• 11.04.2021 11:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Континуирана финансиска поддршка за опстанок на туристичкиот сектор

ByHristijan Risteski

Feb 4, 2021

Лиценцираните туристички агенции и водичи се со крајно лимитирана деловна активност и се соочуваат со бројни предизвици и голема неизвесност. Туристичко-угостителската комора на Македонија апелира за континуитет на економските мерки кои дадоа резултати за да се спречи загуба на работните места, и истите да се овозможи да се дел од петтиот пакет мерки за економски спас.
Туристичките агенции апелираат да се продолжи со мерките за поддршка на секторот и да нема застој во исплата на финансиската поддршка за плати, бидејќи тоа ќе има големо влијание врз задржувањето на работните места и опстанокот на оваа дејност во која се вработени над 3.000 луѓе во околу 500 регистрирани правни субјекти.


„Туристичкиот сектор во услови на бројни бариери за транзит низ границите предизвикано од кризата се уште се наоѓа во исклучително тешка состојба поради што апелираме да се продолжат мерките за поддршка. За опстанок на секторот неопходен е континуитет, односно да нема застој во обезбедување на финансиска поддршка за исплата на плати. Овој сектор се соочува со ограничувања, но веруваме дека со соодветна и навремена финансиска помош од државата, проактивен однос на туристичките оператори и строго почитување на протоколите може да се надминат состојбите и да се зачува деловната активност и вработувањата додека да се подобрат состојбите“, изјави Ана Марија Алексова, која посочи дека и за превозниците е од исклучителна важност да има промена на протоколите, односно да се дозволи зголемување на процентот на дозволена исполнетост на капацитет на автобусите.
„Бараме ограничувањето од 50 отсто на дозволената пополнетост на капацитетот на автобусите во меѓународниот и регионалниот превоз да биде зголемено на 75 отсто, со почитување на дополнителните протоколи за заштита првенствено носење маски. За организирање на превозот во вакви услови е на работ на рентабилноста, додека за споредба во воздушниот превоз е дозволено капацитетот да биде целосно исполнет“, истакнува Алексова.


Поради намалениот број на туристи и немањето на туристички аранжмани во исклучително неповолна состoјба се наoѓаат и туристичките водичи и придружници.


“На раб на егзистенција сме бидејќи немаме никаква работа ниту приходи скоро цела година, поради што бараме и со петтиот пакет на мерки да продолжи континуитетот на поддршката што ја добивме во форма на неповратна финансиска помош“, изјави Елвир Садиковиќ.
Според последните податоци на Заводот за статистика бројот на туристите во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, е намален за 66.6 %, а бројот на ноќевањата е намален за 64.5 %. Во периодот јануари ‒ ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 61.2 %, и тоа кај домашните туристи има намалување за 20.3 %, а кај странските има намалување за 84.4 %. Туризмот е значајна гранка во националната економија и претставува голем потенцијал за поттикнување на нејзиниот раст, но се покажа за исклучително чувствителен на надворешни влијанија како што е актуелниот случај на кризата предизвикана од глобалната пандемија.