• 20.04.2021 19:07

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Тамара Митковска – „Сите жртви на Јавна соба“

BySarissa Editor

Feb 12, 2021

Во овој период една од најактуелните теми во нашата држава е случајот „Јавна соба“ и дискусијата која се води на социјалните мрежи за тоа кој е всушност виновникот.

Кога за прв пат слушнав за ова случување минатата година имав проблем при формирањето  мислење и заклучок, а истото се случи и сега, една година подоцна. На социјалните мрежи има вжештени конфликти за тоа кој е виновникот, жртвата или сторителот и тука започна поделбата на луѓето. Ако добро ги прочитаме барем дел од коментарите  и ставовите во однос на темата, ќе се сретнеме со остри напади и коментари кон жртвите и/или сторителите, предоцното пријавување на случаите, патријархалното уредување кое е се уште присутно наспроти еднаквоста помеѓу половите и слично. За да се дојде воопшто до некаков заклучок, потребна е детална анализа на двете страни на спектарот, со цел полесно објаснување на оваа дилема.

Доколку ги земеме предвид жртвите, особено оние кои ги пријавиле нивните случаи со години задоцнување, тие добиваат секакви коментари од типот: „Зошто сега?  Сигурно ти било убаво, затоа молчеше досега? Сигурно си одела пак таму бидејќи ти било убаво. Ти си виновна!“  На ова се надоврзуваат и многу други коментари како носењето на кратки здолништа, како да е тоа сосема разумна причина за некое злосторство како силување. Сакам да напоменам дека самите жртви дури сега ги пријавуваат злоделата, бидејќи се плашат токму од ваков тип осудување, кое и да го нема, жртвите воопшто не би чекале да пријават, а особено не би чекале доколку имаше закон во државата кој би ги заштитил. Токму тие коментари се причината поради која се плашат да се соочат со фактот дека ним им се случило нешто вакво и наместо да добијат поддршка тие се обвинети. Истакнувајќи ја важноста на еднаквоста која постојано во други ситуации се наметнува како причинско-последичен исклучок, забележав дека во оваа дискусија не се спомнуваат случаите на силување и злоупотреба насочени кон момчињата. Факт е дека сексуалните злосторства се сé поприсутни и кога веќе зборуваме за еднаквост треба да зборуваме за сите вакви збиднувања, без разлика на полот на жртвата, а гласот на сите жртви треба да биде почитуван и слушнат до крај. Кога се бориме за закон кој ќе ја штити жртвата, тој треба да се однесува на сите бидејќи овие работи можат да се случат на секого, мајка или татко, брат или сестра, пријател или пријателка, може да му се случи и на човекот кој денес да ја обвинува жртвата зад скриен профил.

Што се однесува до сторителот, не постои изговор за едно вакво дело. Изговор не е дека здолништето е прекратко или излегла со другарките и се напила малку повеќе. Секој човек, во рамки на загарантираните права има право да прави што сака, кога сака и како сака со себе и своето тело и никој нема право да го злоупотреби тоа. Доколку споделува разголени фотографии на социјалните мрежи, тоа е индивидуална работа. Секоја социјална мрежа има договор за согласност и приватност и секој човек е свесен за тоа што споделува и што може да се случи со споделениот материјал. Проблемот во „Јавна соба“, покрај споделувањето фотографии, видеа и деградирачкото однесување кон девојките, е споделувањето на нивните информации, како адреси на живеење и телефонски броеви. Доколку ја земете сликата од јавен профил, човекот кој ја споделил е свесен за тоа што сé може да се случи со таа слика, но користењето и давањето на лични податоци од еден на друг без дозвола е кривично дело. Луѓето од преголем фокус на сликата, не ни забележуваат што навистина се случува т.е. не го забележуваат незаконското споделување на личните податоци.

Ова се двете спротивставени страни на спектарот преку кои доаѓаме до клучното прашање, кој е „виновникот“? Јас мислам дека вината пред сé треба да се бара и кај самите родители на жртвата и на сторителот. Дискусиите од типот „воспитај го син ти“ или „воспитај ја ќерка ти“ во однос на тоа што јавно се забележува, се на работ на сексизам и дискриминација кога говориме за ваков проблем, за што ценам дека воопшто не се потребни две пароли, туку треба да има само една „воспитај го своето дете!“. Секој психолог и педагог ќе посочи дека сé произлегува од семејството и детството, во годините кога се оформува карактерот на личноста. Семејната стабилност и цврстите врски помеѓу децата и родителите играат важна улога во оформувањето на една личност. Наспроти тоа, доколку личноста претрпи или биде сведок на сексуално злодело на мала возраст, доколку е жртва на семејно насилство, психичко насилство, отусуство на старател кој ќе служи како пример како тоа дете да се однесува во општеството, шансите тоа дете да стане сторител или жртва се зголемуваат. Секако не треба да се генерализира, меѓутоа тоа се показатели на кои треба да се обрне внимание. Луѓето кои се кријат зад профилите на социјалните мрежи, наместо да се фокусираат дали жртвата „си го барала“ или сторителот дека е „монструм“, нека одделат дел од своето време да ја разгледаат поголемата слика за ваквите појави. Некогаш сторителот може бил жртва, а жртвата сторител. Ова не е изговор за злоделата кои се случуваат и сторителите секако треба да бидат казнети, но сакам да истакнам дека не треба да има остра критика ниту кон сторителот ниту кон жртвата во оваа крајна фаза на случување.  Овие работи треба да се решаваат во рамки на институциите на системот, со подетална анализа на социјалниот и психолошкиот аспект на овие индивидуи, во насока на решавање на проблемот во неговата сама суштина и корени, а не на социјалните мрежи и особено е важно,  да не  судиме никому, бидејќи утре тоа може да се случи секому!