• 03.08.2021 20:51

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Љупчо Цветановски – „Малерот Заев“

Bysrs-editor

Jun 17, 2021

Подобро 100 црни мачки патот да ти го пресечат отколку еден Црни Заев да навива за тебе. Да, за жал, го видовме и на дело урокливото оче на Зоче, башка, на државен трошок. И да, не бадијала трите гола на Австријците беа безвезни, малерот ЗЗ беше на трибините. Всушност, со ваков малер на стадионот, добро е што не беше 9:1.

Во исто време кога Зочето, Бујар и Крешник ширеа лоша енергија во Букурешт, другарчето му Седат Пекер го фатија во Дубаи. Оној мафијашот со македонски пасош кој се фалеше дека си одел на гости кај Зочето. Епа малер Седат, тоа ти е, ЗЗ те урочил, кој те тераше да се дружиш со него. „С ким си, такав си“ велат северните соседи на насила северизираната Македонија од Западниот Балкан кој гравитира во Југоисточна Европа. Иако, во овој случај со Заев и Пекер „с ким си, такав си“ и не е баш така. Да, каков-таков, Седат е многу почесен од Зочето…

Само, да не се повтори 24 јуни 2018-та, кога со истото тоа авионче Заев, Анѓушев, Бујар и Димитров долетаа со дигнати палци и „донесоа“ датум за преговори со ЕУ, датум од кој и три години потоа, нема ни абер… Од стариот лажго-датум тим, Бујар и ЗЗ се тука, Крешник го менува Анѓушев, а соодветна замена на Димитров е Зорица. Гарант е и поголем муж од Николчо…

Проблемот е што додека глумат дека навиваат за Македонија, Зоче и Буки муљаат ли муљаат со Радев и компанија, а имајќи ги предвид нивните вистински чувства кон Македонија и се што е македонско, воопшто нема да изненади нова продажба на националните светии. Напротив, им личи, би не’ изненадило доколку не го сторат тоа, нели.

Во исто време, заплака уште еден фатен од урокливото оче на Зоче. Лелекот на Коѕијас ги потресе северџаните кои се многу чувствителни на грчко-бугарски желби и аздиси. И овој Никос, кој сега не е министер ни бутур поради дружбата со Зокија, побара северџаните да го почитувале договореното. Во дует со уште еден урочен од Зокија, со Бојко Љубави. Тој пак пустиот, тажен што Стево му раскина, залелелка и побара Румен да не им попуштал на Македонците.

Ако не верувате што малериште е, прашајте ја Тереза Меј, Меркел или Ципрас, а може и Могерини или Хан, ги има десетици, стотици урочени. Впрочем, не одете подалеку, прашајте го Рашко. Не е тајна дека малерот прејде и на соселанецот му Дончев, а добро стоеле и со Димова. За блискоста со Катица и Боки сите знаете. На страна што ги зарази со болеста „лепливи рачиња“, ама да не им бил Зоки малерот во близина, уште дооооолго ќе им лепеле. Таксират малерски…

И така, додека во земјата во која бајачите против урокливото оче на Зоче станаа најбарана фела се чекаше на неговиот „патоказ“  со Бугарија, македонскиот патоказ покажуваше дека за доброто на Македонија, Заев треба под итно да си оди од Влада. Ама не во Букурешт, никако, не пак. Аман, при дуелот со Украина дајте му некоја вреќа со евро за црквата, евро за Вицето за да се занимава пустиот, да не шири тоа малерот врз репрезентација, нека брои азно ко Баја Патак…

А најдобар бајач, видар, истерувач на ѓаволот или врач за малерот на ЗЗ да ти бил народот македонски. Ни помалку ни повеќе. И малерот, тој да се поништувал лесно. Се излегувало на улица, па на избори. И збогум малер. Не седејќи дома, мрчејќи, броејќи протестанти на протести и фаќајќи сеир. Јок. Докажано, непокор, улица и избори се најсаглам иљач за урокливото оче на Зоче…

Колумната е оригинално објавена за порталот kurir.mk.