• 20.04.2021 22:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Конзервативната идеологија и вредности се главната движечка сила по која треба да се водиме во иднина

BySarissa Editor

Nov 30, 2020

Интервју со Тамара Митковска, лидер на Клубот на млади конзервативци во Институтот за конзервативни политики „Сариса“.

Вие сте млад студент кој допрва запливува во академските води, која е причината да се најдете во Институтот „Сариса“, особено во клубот на млади на Институтот?

Да, јас сум прва година од студиите на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје. Во Институтот „Сариса“ сум од неодамна, односно од самото негово основање. Конзервативната идеологија и вредностите за кои се залага овој Институт, поттикнаа во мене низа размислувања, пред се за тоа во какво семејство сум растена и кои вредности ми ги имаат пренесено моите родители, а кои секако ги наследиле од нивните родители. Тука пред се мислам на традицијата, културата, образованието, религијата и обичаите. Тоа се вредностите во кои се пронајдов и верувам дека се главната движечка сила по која треба да се водиме во иднина.

Која е Вашата улога во Институтот „Сариса“?

Како Клуб на млади конзервативци, улогата ни е да се постигне обединување на што повеќе млади околу оваа идеја. Во Македонија, но и надвор од нејзините граници, има се повеќе млади кои се навраќаат на традиционалните и културни вредности, негувани години наназад и се се погласни во промовирањето на овие вредности. Денес, младите се се поприсутни во Црквите, вклучени се во повеќе акции за помош и поддршка на социјално загрозени семејства, нудат и учествуваат во разни проекти за унапредување и одржување на стабилна пазарна економија, ги одржуваат традиционалните вредности и активно учествуваат во развојот на културните и образовните процеси во државата. Но, ваквата поделба по области и настапот како единки во своето делување, не дозволува доволно да се слушне нивниот глас, за да тој стане кредибилен и земен предвид при креирањето на клучните државни политики. Затоа, потребно е обединување на младите, нивно враќање во државата и секако организирано делување. За таа цел сакаме да развиеме мрежа на млади конзервативци во сите градови во Македoнија и од дијаспората. Верувам дека ние во Институтот „Сариса“ имаме капацитет да ја спроведеме оваа улога.

Во Вашите досегашни колумни и обраќања потенцирате неколку столба важни за младите, па ако може да ни кажете нешто околу тоа?

Да, на самиот почеток си зададов задача да поставам неколку столба како основа на која младите треба да ги надградуваат конзервативните вредности. Тоа се 5 столба на број и се однесуваат на моралот, припадноста, континуитетот, делотворноста и доследноста.

Овие 5 столба својата улога можат да ја најдат во сите облици во општественото живеење, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со здравството, религијата, културата, одбраната и безбедноста, образованието и науката, економијата итн. Со оваа класификација од една страна настанува одвојување од секојдневните „жешки теми“ со кои се окупираат младите од речиси сите медиуми, со што значително би се отргнале и предрасудите кои поради овие прашања се појавуваат во јавноста и поради кои сме често напаѓани како конзервативци, а од друга страна пак истата е доволна за да ја истакне суштината како одржлива во секојдневното живеење.

Ваквата поделба, покрај тоа што опфаќа повеќе такви теми кои секојдневно ја брануваат јавноста, истата наметнува одговори и на низа дополнителни нерешени прашања и ставови од кои секако зависи нашата краткорочна и долгорочна иднина.

Која порака би ја испратиле во јавноста, а која е клучна за реализацијата на идејата која ја застапувате и улогата која ја има Клубот на млади конзервативци?

Јас би сакала да упатам не една туку неколку пораки, кои ги сметам за познајачни и кои треба да допрат до јавноста, пред се младата популација, а со тоа како млади конзервативци овој идеолошки принцип да го наметнеме во стварноста.

Ние, не сакаме да заминеме засекогаш од својата држава, бидејќи е таа од и на нашите предци!

Ние, сакаме да бидеме, а не да имаме!

Ние, на светот гледаме со љубов и на нас човековото достоинство ни е императив! На тој начин, преку делотворна љубов,  да го смениме светот.

Младите мора да бидат актери, а не само неми набљудувачи оставени на страна и маргинализирани!

Како движечка сила, на народот мора да му ја вратиме изгубената доверба во институциите и да го вратиме вреднувањето на неговиот труд.

Затоа, мора да бидеме активни, еманципирани, вклучени и препознати, афирмативни, доследни, конструктивни, елоквентни. Да се залагаме за нешто, а не против нешто!

Сосема за крај, како можат младите кои ќе ги слушнат вашите пораки да се приклучат кон Клубот на млади конзервативци?

И во оваа прилика сакам да упатам покана до сите млади до 27 години, кои живеат во Македонија, но и оние од дијаспората, кои сметаат дека своите животни ставови ги темелат на овие конзервативни принципи и имаат желба да се приклучат и да дадат свој придонес во Kлубот на млади конзервативци, тоа можат да го направат преку фејсбук страната на Институтот „Сариса“ или на мејл: info@sarissa.mk.