• 15.04.2021 10:02

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Лејла Рајкова – „Патриотизмот – важен елемент на конзервативизмот“

BySarissa Editor

Feb 9, 2021
Лејла Рајкова

Љубовта кон сопствeната држава е многу важен елемент на секаков вид на конзервативизам. Патриотизмот е природен и здрав инстинкт. Самиот збор патриотизам потекнува од лат. збор “патрија”-татковина, љубов кон татковината, љубов кон јазикот, културата, историјата, луѓето и сл. Патриотизмот исто така може да се каже дека претставува емотивна врска со татковината. Чувството на поврзаност и приврзаност со нашата татковина секој од нас ја доживува на различен начин, но сепак тоа чувство е дел од секој нас.

Конзервативизмот ги чува традиционалните вредности, кој како темели на општествениот живот ги негува моралот, религијата, семејството, традицијата, државата  која ни ја оставиле и за неа се бореле нашите предци. Конзервативизмот денес го сфаќаме како чување и одржување на веќе постоечките вредности. Конзервативизмот нема сосема негативно мислење како што денес многумина мислат. Конзервативците ја обожаваат традицијата затоашто на поединецот му даваат чувство на припадност и стабилност, обезбедувајќи им на луѓето идентитет и чувство на вкоренетост. Промените претставуваат патување во нешто непознато кое создава само несигурност. Патриотизмот е важен елемент од конзерватизмот, тој е нишка од ланецот кој го надополнува и исполнува поимот на конзервативизмот во неговата главна суштина и значење. Конзервативците ги препознаваат традиционалните вредности како авторитетни и го оценуваат денешниот свет според стандардите на овие традиционални вредности.

Една стара мудрост вели: “Патриотизмот не се кажува, тој се покажува и докажува”. Но, во последните години кај нас може да се каже дека ова се само празни зборови без дела и активности со кои може да се покаже и докаже патриотизмот и патриотските дејанија. Љубовта кон сопствената држава треба да биде над сите други интереси. Зачувувањето на она што го имаме и за кој некој во минатото се борел е нашата најголема животна победа. Секојдневно сме сведоци на преземање на големи чекори кои не носат ништо добро за иднината, кои се штетни не само по сопствената држава, туку и лично на нас како индивидуи.

Патриотизмот е нешто што го има во секој од нас, но тој треба да се развива, да се негува и чува а подоцна во животот јасно и гласно да се брани од различни предизвици кои се појавуваат. Вистинските патриоти и вљубеници во сопствената држава со здрав ум и разум размислуваат, со цела своја душа и срце сакаат, искрено и силно дејствуваат чувајќи и негувајќи го тоа што го имаат. Така наречените квази патриоти со тек на времето самите ќе исчезнат, затоа што вистинскиот патриот не се создава, тој се раѓа и развива бранејќи и негувајќи тоа што е негово и тоа што му го оставиле неговите поколенија. Лажниот патриотизам се препознава и не може долго да опстане.

Да го зачуваме и негуваме тоа што го имаме на вистински начин, да правиме сега а и во иднина дела кои носат прогрес и просперитет на нашата држава, внатре во неа и надвор од неа. Сите заедно сплотени да покажеме и докажеме колку си ја сакаме и цениме нашата држава.Само нашите постапки и дела може да бидат сведок за она што сме го направиле или не сме го направиле. Не можеме да знаеме каде сме, уште помалку каде одиме се додека не знаеме каде сме биле и кој сме биле.