• 31.07.2021 15:31

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

КОЛУМНА НА ЈАНЕВСКИ: Еве како му молчевте на Венизелос кога го правеше истото што и Каракачанов и Захариева

BySarissa Editor

Nov 22, 2020

Пишува: Дарко Јаневски

(напишано во 2013 г. денеска им го посветувам на сите комуњари, удбаши, пропагандисти и загари, а кои одеднаш „се запалија“ кога некој како Каракачанов и Захариева ти го оспорува името, идентитетот…, а молчеа како риби кога, на пример, истото го правеше Евенгелос Венизелос како министер за надворешни работи на Грција)

Никако не бива со оваа македонска власт. Никако да си го стави прстот на чело и да разбере дека на премиер на Унгарија не се дава орден. Оти тој не е избран на демократски избори. Оти неговата земја не е членка на Европската Унија. Оти тој е диктатор, па нормално е што дошол на посета во диктаторска земја. Всушност, да не бил диктатор, да не била Унгарија таква, таа држава не ќе разговараше со нас како со Република Македонија, туку ќе не фиромизираше делејќи ни при тоа едно чудо лекции за тоа колку уште сме далеку од критериумите за во саканото ни друштво. Како што тоа го стори нашиот драг и сакан пријател Венизелос Туркоглу. Кој е човек со демократски интегритет, пријател на Македонија, наспроти Орбан. Оти прво, ни ги отвора очите околу нашето име. Второ, ни кажува кои ни се историските корени. Кога не може тоа самиот да го стори, има свои поданоци во Скопје кои му се наоѓаат при рака. Па тоа што тој не стигнал, оти е зафатен трчајќи по светиот да ни обезеди поддрчка, ни го кажуваат тие. Трето, фино ни објаснува дека ова не е држава на македонскиот народ и националностите како што некогаш стоеше во нашиот Устав, туку дека ова е сојуз на етнички заедници од кои едната, најголемата, која нема идентитет, може да добие дозвола од Атина и Брисел да се именува како славјанска. Тука некаде е и неговата прецизна анализа дека ова е држава без демократски капацитет. За разлика од Грција која тој капацитет одамна го има постигнато. Токму така како што тврдат некои наши партии и нивните огласни табли наречени репресирани медиуми. Затоа оставете ја таа килава работа со такви како Орбан. Барем да имаше човекот столче во Брисел какво што имаат и другите премиери на членките на Унијата, па некако и да го голтнеме тоа. Ами вака?

И да не заборавиме. Не се различни, на пример, ниту тие од Словенија или Хрватска. Што имаа онаа Весна Пусиќ да кажува дека Република Македонија треба да биде членка на НАТО. Кој и дал такво право, без притоа да спомене дека Владата на Македонија има најголема вина околу проблемот со името? И каква е таа македонска политика која на ваква провокација од Загреб не одговорила со остра нота? Таа нас ќе ни кажувала. Нека си ја гледа таму работата.

Во истата група беа и бугарските премиери додека сметаа дека Македонија без резерви треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но од пред некоја година, Бугарија се освести, па сега може на нејзините репрезенти да и се делат ордени. Што би било добро и за нашите внатрешно-политички пресметки. Оти така би добиле слика за пробугарашка вмровско-албанска влада која дели ордени на Бугари. Сеедно што се освестени и што немаат различна слика од таа на Венизелос.

А, патем, да беше оваа влада фиљан, досега ќе му доделеше орден Виталиј Кличко. Борецот за европска Украина. Која може без греење и храна да остане, ама европска ќе биде. И чудно, како досега не му паднало на памет на Груевски во знак на помош и солидарност кон борбата на украинскиот народ, во Киев да испрати автобуси со демонстранти кои ќе ги поткрепат протестите. Мешање во внатрешни работи на друга земја? Да, ама зар не е побитна европската идеја? Зар не одеа комунистите да се борат во шпанската граѓанска војна? И, ајде што тоа не му паѓа на памет на Груевски. Тој и онака е за Москва и Пекинг (додуше не с еразлични ни Меркел и Обама, ама тоа не мора секогаш да се спомене), ама зошто Заев не го прави тоа? Можеби не се сетил човекот, но зар не се кај него Европјанките по душа и крв Шеќеринска или онаа Лидија Димова. Што прават тие во Скопје наместо да се на барикади во Киев? И впрочем, што прават овде западните амбасадори, кога веќе не регрутираат луѓе за борба за светлата идеја. Го бројат редовите по весници и мерат минути на телевизиите? Каде се билбордите, каде се нивните медиуми да ја турнат малку нанапред борбата за обединета Европа. Кога веќе се арчат пари, барем тоа да биде за добробит на човештото, а не за некакви политички пресметки со одредени македонски политички партии.

Но, да се вратиме на Венизелос. Типот сака кавга. И затоа не навредува, не омаловажува. И види интересна работа, нема реакција на западните борци за човекови права стационирани во Македонија и на нивните шефови. За употреба на зборот „педер“ наместо хомосексуалец, досега ќе добиевме салва, ама кога нивниот сојузник Венизелос не плука, и тоа онака селски, молк. Штама. Зашиени усти и исечени јазици. Нема изјави, огласи за обука на новинари и конкурирање со проекти за развој на слободомислечки медиуми во Грција.

Не, туку се чека нас да не фати некаква хистерија околу неговите пријателски зборови. Ама не може зашто овде една половина не смета дека на такво нешто воопшто може нормално и разумно да се одговори, а другата во Венизелос гледа месија. И затоа е и молкот. Кој Грците изгледа не го сфаќаат. Што само покажува дека Македонците и и Грците не се исто. Ниту некогаш биле.