• 21.04.2021 09:28

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Концептот на фискален конзервативизам

BySarissa Editor

Dec 16, 2020
Ненад Јаневски

Фискалниот конзервативизам е политичка и економска филозофија заснована на фискална политика и фискална одговорност, која се залага за ниски даноци, намалено владино трошење и минимален јавен долг. Слободната трговија, приватизација и намалување на даноци се дефинирачки квалитети на оваа идеологија. Фискалниот конзервативизам ги има истите филозофски погледи како класичниот либерализам и економскиот либерализам.

            Поимот ги влече своите корени уште од времето на т.н. „Нов договор“ (The New Deal) од 1930те години на двеаесетиот век, како резултат на политики иницирани од класичарски либерали кои почнале себеси да се нарекуваат конзервативци, бидејќи не сакале да се поистоветуваат со либерализмот во САД во тие години. Во триесетите години од дваесетиот век поимот либерализам се поистоветувал со социјална држава и еднакво распоредување на богатството, односно високи даноци, на што се спротивставиле малите претприемачи и работодавците.

            Фискалниот конзервативизам е еден од трите постулати на кои се базира конзервативното движење кое се појавува во педесетите години од дваесетиот век, заедно со социјалниот конзервативизам и националната безбедност. Тој е економска филозофија на претпазливост на државничките трошења и националниот долг. Конзервативците застапуваат принципи на избегнување на дефицитарно трошење, намалување на се вкупнотовладино трошење и на јавниот долг и осигурување на балансиран буџет. Со други зборови, фискалните конзервативци се против владини трошења надвор од своите можности преку задолжување, но тие би избрале задолжување наместо зголемување на даноците во државата.

            Иако сите фискални конзервативци генерално се согласуваат за мала и помалку скапа државна власт, има несогласувања во поглед на приоритетите. Имено, има три погледи или фракции и сите застапуваат одредени гледишта. Првата подгрупа се залага за балансирање на владиниот буџет и намалување на државниот долг, гледајќи го како економски штетен и морално не фер, бидејќи пренесува обврски на идните генерации кои немале никаква улога во донесувањето на одлуки за денешното фискално и даночно планирање. Оваа подгрупа пред се залага за зголемување на даноците, отколку зголемување на државното трошење доколку дополнителните приходи се користат за намалување на државниот долг.

            Втората група го става повќе става акцент на намалување на даноци одколку намалување на трошоци или намалување на јавниот долг. Со ова гледиште се пропагира идеологијата дека со ниски даноци ќе се зголеми потрошувачката, инвестициите и вработувањето, а со тоа ќе се зголемат државните приходи. Според нив, овие додатни државни приходи, на долг рок ќе го намалат јавниот долг. Тие цврсто стојат на тезата за намалување на даноците, дури и доколку тие ги намалат државните приходи на краток рок.

            Третата подгрупа прави мала разлика помеѓу долг и даноци. Оваа група дава акцент на намалување на државното трошење, пред рестриктивна даночна политика или намалување на јавниот долг. Тие тврдат дека трошењето на државата треба да биде „домаќинско“ и дека не е важно како таа се финансира. Нивното размислување е дека секој потрошен денар од страна на државната власт се пари земени од џебот на граѓаните, без разлика дали тие пари доаѓаат од даноци или задолжување. Даноците се всушност прераспределување на куповната моќ, а со тоа не се стимулира производството, инвестициите и вработувањето, туку ги припрема инвеститорите и работодавачите да очекуваат повисоки даноци во иднина.

            Од претходно претставеното, фискален конзервативизам значи балансиран буџет. Да не се влегува во дефицит кој наредните генерации неможат да го поднесат, а средствата да се користат за решавање на денешните проблеми. Тоа значи подобрување на ефикасноста и ефективноста на испорака на добра и услуги преку изнаоѓање на иновативни решенија да се направи повеќе со помалку. Намалување на даноците кога тоа е можно, но разумно. Да се зголемат само кога тоа е неопходно за да се избалансира буџетот, но само во комбинација со намалување на државничкото трошење. Тоа значи, кога има суфицит да се штеди а, не да се зголеми трошењето. И најважно да се биде фискално конзервативен значи припремање и предвидување за евентуална рецесија.