II во 357 година  на островот Самотрака. Бракот помеѓу Филип и Олимпија бил чисто од љубов но подоцна настануваат несогласувања кои донеле многу промени. Олимпија како македонска кралица имала голема улога во општеството, во управните, воените и дипломатските работи. Во понатамошниот период може да ја видиме македонската жена како е активна во сите историски настани и борби од нашата историја. Жените се бореле и против окупаторот, масовно учествувале во ослободителните движења, како медицински сестри се грижеле и рамо до рамо се бореле со мажите. Во периодот на Античка Македонија и хелинистичкиот период познати како силни и влијателни жени со директна власт, покрај Олимпија се среќаваат и Тесалоника, Береника, Теодора.

Македонската жена е многу храбра, одлучна и силна. Таа дава се од себе да го зачува она што е нејзино, верува во него и силно го љуби. Македонската жена е вистинска лавица која се бори низ животот и се носи со сите животни предизвици.Таа е личност која ја прави вашата куќа топол дом, која се грижи, негува и ги воспитува вашите потомци, која се грижи за нашата македонска традиција да се зачува на кој било начин. Во секојдневното функционирање покрај тоа што е мајка и сопруга таа станува и дел од општествените процеси трудејќи се и силно борејќи се да биде вклучена и активна во општествениот живот со цел подобрување и усовршување на нашето битисување.

“Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот за другите, а не за мојот”. Ова се последните зборови на Мирка Гинова македонски народен херој жена лавица, силна, смела која не се плашела и храбро чекорела за она во што верувала. Колку голем човек треба да бидеш за да го дадеш и својот живот за она во што веруваш, тоа е симболиката на Македонска жена.

Уште една македонска силна и борбена жена која го дала својот живот е Румена Војвода позната како “Планинската царица” која била воодушевена од борбата на Дедо Иљо Малешевски кој со 170 ајдути меѓу кои и таа ја нападнале Кулата во Деве Баир. Таа била силна, смела и многу решителна во своето дејствување. Од страна на Османлиите била тепана и измачувана. Таа подоцна формирала своја ајдучка чета која била страв и трепет за Османлиите. Румена Војвода била водач на една од најпрочуените ајдучки дружини во македонската историја.

Сите силни македонски жени низ историјата оставиле длабоки белези и печат на карактеристиките на македонската жена. Сите борбени македонски жени кои се дел од македонската историја, кои ги споменуваме и ден денес, многу од нив се опеани во нашите македонски песни, носат имиња на значајни установи, го заслужуваат споменувањето и нивното величење затоа што ја покажале својата верност, лојалност и борбеност за зачувување на македонската традиција, македонското постоење и дејствување.

Многу убаво ќе каже Петре М. Андреевски во својот прв роман “Пиреј” каде, преку троскотната трева пиреј го покажува својот непокорлив народ : „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

Мора да се спомене и Сирма Војвода легендарен женски лик од македонската историја. Сирма на многу млади години одлучила да стане војвода и да се бори против опустошувањата и теророт што се вршел врз македонскиот народ. Изреволтирана со голема доза на нетрпеливост и бес решила да застане рамо до рамо со мажите и да се бори против неправдите. На собирот на македонските ајдути таа се облекла во машка носија и се појавила на собирот без знаење на нејзините родители. На собирот се донела одлука за водач на групата да биде избран најмалдиот член на групата, а тоа била Сирма Војвода. Сирма Војвода била на чело на групата околу 20 години, сознанијата велат дека групата дознала дека Сирма Војвода е жена дури откако се распаднала. Оваа македонска жена го докажува македонскиот ген за борбеност, мудрост и истрајност.

Во минатото можеме да ја видиме македонската жена која е борбена, силна, пожртвувана и лојална на она што треба секој од нас до го има и изразува, а тоа е коренот наш македонски кој треба да се чува и зачува од различни напади. Коренот на нашите прабаби и баби е македонски тие се чеда израсната на оваа Македонска почва, тие израснале во земја која постои со векови, која била напаѓана но секој пат како победник продолжува понатаму во своето постоење. Коренот наш македонски не е од вчера или од пред некоја година, нашиот корен е длабок кој тешко може некој да го промени. Чувството за  припадност е еден и единствен Македонски некогаш, сега и засекогаш.

Затоа слободно може да се каже дека македонската жена е коренот на Македонија таа е столб на семејството а воедно и на македонското  битисување. Жената треба да се сака и да се почитува, борбениот инстикт ја прави македонската жена непокорлива. Македонската жена е и чувар и пренесувач на македонската традиција, во неа се длабоко всадени и традиционалните вредности кои неуморно ги пренесува од генерација на генерација се со една цел да ја зачуваме нашата традиција, која е оставена како аманет од нашите предци.

Колку и да сме оспорувани и негирани сјајот на Македонија никој не може да го избрише, колку и да сакаат да не променат неможат затоа што ние сме тука и гласно зборуваме за нашето минато, гласно зборуваме за нашите баби и дедовци и нивните приказни и поуки кои ги пренесуваме од колено на колено за да младите генерации разберат за пожртвуваноста, лојалноста и храброста на македонскиот корен.

Денешната македонска жена е уште посилна, образувана, модерна, истрајна, мудра, лојална а сето тоа како резултат на македонскиот ген од нашите предци. Денешниот облик на македонската жена е пософистициран, но борбата за македонското постоење, за македонскиот идентитет и култура и денеска постои. И денеска македонската жена се бори за своето постоење и покрај негирањата и оспорувањата. Многу силни македонски жени гласно зборуваат и ја искажуваат својата припадност која ја носат во својата крв. Македонската крв неможе да се избрише многу лесно, таа крв се лее со години но секој пат се нагласува и кажува гордо нашето Македонско постоење.