• 04.08.2021 10:30

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Лејла Рајкова – „Стоп за одливот на мозоци“

BySarissa Editor

Jan 26, 2021
Лејла Рајкова

Одлив на мозоци, можеби звучи малку чудно и малку грубо, но во сегашноста е секојдневие. Народот овој феномен го гледа околку себе. Нашите политичари и државници воопшто не се трудат да го решат, ниту зборуваат за овој голем државен проблем. Напротив тие го маргинализираат и игнорираат, освен за време на предизборни кампањи.  

Сведоци сме секојдневно дека некој заминал од државата, или планира тоа да го направи во блиска иднина. Малку жалосно, но таа е нашата сурова реалност. Причините за одливот на мозоци се многубројни; ниските плати, лошото образование, немањето можност за вработување, немањето можност за напредок, лошата политичка ситуација, партизираните институции, нефункционирањето на институциите, неможноста за остварување на основните човекови права и слободи…

Жалосен факт е дека особено младите во голем број заминуваат од нашата  убава држава. Уште пожалосен е фактот што заминува високообразован кадар за да работат во странство на работни места за кои не е потребна стручна квалификација. За тој кадар е вложено многу труд и мака и финансиски средства за да еден млад човек од кога ќе стане академски граѓанин на нашата држава си замине од неа. Не постојат реални бројки, но длабоко сум убедена дека бројот е навистина голем на иселени граѓани од нашата држава. Овој факт задира во сите етнички заедници и полова припадност. За жал бројот на новозапишани прводделенци секоја година е се помал; се помал е и бројот на новородени деца од година во година. Ова се социјално-демографски прашања за кои сега во овој момент треба да преземеме крупни чекори, секое подоцна ќе биде прекасно.

Кај нас се нарушува едно многу важно право на човекот кое е загарантирано со Уставот и со многубројни меѓународни Конвенции за заштита на човекот и неговите слободи, а тоа е правото на еднаква можност на сите. Човеково право кое кажува и дава многу на секој човек, доколку се почитува ова право, секој ќе биде задоволен и секој ќе си го добие своето место кое што го заслужува. За голема жал се уште партиската книшка е една од најважните “алатки” за успех, просперитет, вработување, добивање тендер и напредок. Накратко кажано, со целосната партизација на општеството во сите сфери и домени, злоупотребите, нефункционирањете на институциите е нашата сурова реалност со која се соочил секој од нас барем еднаш во животот.

Како личност која критички размислува чуствувам граѓанска одговорност да изразам големо незадоволсто од моменталните состојби кои ни се случуваат на секое поле. Незадоволството е големо, секојдневните случувања кои ги доживуваме не носат никакви позитивности, не носат ништо добро за иднината.

Не знам на кого да се обратам, па затоа ќе кажам ГЛАСНО за да допре до сите. СТОП за одливот на мозоци, СТОП за заминувањето на младите од семејните огништа, СТОП за нееднаквоста во нашата држава, СТОП за непочитувањето на човековите слободи и права. Нашите деца треба да останат и да творат во сопствената држава, да не бидат робови на печалбарскиот живот, треба да им се обезбедат услови да бидат среќни и задоволни и успешни во татковината. А Владата и владините функционери го носат товарот за создавање услови за подобро утре на младите луѓе.

Ве молам застанете за момент со вашите фрустирачки, егоистички и материјални интереси и малку размислете. Можеби еден ден и вашето дете да замине од оваа наша убава Македонија, па тогаш ќе го гледате еднаш во годината, семејните прослави ќе бидат без вашите деца, нема да присуствувате на нивните успеси и нема да можете да ги прегрнете кога тоа ќе им биде најпотребно, а и на вас. Децата се нашата иднина, децата се нашето богатство со кое што треба да се гордееме.