• 31.07.2021 15:40

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Џејсон Мико – „Лаги и потчинување“

BySarissa Editor

Feb 8, 2021

Минатата недела пишував како лагите стануваат општо прифатени во контекст на принудното преименување на Македонија, наведувајќи неодамнешна подкаст емисија во која поранешниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли даде негово сведоштво за овој период. Бејли лажеше. Требаше да забележам во колумната дека на овој начин лагите кои тој и други ги кажуваат, стануваат прифатени (главно) од западните елитисти – политичарите, бирократите, новинарите, професорите, аналитичарите и други. Македонците се разбира никогаш нема да ги прифатат овие лаги, но западните елити кои ниту познаваат Македонци ниту им е гајле за Македонија, и на драго срце ќе ги прифатат лагите на Бејли.

Ја почнав колумната наведувајќи цитат кој британскиот писател Даглас Мари (автор на книгата Чудната смрт на Европа и Безумноста на толпите) го презема од писателот Теодор Дарлимпл, кој вели дека лагите се начин луѓето да се држат деморализирани. Во денешната колумна, ќе се обидам да кажам нешто повеќе на таа тема.

Во друго интервју, Мари вели дека кога ги терате луѓето да се согласат со вашите лаги, „…ги понижувате луѓето и со тоа знаете дека се подготвени да направат било што за вас…“. Мари раскажува приказна која ја опишува Вацлав Хавел (покојниот писател и подоцна претседател на Чехословачка и на Чешката Република), од неговото познато дело Моќта на немоќните. Хавел пишува за бакалница во една тоталитарна држава чиј сопственик е принуден да стави знак „Работници од светот, обединете се“. Продавачот мора да го стави ова за да покаже дека е лојален на државата (и за возврат, да му се дозволи да продолжи да го води својот мал бизнис), но со овој чин, тој е потчинет. Според Мари, истакнувањето на знакот можеби е мал гест, но тој е знак на неговата покорност, и „го потсетува дека не е човекот што би можел да биде“. На крајот, „тој ги мрази луѓето што го натерале да го закачи знакот“.

Нели е ова истото што тој мал збор, „Северна“, претставува за Македонците? Терајќи ги Македонците да се потпишат на службени документи со името „Северна Македонија“, терајќи ги македонските деца да ги слушаат учителите како им зборуваат за историјата на „Северна Македонија“, издавајќи пасоши, возачки дозволи, лични карти и други документи под името „Северна Македонија“ и наскоро принудувајќи ги Македонците да користат валута на која ќе пишува „Северна Македонија“, Владата на Зоран Заев, и тие кои го поддржуваат, почнувајќи од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, разните ЕУ амбасади, НАТО и другите меѓународни организации во Македонија – сите овие фактори им велат на Македонците дека „сте потчинети под нас“. Нели Македонците кои се принудени да го прават сето ова, нели на крајот ќе ги замразат тие што ги тераат да постапуваат вака? Јас не сум Македонец, а сепак ги мразам и презирам за сето ова.

Што да направиме во врска со овој нивен обид да ве потчинат? Има разни начини да се спротиставиме и да се бориме (и конечно, да ја поништиме оваа одлука).

Како прво, во своето интервју, Мари опишува човек кој не се согласува со оваа постапка, кој одбива да живее во лага, „…кој на тивок начин се чувствува многу подобро во однос кон себе и мисли дека ќе биде подобра личност и ќе постигне повеќе во својот живот, бидејќи се ште има самопочитување“. Можат да ве натераат да го потпишете документот, да ги слушате нивните предавања, да ги носите нивните значки и натписи со омразениот збор и придавка, но не морате да го прифатите. А знам дека Македонците нема да го прифатат тоа што им е наредено.

(Една причина поради која што верувам дека таканаречениот спор за името не е високо на листата на приоритетите при политичките анкети – е тоа што Македонците едноставно не го користат зборот на „С“. Точно, западните елити укажуваат на анкетите и велат – „гледате, не им е гајле за името“! Ова е уште една од нивните лаги).

Второ, бидејќи Македонците нема да им ги прифатат лагите, Македонците мора – и ова морам да продолжам да го повторувам – апсолутно мора да всадат во своите деца сознание што тоа значи да се биде Македонец. Бидејќи семејството е основната институција на секое општество, и улогата на семејството е да обликува и оформува, родителите, постарите деца, подалечните роднини, бабите и дедовците, сите членови на семејството, имаат обврска да ги учат најмладите, најмалата генерација, да им објаснат како стоја работите, да им помогнат не само да разберат туку и да осознаат зошто овие прашања се витално важни. Учете ги дома што значи да се биде Македонец, што е македонската историја, јазик, култура и вера. Тоа, според Мари, е витално да им помогнете на македонските деца да „бидат подобри личности“ и ќе им помогне да постигнат повеќе во своите животи затоа што ќе имаат самопочитување.

Многу пати сум го напишал ова, бидејќи е воедно и едноставно и многу тешко. Ако не е решението, учењето на младите е секако најголем дел од решението за тоа како да живееме со вистината, а не во светот на лагите.

Колумната е оригинално објавена на порталот свест.мк.